Владата на денешната седница го разгледа и прифати ревидираниот оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година.

Со ревидираниот о0перативен план обезбедени се дополнителни средства за активни програми и мерки за вработување со ребалансот на буџетот на Република Северна Македонија во износ од 284.960.000 денари за да се зајакне пристапот до активните политики за пазарот на труд, особено за нискоквалификувани невработени лица и лица од ранливите категории, како што е предвидено со акциски план за реализација на препораките од заедничките заклучоци од економско-финансискиот дијалог од јули 2021 година.

Од вкупно предвидените средства за оваа намена, 36.900.000 денари се наменети за Програмата 1, односно за поддршка за самовработување (претприемаштво) за дополнителни 115 самовработувања; 153.750.000 денари за мерката за субвенционирање плати за 674 дополнителни невработени лица; за имплементација на нова пилот-мерка за субвенционирање плати во текстилниот сектор во Источниот Плански Регион за 300 невработени лица во висина од 73.800.000 денари, како и 15.289.200 денари за мерката вработување и раст на правни субјекти за 127 дополнителни вработувања.

Со овие измени и дополнувања, со ревидираниот оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година, ќе се зголеми опфатот на корисниците на програмите за вработување за 1.216 невработени лица.