Во последниве години постојано имаме пад на каматите на депозитите во банките, поради што за орочените средства граѓаните добиваат сѐ помалку пари, но и понатаму штедните влогови не се намалуваат. Од друга страна, ги прашавме експертите кои се други можни алтернативи за пласман на расположливите средства на граѓаните

Имаат ли опции граѓаните за инвестиции и кои се нивните можности? Недостига ли доверба или иницијатива за тргување на берзата или, пак, недостигаат инструменти што би ги поттикнале граѓаните на различни типови инвестиции? Ова се дел од прашањата што се наметнуваат по информациите дека во банките граѓаните чуваат солидна сума средства.
Упатените во проблематиката посочуваат дека, од една страна, граѓаните имаат голема доверба во банките, поради што голем дел од средствата ги оставаат кај нив иако за депозити каматите се многу ниски и заработката е минимална, а во некои случаи дури и ја нема. Но, исто така, се посочува дека недостигаат инструменти и иницијатива кај граѓаните за преземање ризик и учество на берзата, каде што нивните финансии би биле повеќекратно оплодени.

– Во последниве години се забележува големо раздвижување на пазарот на финансиски инструменти. Имаме пораст на обемот на тргување, во вредноста на акциите, но и во резултатите на компаниите, што, секако, се одразува и врз дивидендите, па сопствениците на акции добиваат поголеми суми благодарение на доброто работење на компаниите. Ова, секако, е причина плус за граѓаните да инвестираат во акции, односно да се активни на берзата. Денес веќе граѓаните имаат избор. Ако имаат средства што сакаат на некој начин да ги вложат и тоа да им се врати со заработка, тоа можат да го направат на берзата, а тој инструмент сѐ повеќе и се користи – посочува Коста Костадиновски, главен извршен директор на „Илирика фунд менаџмент“, друштво за управување со инвестициски фондови.
Костадиновски истакна дека забележливо е дека дел од граѓаните што имаа финансии на располагање вложуваат и во недвижнини. Но тој посочува дека, за разлика од недвижнините, вложувањето во акции е поповолно и поликвидно, бидејќи со нив може полесно да се тргува отколку со недвижнини.

– Факт е дека во светот има повеќе различни финансиски инструменти, но сметам дека за овој пазар и за овој волумен на тргување засега имаме доволно можности за инвестиции и за вложување. Морам да истакнам дека искуството покажало дека вложувањето во акции е многу попрофитабилно, за сметка на преземениот ризик, отколку што е штедењето на парите во банките или вложување во недвижнини – додава Костадиновски.
Депозитите кај домашните банки се речиси во постојан пораст во изминатите години. Трендот произлегува од повеќе фактори, пред сѐ од довербата и сигурноста што банките ги уживаат кај домашните субјекти, обемот на понудата на инвестициски алтернативи во економијата, висината на животниот стандард, вообичаените штедни навики кај населението, присуството на претприемачки дух и инвестициски идеи и слично. При кризни епизоди, како глобалната финансиска криза, должничката криза во Грција, домашната политичка криза, се забележува намалување на износот на депозити кај банките.

– Опции за инвестирање како алтернатива на штедењето постојат, но колку се тие атрактивни е посебно прашање. Македонија има ригидни механизми и пенали во случај на мали прекршоци, што создава и воздржаност кај инвеститорите. Оние што не се храбри или не се стручни во берзанското работење, а бидејќи не е развиена практика кај граѓаните да бараат совет и да користат услуги од разните консултанти и агенции што работат на тоа поле, ја практикуваат најсигурната варијанта, а тоа е штедењето во банки, кое е веќе целосно неисплатливо. Алтернативи на штедењето имаме, но прашање е колку тие се користат – посочува професорот Живко Атанасовски.

Тој додава дека промените што се направија во даночниот систем исто така ќе влијаат дестимулирачки врз инвеститорите, бидејќи се зголемува даночниот опфат на имотот, на капиталните добивки, што на некој начин го зголемува и опфатот од заработка на берзата…
Во последниве години имаме постојано пад на каматите на депозитите во банките, поради што за орочените средства граѓаните добиваат сѐ помалку пари, но и понатаму штедните влогови не се намалуваат.
– Има намалувaње на каматите на депозитите, бидејќи го следат падот и на каматите на кредитите. Ако се разгледа низ годините, висината на каматите на кредитите и на депозитите, ќе се забележи дека разликата меѓу нив секогаш е слична. Точно е дека поради големиот пад на каматите на депозитите се намалува и стимулот кај граѓаните за депонирање на средствата во банка, односно за штедење, бидејќи заработката е многу мала. Намалената заработка е причина граѓаните да се вртат кон друг тип инвестирање, поточно кон купување акции и хартии од вредност, но има и такви што вложуваат и во недвижнини. Но искуството покажува дека мал дел граѓани се решаваат на таква инвестиција, бидејќи ја сметаат за поризична – вели поранешниот гувернер Љубе Трпевски.