Народната банка, поради динамичните глобални движења, годинава направи промени во стратегиските цели, така што главните процеси што ја дефинираат новата стратегија се таканаречените зелени финансии, глобализацијата, технолошкиот напредок и иновациите, финтек-индустријата, надворешните шокови… За новиот стратегиски план на банката, како што соопштија оттаму, вицегувернерката Ана Митреска зборувала на една од овдешните телевизии.
– Планот содржи девет стратегиски цели, некои од нив традиционално поврзани со мандатот на централната банка, спроведување на монетарната политика, стабилноста на банкарскиот систем, непреченото функционирање на платните системи и управувањето со девизните резерви, но со ставање акцент на предизвиците и на новите трендови што ќе бидат присутни во овие сфери во следните три години.

Во планот утврдивме цели што се директен и визионерски одговор на динамичните промени што од нас бараат посебно внимание. Такви цели се: транспарентноста и отчетноста на централната банка, вложувањето во финансиската едукација и зголемувањето на свесноста за климатските промени и придонесот за зелена одржлива економија – кажала Митреска.
Вицегувернерката нагласила дека во глобални рамки, сѐ поголемо значење добиваат активностите на централните банки за ублажување на несаканите економски последици од климатските промени, вклучувајќи ги и ефектите врз финансиските системи. Следејќи ги овие трендови, како што се посочува, во стратегискиот план е вклучена посебна цел поврзана со климатските промени и потребата од „зелени финансии“.
– Со овој план се предвидоа и поттикнување и развој на истражувачката дејност во областа на „зелените финансии“, како област што треба да се вгради во приоритетите на секоја општествено одговорна институција, а заради придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што во крајна линија би обезбедило повисок животен стандард и унапредување на квалитетот на животот за нејзините граѓани. НБ почна со оперативни активности за поддршка на „зелените финансии“ во доменот на своето работење – истакнала Митреска.