Премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, денеска во Владата одржаа средба со претставници на оризопроизводителите од Кочанскиот Регион, на која присуствуваше и градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илиев.

Средбата беше искористена за разговори и договори за димензионирање конкретни решенија, кои ќе бидат поволни за оризопроизводителите и за откупувачите на ориз, за што поуспешен пласман на годинешната реколта на оризова арпа и ориз.

По консултациите и разговорите, премиерот Заев нагласи дека Владата ќе излезе во пресрет со цел изнаоѓање најдобри решенија за исполнување на барањата на оризопроизводителите.

Од премиерот Заев и ресорниот министер Хоџа беа изнесени предлог-решенија, кои беа прифатливи за претставниците на оризопроизводителите и во наредните неколку дена ќе бидат интензивирани комуникациите со откупувачите на ориз и оризова арпа за соодветно исполнување и спроведување на предложените решенија, информираат од Владата.

Додаваат дека претставниците на оризопроизводителите изразиле задоволство од предложените решенија и истакнале дека ќе упатат апел до откупувачите да бидат коректни во разговорите со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, со цел изнаоѓање најповолно решение за сите страни.