Премиерот Зоран Заев попладнево го прими директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, кој учествуваше и на „Македонскиот енергетски форум 2021“, кој во организација на ЗИП Институтот, Амбасадата на САД во земјата и Владата, денеска и утре се одржува во Скопје.
На средбата беше изразена благодарност за поддршката којашто ја дава Секретаријатот на Енергетската заедница за имплементација на законодавството во делот на енергетиката во Република Северна Македонија, пришто позитивно беше оценет напредокот во реформите во легислативниот дел, во насока на имплементација на Третиот енергетски пакет на законодавството на Европската Унија.
Премиерот Заев истакна дека за разлика од минатото, Владата активно работи на искористување на она што ја карактеризира нашата земја, а тоа се сонцето, ветерот и водата, за успешно постепено менување на производството на електрична енергија од јаглен со производство на електрична енергија од обновливи извори.
Притоа Заев информираше за различните фази на инвестициите, споменувајќи ја фотонапонската електрана во Осломеј од 10 мегавати, која до крај на октомври годинава ќе биде готова, односно вкупно 170 мегавати електрани на сонце или 10 пати повеќе од 17-те мегавати изградени во претходните 11 години.
Истакнувајќи дека Владата е насочена кон обезбедување погодни услови за инвестирање особено во енергетскиот сектор, премиерот подвлече дека со донесувањето на Законот за стратешки инвестиции, се отворија можности за препознавање на заложбата од страна на големите инвеститори и веќе неколку сериозни инвеститори доставија официјални проекти за стратешки инвестиции како што се „WPD“ од Германија за изградба на 415 мегавати ветерна електрана, „EFT Group“ за изградба на 80 мегавати фотонапонска електрана, а неколку други сериозни инвеститори искажаа интерес за инвестирање во големи енергетски инфраструктурни објекти, односно проекти вредни стотици милиони евра.
Директорот Копач упати честитки до Заев за позитивниот исчекор направен во изминатиот период посочувајќи дека земјата бележи напредок во однос на имплементација на законодавството на Европската Унија од областа на енергетиката.