„Јас не се возбудувам на сѐ што гледам околу мене…
Ама, за ништо на светов не би сакал
да ја сменам татковината, ни да имам
друга историја, освен историјата
на моите предци“.
Пушкин на Чадајев во 1836 г., Петроград
На овој ден камбаната бие
со воскликот на Вапцаров
„Оваа земја не е моја“.
На овој ден е роден
Славко Јаневски,
од сега овој роденден
започнуваме сите
да го паметиме.
На овој ден духот
на „Сердарот“ го населува
духот на Слугата Јернеј
и започнува потрага
по загубеното право.
На овој ден започнува
еден срам
едно скинато перде
со голема дупка
низ која секој
влегува и излегува
без срам.
На овој ден доаѓа „Т’га за југ“
зашто „овде е мрачно
и мрак ме обвива
и црна земја м’гла покрива“.
На овој ден Константин
е сосема тука
и една кукавица
со нејзиното јато
во подземните коски
му клука.
На овој ден се пее
песната на Мирвет Беловска
„Црна се чума зададе“
и ечи овој глас
над сите нас
и ние,
во него сме,
црни – скаменети.
Гордана Михаилова Бошнакоска