Претседателката Гордана Силјановска-Давкова порача дека добрососедските односи треба да придонесуваат за приближување кон Европската Унија, а не да се користат како средство за неодредено одложување на европската перспектива на земјата.
Ова го истакна во обраќањето на заедничката седница на собраниската Комисија за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на која се разгледуваше Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2026 година.
На почетокот од своето обраќање, Силјановска-Давкова нагласи дека полноправното членство во Европската Унија останува стратешка цел на државата. Притоа, посочи дека преговорите треба да се водат врз основа на европските правила и вредности, со почитување на еднаквоста, правната сигурност и принципот на заслуги.
Според претседателката, во евроинтеграцискиот процес постојат четири клучни проблеми: недоволна предвидливост на понатамошниот тек на пристапувањето, нејасната граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања, недостигот од институционални гаранции за напредок по исполнувањето на договорените услови, како и условот за уставни измени, кој е присутен во процесот од 2022 година.
– Мора да сториме нешто сите заедно и ние, и нашите соседи, и нашите европски партнери, за да излеземе од лавиринтот. Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен – порача Силјановска-Давкова.
Таа упати порака и до соседните држави, нагласувајќи дека добрососедската соработка треба да биде фактор што ќе го забрза европското интегрирање, а не пречка за негово остварување.
Претседателката истовремено побара од Европската Унија јасно да дефинира дека билатералните прашања кои не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговарачкиот процес, како и да обезбеди институционална примена на овој принцип.
Осврнувајќи се на уставните измени, таа повтори дека тие не претставуваат реформа што произлегува од правото на ЕУ, туку услов кој, како што рече, е надвор од европското законодавство, иако е содржан во заклучоците поврзани со процесот.
Силјановска-Давкова оцени дека европскиот пат на Македонија нема да биде лесен ниту во наредниот период, поради што е неопходно да се постигне повисоко ниво на политички консензус во Собранието. Таа повика на конструктивен дијалог, меѓусебно почитување меѓу трите власти, соработка со граѓанскиот сектор, поинтензивно спроведување на реформите и доследно почитување на принципот на заслуги.
На крајот од обраќањето, претседателката повика расправата за извештајот да биде конструктивна и да придонесе за надминување на утврдените слабости, но и за зајакнување на позитивните резултати во евроинтеграцискиот процес.
На седницата се обратија и евроамбасадорот Михалис Рокас, министерот за европски прашања Беким Сали, претседателот на Комисијата за европски прашања Антонио Милошоски, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Венко Филипче, како и повеќе пратеници.
































