Фото: Пиксабеј

Русија планира во текот на оваа година да лансира во орбитата сателит што носи нуклеарно оружје, објавија германски медиуми, повикувајќи се на информации од разузнавачките служби на земји членки на НАТО. Кремљ денеска ги демантираше овие тврдења, оценувајќи ги како шпекулации што не треба да се сфатат сериозно.

Германските медиумски куќи НДР (NDR) и ВДР (WDR), како и весникот „Зуддојче цајтунг“ (Süddeutsche Zeitung), објавија дека германската Федерална разузнавачка служба (БНД) и Бундесверот размениле информации што укажуваат на постоење сателит со ознака „Спутник-С“.

Според објавените информации, сателитот бил изработен пред неколку години и во моментов се чува во московскиот регион. Германските медиуми наведуваат дека Русија би можела да го лансира во вселената уште годинава.

На овие тврдења денеска реагираше портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој ги отфрли информациите објавени во германските медиуми.

– Не, не сме го виделе тој извештај. Но, тој содржи толку многу наводни и шпекулативни тврдења, припишани на којзнае кого, што е тешко воопшто да се сфатат сериозно – изјави Песков, одговарајќи на новинарски прашања.

Ова не е првпат да се појават информации за наводни руски планови за развој на нуклеарно оружје наменето за употреба во вселената.

Уште во 2024 година, американски претставници предупредија дека Русија развива оружје способно да уништува непријателски сателити преку експлозија во вселената. Москва тогаш ги отфрли ваквите обвинувања.

Според претходните американски тврдења, ваквото оружје би можело да уништи голем број сателити, вклучително и делови од мрежи како „Старлинк“ (Starlink), интернет-системот со кој управува компанијата „Спејс-икс“ (SpaceX), а кој го користи и украинската војска.

Засега нема независна потврда за наводите дека Русија има подготвен сателит со нуклеарно оружје што планира да го лансира годинава.