Родовата еднаквост не е задача само на жените. Таа бара поддршка од сите – од раководителите, членовите на управните одбори, колегите и институциите. Потребни ни се сојузници кои ќе препознаат дека посилното учество на жените значи посилни компании и посилна економија. Жените не бараат привилегии, туку фер пристап до можностите и оценување според знаењето, искуството и резултатите. Целта не е само нивна поголема застапеност, туку да имаме компании што го препознаваат и го користат целиот расположлив лидерски потенцијал, порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Во обраќањето на настанот по повод промоцијата на студијата „Жени во управните одбори во Северна Македонија: Унапредување на родовата еднаквост во корпоративното одлучување“, Божиновска истакна дека жените и понатаму се соочуваат со пречки кога станува збор за напредувањето до највисоките раководни позиции и позициите на кои се донесуваат одлуки.
– Овие пречки не се секогаш видливи. Понекогаш се содржани во корпоративната култура, во начинот на избор и унапредување, во недостигот од менторска поддршка или во претпоставката дека жените треба да направат компромис меѓу професионалните и семејните обврски. Тука доаѓаме до суштината на секторите со кои раководам – енергетиката, рударството и минералните суровини, области кои традиционално се перципирале како „машки свет“. Енергетската транзиција и економскиот развој се случуваат денес. Не можеме да си дозволиме талентот, знаењето и потенцијалот на половина од општеството да останат недоволно искористени – рече министерката.
Според неа, родовата еднаквост е европска вредност, но истовремено и прашање на квалитетно корпоративно управување.
– Од моето над дваесетгодишно искуство во меѓународниот бизнис и енергетиката знам дека ова е и прашање на економска логика, конкурентност и отпорност. Кога жените рамноправно учествуваат во носењето одлуки, компаниите добиваат поширока перспектива, поквалитетни одлуки и поголема способност да одговорат на економските предизвици – нагласи Божиновска.
Осврнувајќи се на состојбата во компаниите од енергетиката и рударството, таа напомена дека еднаквите можности не се создаваат сами од себе. Потребни се, рече, транспарентни правила, одговорно раководење и резултати што можат да се измерат.
– Прво, компаниите треба да воведат јасни цели за поголема застапеност на жените во раководните структури и управните одбори. Напредокот мора редовно да се следи и да биде дел од извештаите за корпоративно управување. Истовремено, потребни се транспарентни критериуми за вработување и унапредување. Изборот на раководни кадри мора да се темели на знаење, искуство и резултати. Второ, неопходни се менторски програми, професионални обуки и можности за развој на лидерски вештини. Трето, неопходно е активно градење кадар уште од најраната фаза, преку вложување во СТЕМ-образованието, стипендирање и платени практики за студентките од техничките факултети, како и воведување структурирани менторски програми во самите компании. И четврто, мора да се развива работна култура што овозможува усогласување на професионалниот и приватниот живот, еднакво вреднување на трудот и нулта толеранција за дискриминација и вознемирување – потенцира министерката.
Таа особено ја нагласи потребата од партнерство со образовните институции.
– Треба уште од средното образование да ги охрабруваме девојките да избираат инженерство, геологија, рударство, енергетика, информатички технологии и други технички професии. Треба да им покажеме конкретни примери на успешни жени и да им овозможиме директен контакт со компаниите. Но, за да бараме промени од приватниот сектор и од државните енергетски компании, ние како институција мораме први да дадеме личен пример. Од моето именување за прва министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, постојано се залагам за поголема видливост, професионално зајакнување и активно вклучување на жените во енергетиката и рударството. Посебно внимание посветуваме на младите генерации. Работиме на иницијативи и менторски активности со студентки од техничките факултети, за да им покажеме дека енергетиката и рударството не се затворени професионални светови, туку сектори во кои можат да градат успешни кариери и да станат идни лидери. Во Министерството настојуваме да покажеме дека еднаквите можности треба да бидат видливи и во самите институции. Родово избалансираниот состав и учеството на жените на раководни позиции се важни, но вистинскиот успех се мери и преку нивното влијание врз одлуките – рече Божиновска.
Таа информираше и дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) потпишало Меморандум за соработка со регионалната мрежа WOBA, а таа ја прифатила и улогата на амбасадорка на WOBA за Македонија.
– Тоа партнерство го гледам како можност за повеќе компетентни жени во управните и надзорните одбори и за подобри стандарди на корпоративно управување. Дополнително, во соработка со агенциите на Обединетите нации (УНДП и UNECE), ја воспоставуваме и Мрежата за жени во енергетската дипломатија, со што го позиционираме Скопје како регионален центар каде што женското лидерство има клучен глас во креирањето на енергетските политики – рече Божиновска, пренесува МИА.
































