Фото: Пиксабеј

Следните парламентарни избори ќе бидат во април 2028 година, а мојот мандат како претседател на Владата завршува за нешто повеќе од една година. Целта на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ е да слушнеме од граѓаните што е тоа што недостига и да се подобриме, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали најавената кампања на неговата партија е подготовка за предвремени избори.

– Не можам во секоја изјава да ја коментирам опозицијата. Ги оставам на нивните ставови, но добро е како политичка партија да излеземе пред граѓаните и да слушнеме што е тоа што недостига, за да можеме во овој меѓупериод да се подобриме во нашите политики, а дел од нив да вклучиме и во програмата за следните избори, кои ќе бидат во април 2028 година. Некаде кон крајот на декември 2027 година имаме избор на техничка влада, така што би рекол дека мојот мандат како претседател на Владата е уште нешто повеќе од една година и еден месец. Логично е дека и јас како претседател на Владата и Владата сакаме да слушнеме и таму каде што сме помалку успешни, да бидеме поуспешни, ако тоа е возможно во овој период, а ако не, во следниот мандат. Така што, тоа е целта на оваа теренска активност „Очи в очи со граѓаните“ – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека неговата Влада е отчетна и транспарентна и дека во изминатите две до две и пол години тој и нејзините членови постојано се присутни во јавноста, даваат изјави и присуствуваат на јавни настани.

ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека почнува со активности на терен, со посети на сите населени места за да се сретне со граѓаните.

– До крајот на годината претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ почнуваат интензивни посети на општинските комитети на партијата. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија смета дека само на директни средби може да се слушне реалната ситуација, бидејќи постојат работи што не можат да се разберат од извештаи, статистики и состаноци зад затворени врати. На средбите ќе се разговара за реализираното и за тоа дали се почитувани роковите, бидејќи само така може да има резултати. Тоа е начин и за подобро функционирање на надлежните и поголемо задоволство кај граѓаните. Целта е едноставна – да се разговара и да се слушне од граѓаните за она што функционира и за она што не функционира – соопшти вчера владејачката партија.