Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата со сите можни алатки ќе го штити стандардот на граѓаните и ќе направи сè за да не се зголемат цените на електричната енергија и парното. Тој рече дека нема информации за најавите од Регулаторната комисија за енергетика.
– Не. Тоа е во надлежност на Регулаторната комисија. Знаеме дека ние како Влада одлучуваме за цената што АД ЕСМ ќе ја понуди на аукцијата, односно на тендерот што го има објавено ЕВН Хоум. Ние како Влада ќе дадеме сè од себе да не се зголеми таа цена и со сите можни алатки ќе го штитиме стандардот на граѓаните, иако цената на берзите е четири до пет пати повисока од таа што АД ЕСМ ќе ја понуди. Но, тука имаме изготвено еден иновативен бизнис-модел за кој разговараме со раководството на АД ЕСМ – рече Мицкоски по одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на Домот за деца без родители „11 Октомври“.
Премиерот најави дека во сабота ќе одржи колегиум со раководството на РЕК „Битола“.
– Оваа недела, во сабота, ќе бидам присутен и ќе одржам колегиум во РЕК „Битола“, заедно со луѓето од РЕК „Битола“, како главен столб и стожер на енергетската стабилност во Македонија. Работиме и остануваме држава со најниски цени на енергенсите, и покрај тоа што немаме многу енергенси што се наш природен ресурс – изјави Мицкоски, пренесува МИА.
































