Во издание на „Или-или“ од печат излезе новиот петти роман од Снежана Младеновска Анѓелков, насловен „Неизбежно“. Сликата и дизајнот на корицата се на Никола Пијанманов, техничката подготовка на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура и туризам.
– Романот отвора едно од најтешките прашања на современото општество: како насилството постепено го освојува личниот простор на човекот, ја нарушува неговата самодоверба и ја ограничува способноста да го препознае сопствениот живот како простор на слободен избор. Приказната за Валерија не е само приказна за една жена изложена на семејно и партнерско насилство туку и сведоштво за механизмите преку кои насилството се одржува, се нормализира и се поврзува со пошироките општествени односи на моќ – пишува Лорета Георгиевска-Јаковлева во поговорот од книгата.
Снежана Младеновска Анѓелков како авторка е вешта во автобиографска документарна проза со силен личен печат и нетипично женско сценарио, кое не се вклопува во однапред сфатени претстави. Нејзиниот прв роман, „Единаесет жени“ (2011), ја доби наградата „Роман на годината“, а вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за наградата. Нејзиниот трет роман, „Луѓето, а не градот“ (2022), е слоевито хибридно дело, документарна проза посветена на Скопје, кое веќе не постои. Во 2024 година го објави романот „Јод“, своевидна вивисекција на денешното општеството. Во 2014 година ја издаде и филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“.
































