Петто издание на „Фестивалот на грчкиот филм“

Јубилејното петто издание на „Фестивалот на грчкиот филм“ ќе се одржи од 25 до 27 ноември во Кинотеката на Македонија. Под мотото „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“, годинашната програма им оддава почит на жените режисери, претставувајќи три долгометражни и два краткометражни филма од грчки авторки од различни временски епохи. Посветен исклучиво на филмови режирани од жени, фестивалот има цел да ги прикаже богатството на искуства, уметнички јазици и сензибилитети што тие ги внесуваат во филмската уметност, создавајќи простор за различни перспективи што ги предизвикуваат конвенционалните наративи.
Јанис Малукос, амбасадор на Грција во Македонија, рече дека „Фестивалот на грчкиот филм“ има цел да придонесе кон културниот дијалог и пријателството меѓу Грција и Македонија.
– „Фестивалот на грчкиот филм“ не е само можност за промоција на грчката кинематографија туку и за меѓусебно зближување на луѓето. Културата има уникатна способност да ги надминува границите, да премостува разлики и да создава заедничка основа. Преку кинематографијата откриваме приказни што можеби потекнуваат од различни општества, но зборуваат за чувства, предизвици и за стремежи што сите ги споделуваме – подвлече Малукос.
За Небојша Јовановиќ, уметнички директор на фестивалот, филмот како уметност ги обединува речиси сите уметности и има најголема моќ да ја пренесе пораката, но доколку преку неа не проговори суптилниот, длабоко чувствен и креативен женски авторски глас, таа не е комплетна.
– Со „Фестивалот на грчкиот филм“ создадовме традиција во градењето доверба меѓу двете земји и општества, во продлабочување на културниот дијалог меѓу двата народа, растопивме многу предрасуди што беа длабоко вкоренети во нашата свест, во времиња што не беа лесни. Со овој фестивал, не само што ги промовираме вредностите на грчката култура, туку ја подигнавме културната дипломатија на највисоко ниво, со што придонесуваме во понатамошен развој на дипломатските односи помеѓу двете земји – истакна Јовановиќ.
Во рамките на фестивалот, в четврток, на 26 ноември, со почеток во 11 часот, на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје ќе се одржи панел-дискусија на темата „Жените, Балканот и филмската уметност“. На дискусијата ќе учествуваат истакнати филмски авторки и теоретичарки од Грција и од Македонија: Бети Какламаниду, Константина Коѕамани, Марија Апчевска, Косара Митиќ и Ана Опачиќ.