Дискусија за соработката меѓу уметноста и феминистичкиот активизам

Панел-дискусија за улогата и моќта на соработката меѓу уметноста и феминистичкиот активизам, на која учествуваа Салија Беќир-Халим, Мања Величковска, Искра Гешоска, Јана Манева-Чупоска и Ирена Цветковиќ, се одржа викендов во рамките на изложбата „Фемина 8: Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“.
Кураторка е Сузана Милевска, а изложбата е отворена во „Мала станица“, Национална галерија на Македонија, до понеделник. Изложбата обединува седум феминистички уметнички позиции на жени уметници од Македонија: Кристина Божурска, Лилјана Ѓузелова, Зорица Зафировска, Ана Лазаревска, Јана Маневa–Чупоска, Шќипе Мехмети и Виолета Чаповска. Покрај нивните дела, претставена е и нестабилната феминистичка микроархива на кураторката Сузана Милевска, која опфаќа постери, текстови, уметнички книги, фотографии, документи и видеопроекции поврзани со проекти од Џемилиана Абдулова/Марија Трпеска, Ноа Гур, Христина Иваноска, Сања Ивековиќ, Шејла Камериќ, Тања Остојиќ, Мерете Ростад, Елизабет фон Самсонов, Естер Штраус и групата „Женски круг“.
Ова е деветто издание на долгорочниот изложбен проект инициран во 2015 година од уметницата и кураторка Јана Манева–Чупоска, актуелна претседателка на ДЛУМ. За првпат, изданието во 2026 година што се реализира во рамките на програмата по повод 80-годишнината на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), со поддршка од Министерството за култура и туризам.

– Ова е феминистичка изложба, а не „женска изложба“. Иако сите уметници што учествуваат се жени, проектот не го третира родот како заеднички идентитет, ниту како тема на изложбата. Феминизмот тука се разбира како политичка позиција и личен избор: како посветеност на преиспитувањето и оспорувањето на структурите што произведуваат и репродуцираат нееднаквост, како и на создавањето услови за рамноправно учество во општествениот, културниот, политичкиот и економскиот живот. Оттука, „женската книга“ од насловот упатува на феминистичко пишување и дејствување, како и на лична агентност – политичка практика на преиспитување и одучување од наследените начини на изразување и (не)дејствување. Изложбата е конципирана како просторен автотеоретски есеј, инспириран од концептот на автотеорија на Лорен Фурние. Преку интердисциплинарна и мултимедијална документација, изложбата ја истражува интерсекционалноста во уметничкото и културното творештво на жените. Почнувајќи од сопственото теоретско и проживеано професионално искуство како кураторка, Милевска развива нови автотеоретски концепти. Клучниот аргумент на изложбата, дека патријархатот никогаш не бил хомоген и дека постојано треба да се истражуваат како неговите слабости така и потенцијалите за неговото разградување од страна на непокорените и непослушните, се заснова врз истражувањата за докторската теза „Родовата разлика на Балканот“ што Милевска ја одбрани на колеџот „Голдсмитс“ во Лондон 2006, а ја објави во книга во 2010 – велат организаторите.
Микроархивата на Милевска ја обединува документацијата од нејзината тридецениска кураторска соработка со феминистички уметнички и проекти базирани на истражување од Македонија и други културни контексти. Поаѓајќи од концептот на Сара Ахмед за „феминистичка уништувачка на забави“, изложбата го разгледува феминизмот како политичка практика што ги прекинува облиците на задоволство што зависат од нормализацијата на патријархалните односи. Овој проект предлага поинаков вид задоволство: задоволството што произлегува од еднаквоста, солидарноста, грижата и од заемното признавање. Изложбата ѝ е посветена на уметницата Лилјана Ѓузелова (1935–2018) и на нејзиниот долгогодишен истражувачки проект „Женска книга“, завршен и за прв пат изложен во 2010 година. За потребите на изложбата, ова кревко дело е претставено како објект и во дигитализирана верзија, со поддршка на Игор Хаџи-Бошков (синот на Ѓузелова) и скулпторот Петар Хаџи-Бошков, кој го отстапи за изложбата. В.Д.