Уметничка реализација на Калина Брајковска
Новата фаза на проектот „Еволуција на сонот“, под авторство и кураторство на Весела Моловска, со уметничка реализација на Калина Брајковска и покровителство на Општина Карпош, ја внесува современата уметност во секојдневниот урбан простор, трансформирајќи четири објекти во препознатлива визуелна целина.
Уметноста не мора да биде затворена во галерии, музеи и во изложбени простори. Таа може да живее на фасадите, улиците и во секојдневните патеки по кои се движат луѓето. Токму од оваа идеја произлегува „Потаму, сонот…“, новата уметничка интервенција во Општина Карпош, која четирите објекти на паркингот кај ФИНКИ и Машинскиот факултет ги претвора во едно големо уметничко платно.
Проектот е четврто поглавје од платформата „Еволуција на сонот“, иницирана и развивана од Весела Моловска – дипломирана менаџерка во културата, кураторка и авторка на мултидисциплинарни културни проекти. Главната уметничка реализација ѝ е доверена на македонската уметница Калина Брајковска, која создава авторски концепт развиен специјално за оваа локација, во дијалог со архитектурата, урбаното опкружување и со луѓето што секојдневно го користат просторот.
Четирите објекти не се третирани како одделни површини, туку како делови од една поголема композиција, чија целина се открива од различни точки на околниот јавен простор. Особена вредност на проектот е и активното вклучување на заедницата. Калина Брајковска ги прифаќа и ги вградува идеите и учеството на луѓето во сопствениот уметнички израз, создавајќи дело што произлегува од непосредната комуникација со средината. Еден од ѕидовите, на пример, е замислен и реализиран како колективно дело, создадено врз основа на идеите на најмладите и студентите, кои секојдневно ги користат овие простории. Така, тие не се само набљудувачи на уметничката интервенција туку и нејзини активни учесници. Изборот на локацијата има особена симболика. Близината на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Машинскиот факултет, како и секојдневното присуство на голем број студенти и млади луѓе, создаваат природна средба меѓу современата уметност, знаењето, технологијата и урбаниот живот. Уметничкото дело станува дел од нивното секојдневие, достапно за сите што минуваат низ овој простор.
Со „Потаму, сонот…“, платформата продолжува да ја истражува можноста уметноста директно да го менува просторот во кој живееме, овој пат ставајќи го акцентот на јавната уметност како дел од колективната меморија и заедничкото урбано искуство. Зад проектот стои Весела Моловска, која повеќе од 20 години има професионално искуство со проекти во Македонија, Шпанија, Португалија и во Италија. Нејзината работа опфаќа визуелна и јавна уметност, музика, изведувачки уметности, културно наследство и мултидисциплинарни програми, со посебен акцент на меѓународната соработка, продукцијата и вклучувањето на заедницата.
































