Највисоките претставници на Европската Унија денеска во Брисел ќе се сретнат со британскиот премиер Енди Барнам во обид да ги подобрат односите, десет години по референдумот на кој Велика Британија гласаше за напуштање на Унијата, пренесе ДПА.
Се очекува претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и Барнам да постигнат договор за олеснување на правилата за престој на младите во странство, како и за намалување на дел од административните пречки воведени со Брегзит.
Ова е втора средба на највисоко ниво меѓу Велика Британија и ЕУ откако земјата формално ја напушти Унијата во 2020 година. Средбата се одржува во период кога Барнам, кој ја презеде премиерската функција во јули, отвори дебата за можноста Велика Британија повторно да ѝ се приклучи на ЕУ.
Барнам планираше пред самитот да ги претстави можностите за идните односи на неговата земја со Унијата, но во меѓувреме го одложи нивното претставување.
Поранешниот британски министер за надворешни работи Дејвид Лами предложи враќањето во ЕУ да биде една од клучните точки на изборната програма за следните парламентарни избори, кои мора да се одржат најдоцна во 2029 година.
Сепак, враќањето на Велика Британија во Унијата во блиска иднина се смета за малку веројатно. Преговорите за членство во ЕУ може да траат со децении и бараат едногласна поддршка од сите сегашни земји членки.
Во самата Велика Британија, Брегзит не успеа да ги надмине длабоките општествени поделби, а многумина денес го сметаат за еден од факторите што придонеле за економскиот пад на земјата.
































