- Дали присуството на француски војници во Украина го прави Париз соучесник во војната против Русија
Француската влада призна дека распоредува воен персонал на украинска територија за мисии за обука и одржување, повторно разгорувајќи ја дебатата за ризиците од насочување на Москва кон Франција и потребата од парламентарни консултации. Од 2022 година, прашањето се појавува секојпат кога се презема нов чекор во поддршката на Украина: дали сојузниците на Киев, а особено Франција, стануваат завојувана страна во војната во Украина? Оваа дебата се актуализира повторно откако Париз потврди дека распоредил војници во Украина за мисии за обука по откритијата на радиото РФИ во понеделникот. Иако ова присуство не е неочекувано, ова е првпат од почетокот на војната да биде толку отворено признаено.
– Навистина постои координативна структура во Украина што овозможува насочена обука на ад хок основа и одржување на опремата. Оваа мисија, која се одвива на многу голема оддалеченост од фронтовската линија, е лишена од каква било намера за борба – призна во вторникот пред Националното собрание француската министерка за вооружени сили Алис Руфо.
Според француската влада, овие војници имаат задача да ги обучуваат своите украински колеги за употреба на оружје испорачано од Париз, вклучувајќи артилерија, системи за воздушна одбрана и борбени авиони како што е „мираж 2000“.
– Со испорака на оваа опрема, очигледно е потребно да се обезбеди поддршка, да се научи нејзината употреба и да се обезбеди нејзината оперативна подготвеност – објасни министерката за вооружените сили Катрин Вотрин, во средата пред Сенатот.
Уште во 2024 година, францускиот претседател Емануел Макрон веќе изјави дека нема „табуа“ за француските војници што одат во Украина за оваа цел.
– Одењето да се обучи некој во западната зона, што е слободна зона во Украина, не е агресивно кон Русија – тврдеше претседателот на републиката за време на интервју за TФ1 и Франс 2, без сепак да потврди постоење на такво распоредување.
Но овие објаснувања не го одвратија Жан-Лук Меланшон, претседателскиот кандидат за Непокорна Франција (ЛФИI), од повторување на ставот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за кого распоредувањето на француските војници претставува „директно учество“ во конфликтот.
– Никако не смееме да станеме завојувана страна во Украина – предупреди поранешниот социјалистички сенатор на Икс. Слично размислува и комунистот Фабиен Русел, кој истакна дека „присуството на француски војници во Украина е понатамошен чекор кон воена ескалација, т.е. кон учеството на Франција во војната“.
Во правото не постои терминот „совојувачка страна“ (или „совојување“).
– Тоа е поим со политички, дури и контроверзни конотации. Зад овој израз се создава клима на страв, со тоа што се вели: „Внимавајте! Русите би можеле да сметаат дека Франција е вклучена во конфликтот и затоа да возвратат против неа“ – вели Џулија Грињон, вонредна професорка на Универзитетот „Париз-Пантеон-Асас“ и истражувачка во Институтот за стратешки истражувања на Воената школа.
Сепак, постојат строги правила за да се смета дека една држава е вклучена во оружен конфликт.
– Мора да учествува во планирањето и надзорот на операциите или всушност мора да распореди вооружена сила. Обуката не е воена операција. Дебатата би била сосема поинаква ако Франција, на пример, ги стави своите воздухопловни бази на располагање на Киев – истакнува Џулија Грињон.
Се смета дека пресретнувањата ирански беспилотни летала извршени од француските сили за заштита на своите сојузници од Заливот полесно би можеле да се класифицираат како вмешаност во конфликт отколку ова распоредување обучувачи во Украина.
Националниот собир (РН), кој обично брзо го нарекуваше Емануел Макрон воен поттикнувач, претпочиташе да ја префрли дискусијата на демократски основи, а не на оние за наводно „совојување“.
– Не требаше ли да има дебата во парламентот за француското воено присуство во Украина. Кога ги ризикуваме животите на нашите синови и ќерки што носат француска униформа, секогаш е корисно да се обратиме до претставниците на нацијата – запраша портпаролката на РН, Андреа Котарак, за РФИ во понеделникот.
„Нема никаква намера за борба“
Според членот 35 од Уставот на Франција, парламентот мора да биде информиран „најдоцна три дена“ по почетокот на „интервенцијата“ во странство.
– Кога времетраењето на интервенцијата надминува четири месеци, владата го поднесува своето продолжување до парламентот за овластување – се наведува во него. Но Министерството за вооружени сили верува дека ова распоредување во Украина „не спаѓа во опсегот“ на овој член.
– Немаме намера да се вклучиме во борба – им објасни Катрин Вотрин на сенаторите.
Проблемот е што членот 35 не се осврнува на ова прашање за „намера за борба“, ниту пак дефинира што претставува „интервенција“. Кога беше ревидиран во 2008 година за да се овозможи парламентарен надзор врз француските воени операции во странство – особено во Африка – тогашниот министер за одбрана, Ерве Морен, ја дефинираше „интервенцијата“ за време на дебатите во националното собрание како „распоредување воен персонал во организирани единици за оперативни цели“. Тој исклучи неколку специфични случаи од оваа дефиниција, како што се разузнавачките или операциите на специјалните сили, оставајќи ги исклучиво под надлежност на извршната власт.
Што се однесува до другото, изразот „оперативни цели“ остава простор за толкување.
– Опсегот на членот 35 отсекогаш бил дискутабилен и дебатиран. Во овој случај, оружениот конфликт на украинска територија силно влијае на интервенцијата. Не гледам како можеме да се справиме без парламентарно овластување – тврди во „Монд“ поранешен висок функционер во Министерството за вооружени сили, кој сака да остане анонимен.
– Нема проблем од правна гледна точка. Кога обезбедувате обука за вооружени сили, како во Мали, Сенегал или во Џибути, тоа не се смета за надворешна операција – возвраќа Седрик Перен, претседател (републиканците) на Комитетот за одбрана и надворешни работи на Сенатот, кој претпочита да не дознава за ова француско вклучување во Украина преку печатот. Постојната правна рамка се чини дека не е соодветна за сивите зони наметнати од реалноста на војната во Украина.
– Сето ова беше замислено во ерата на надворешните операции, кои беа мошне едноставни. Активирањето на членот 35 денес би бил експлицитен начин да се признае дека Франција ќе интервенира воено во Украина. Разбирливо е што владата не сака да го преземе тој чекор – забележува Лук Клајн, професор по јавно право на Универзитетот во Ремс Шампањ-Арден и специјалист за право на оружени конфликти.
Официјална француска и руска позиција за учеството на француски воен персонал на украинска територија
1. Француска позиција
Франција тврди дека нејзините војници имаат исклучиво инструкторски и технички задачи, без борбено учество. Алис Руфо, министерката за вооружени сили и воени ветерани на Франција, ја отфрли руската квалификација за директно учество во војната.
2. Руска позиција
Сергеј Лавров го претставува присуството на западни воени лица како директно учество во војната. Москва исто така предупреди дека странските војници во Украина може да бидат третирани како воени цели. Р.С.
Најново Промовирана научна студија во военото право во врска со „активна завојувана страна“
- Кога се прогласува дека постои легитимитет на завојувана страна во меѓународен оружен конфликт?
Во својот научен труд „Во војна? Статусот на страните во војната во Украина“ (At war? Party status and the war in Ukraine), објавен во 2023 година во списанието „Лејден џурнал ов интернешнл лоу“ (Leiden Journal of International Law) на „Кембриџ јуниверзити прес“ (Cambridge University Press), Александар Венткер од институтот „Макс Планк“ за компаративно јавно право и меѓународно право во Хајделберг ги разработува критериумите според кои една држава може да стане завојувана страна во меѓународен оружен конфликт преку воена соработка со друга завојувана држава.
Според неговата анализа, особено се важни два критериума
Прв критериум: директна поврзаност со нанесувањето воена штета на противникот. Имено, не е доволно државата само да придонесува за општата воена способност на Украина. Нејзината активност треба да биде непосредно поврзана со воени дејствија што предизвикуваат штета на противничката страна.
Втор критериум: оперативна координација. Имено, потребно е придонесот да биде доволно тесно координиран со другата завојувана страна, така што државата што помага да има улога во процесите на одлучување за координираните воени операции.
Во научниот труд, авторот прави разлика меѓу:
- давање оружје;
- обука на војници за користење на оружјето;
- обезбедување воено-техничка помош;
- учество во планирање конкретни воени операции;
- обезбедување информации за конкретни цели и координирање напади.
Првите три активности сами по себе обично не се доволни за државата да стане страна во конфликтот. Последните можат да ја променат правната квалификација. Р.С.
Tони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































