- Вашер-Лаграв и Каруана ќе се сретнат во натпреварот за третото место на овој пилот-проект што се игра во Будимпешта, во брз, забрзан и во брз класичен шах
Аниш Гири и Алиреза Фирузџа ги обезбедија своите места во финалето на пилот-настанот Светско првенство во тотален шах во Будимпешта, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Гири победи во вториот ден од полуфиналето против Максим Вашер-Лаграв со 12,5-7,5. Фабијано Каруана победи во брз класичен шах против Фирузџа за да победи во вториот ден со 15-5, но Фирузџа потоа победи во драматичниот тај-брејк, пишува ФИДЕ.
Гири го доби натпреварот во вторникот со 14,5-5,5, а Фирузџа го освои првиот ден против Каруана со 12-8. Втората дневна победа на Гири и победата во тај-брејк на Фирузџа го поставија нивното финале за шампионатот, на програмата синоќа и денеска. Вашер-Лаграв и Каруана ќе се сретнат во натпреварот за третото место.
Секој нокаут-ден има седум натпревари, и тоа четири натпревари во брз шах, два во забрзан шах и еден во брз класичен шах. Победата во брз шах вреди еден поен, во забрзан шах четири, а победата во брз класичен шах осум поени, додека секое реми половина од тоа. Резултатите се ресетираат по крајот на првиот ден, а играчот продолжува понатаму ако победи во двата дена или победи во едниот и ремизира во другиот. Една победа за секој во одреден ден или два нерешени дена, водат до тај-брејк, т.н. армагедон.
Во другите групи, за пласман, Левон Аронијан и Владислав Артемиев ги добија своите тајбрејк-натпревари за да обезбедат места во нивните соодветни финалиња. Аронијан ќе се соочи со Весли Со за 13. место, а Артемиев ќе се сретне со Магнус Карлсен за 17. место. Вкупно има 650.000 долари награден фонд.
Полуфиналето го обезбеди првиот целосен тест на тоталниот шах, при што резултатите во брзиот, забрзаниот и во класичниот шах се сметаат заедно за секој дуел. Тестирањето на форматот во жива натпреварувачка средина е една од главните цели на пилот-проектот во Будимпешта, заедно со гледањето како правилата функционираат во пракса и оценувањето дали одредени аспекти на прописите би можеле да се подобрат, пишува ФИДЕ.
„Тотал чес“ е глобална шампионска платформа основана за да го редефинира елитниот натпреварувачки шах за модерната ера. Развиено од „Норвешки шах“ и одобрено од ФИДЕ, Светското првенство во тотален шах воведува унифициран формат што го крунисува врвниот шампион во светот преку тестирање на извонредноста во три дисциплини: брз, забрзан и брз класичен шах.
Дизајниран за да ја зголеми комерцијалната привлечност на спортот и ангажманот на гледачите, „Тотал чес“ комбинира натпревар од светска класа со иновации, технологија и со импресивни искуства за гледачите за да создаде нов стандард за професионалниот шах, пишува ФИДЕ.
Со визија да го направи шахот еден од најатрактивните и комерцијално одржливи спортови во светот, „Тотал чес“ има цел да го прошири глобалното влијание на играта, да ја инспирира следната генерација играчи и да поврзе милиони гледачи преку динамично првенство што ги слави интелигенцијата, стратегијата и спортската извонредност, пишува Светската шаховска федерација. Н.М.
































