Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска пристигна во Шенжен, каде што утре, 19 ноември, ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин. Си го пречека Трамп на аеродромот по неговото пристигнување од Манила, објави Ројтерс.

Пред пристигнувањето на Трамп, Си и Путин одржаа билатерална средба во Шенжен, каде што се одржува самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК). Двајцата лидери ја истакнаа соработката меѓу Пекинг и Москва, а во одделни обраќања на деловниот форум на АПЕК зборуваа за трговските ограничувања и западните санкции.

Си повика на слободна трговија и отворени пазари и најави дека Кина ќе продолжи да ги намалува царините. Неговото обраќање следува по новите американски мерки за ограничување на пристапот на Кина до напредни чипови за вештачка интелигенција.

Путин, пак, ги критикуваше санкциите воведени по руската инвазија врз Украина. Тој тврдеше дека санкциите ја зајакнале Русија и оцени дека Европа е во „понижувачко опаѓање“, пренесе Ројтерс.

Според кинеското Министерство за надворешни работи, ова ќе биде првата заедничка средба лице в лице на претседателите на трите земји. Вашингтон најави дека Трамп ќе го отвори прашањето за намалување на нуклеарното вооружување. Американскиот претседател пред заминувањето за Азија рече дека има намера да разговара и за војната во Украина, а меѓу можните теми е и војната со Иран.