Прашањето и за бизнис секторот и за државата ќе биде: оние коишто ќе ја употребуваат вештачката интелигенција ќе може да се надеваат на забрзан напредок, додека оние коишто нема да знаат и нема да можат да ја користат вештачката интелигенција (ВИ) ќе бидат заглавени без напредок или во стагнација – изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски пред почетокот на конференцијата на МАСИТ „Употребата на вештачката интелегенција како агент“.
– Сакам да потенцирам дека како Влада продолжуваме да ја поддржуваме ИКТ индустријата во државата. Два големи проекти коишто ги реализираме, „Дигит Мак“ и „Инофејт ЕДИХ“, значат директна поддршка на малите и средните компании преку дигиталната трансформација. За таа да се случи, им се потребни домашните, македонските ИТ компании што се тука на пазарот, членки на МАСИТ, но и надвор од Комората, така што и во периодот којшто следи ќе поддржуваме проекти што значат дигитална трансформација на бизнисите или на обука, употреба на вештачката интелигенција, затоа што мораме да го фатиме приклучокот – изјави Андоновски, пренесува МИА.
Во однос на употребата на вештачката интелегенција во институциите, тој кажа дека како и за сите државни институции во регионот и во Европа, ова е нов феномен и за државните институции во Македонија.
– Затоа и ја почнавме „Везилка“, проект од над 5,5 милиони евра, со којшто работиме во пет сектори коишто ја зафаќаат и јавната администрација. Тоа значи градење на голем јазичен модел на македонски јазик и потоа негова имплементација во јавниот сектор. Прво преку обуки да бидат подготвени вработените во јавниот сектор за примена на овие алатки, а потоа преку практични примери употреба на алатки за вештачка интелигенција и на нив да базираме определени системи. Прв таков меморандум веќе потпишавме во Собранието, исто така и во Министерството за образование, имаме еден проект кај нас што ќе започне, исто така потпишавме и меморандум, што значи дека полека ќе започне да се користи – рече Андоновски.
Министерот нагласи дека клучот ќе биде институциите побрзо, исто така и малите и средни претпријатија побрзо да прифаќаат употреба на вештачката интелигенција за да ги забрзаат процесите, да си помогнат во сопствениот раст, а јавната администрација побрзо да испорачува услуги за граѓаните.
На прашањето колку Македонија заостанува во однос на вештачката интелигенција со европските земји, Андоновски рече дека ние имаме еден крупен недостаток на којшто работиме целиот изминат период, тоа е непостоењето на големи податочни центри коишто таа вештачка интелигенција ќе ја процесираат тука во Македонија.
– Предолго време се залажуваме дека со употреба на туѓи податочни центри, туѓи системи и туѓи агенти ќе успееме да развиваме македонски развој. И тоа не се случува затоа што македонскиот јазик е мал, немаме голем јазичен модел на македонски јазик затоа што нема каде да се изгради. И тука ќе биде клучната разлика којашто се обидуваме да ја направиме: привлекување на инвестиции во центри за податоци, изградба на Националниот центар за податоци и на тој начин инфраструктурно да се приближиме на Европската Унија – истакна Андоновски.
Нагласи дека во однос на талентот, вештините и знаењата, тука воопшто не заостануваме како држава и оти сме на исклучително квалитетно ниво што ги покажуваат и резултатите на македонските ИТ компании.
Во врска со заштитата на лични податоци на „м-Услуги“, истакна дека нивна задача како институција е да ја гарантираат безбедноста на личните податоци во владините системи, додека задача на институциите е да кажат како тоа протоколарно треба да се изведе од аспект на документи, на план, проект, што веќе го работиме и мислам дека до крајот на годината ќе успееме да го затвориме ова прашање.
-Треба да кажам дека податоците што се содржат во електронската верзија на личната карта и на возачка дозвола веќе се сместени во системите на Министерството за внатрешни работи. Значи, не се чуваат на некое ново место, не ги влечеме оттаму па да ги пласираме на друга локација, туку тие си се постојано таму, на ист начин се заштитени како што биле заштитени сите овие изминати години, не менуваме ништо во начинот на заштита, но наша обврска е да заштитиме „м-Услуги“ како мобилна апликација и тоа го правиме во моментов – рече Андоновски.
Претседателот на МАСИТ Јордан Димитровски истакна дека вештачката интелигенција веќе не е технологија на иднината, туку е реалност, се случува сега и влијае и ги променува тековите и начинот на работа на компаниите и генерално на целата економија во светот.
– Денешната дискусија ќе биде како практично ќе ги примениме технологиите, како практично ќе ги примениме иновациите и вештачката интелигенција во промената на работата и водењето на бизнис на компаниите. Целта на МАСИТ е да ја зајакнеме ИКТ индустријата и воедно да станеме двигател на промените и развојот на економијата и развојот и конкурентноста на македонските компании – истакна Димитровски.
Тој посочи дека според истражувањата на Stack Overflow, повеќе од 85 отсто од ИТ професионалците веќе користат ИТ алатки и вештачка интелигенција, што значи дека денес ВИ е доста искористена посебно во ИКТ индустријата.
– Во другите индустрии можеби не е толку сè уште, но затоа тоа е наша работа и да дадеме импулс на другите индустрии и на другите економии повеќе да ја користат вештачката интелигенција и со тоа да станат поконкурентни на регионалните, па и на глобалните пазари. Јасно е дека униор инженерите и новите, новите кадри коишто излегуваат од факултетите потешко доаѓаат до работни места, но ние препорачуваме и разговараме и во дијалог сме и со академската средина како во процесот на едукација да има повеќе практична настава, студентите повеќе да користат алатки и веќе кога ќе излезат, кога ќе дипломираат од факултетот да имаат некое знаење како да се вклучат во работните задачи. Тие репетитивни процеси на кодирање одредени софтверски решенија, на жал или за среќа, не само во ИТ секторот, сите технички, сите репетитивни процеси полека, но сигурно ќе ги заменува вештачката интелигенција – посочи Димитровски.
Според него, не може да се каже дека вештачката интелегенција ќе придонесе за губење на работните места, туку повеќе за трансферирање, од едно работно место на друго.
-И во МАСИТ и во Комората гледаме дека посебно во нашиот сектор има недостиг на кадри. Имаме недостиг на кадри за кибер безбедност, имаме недостиг на дата сајентисти, во многу сфери имаме недостиг. И генерално не сметам дека луѓето ќе останат без работа, само ќе треба да се преквалификуваат, да најдат на правилен начин како да ја користат вештачката интелигенција и сите иновативни технолошки алатки. Така што сметам дека можеби подобро и полесно ќе дојде за идните генерации отколку нашата генерација – рече Димитровски.
































