Москва се соочи со еден од најмасовните напади со беспилотни летала од почетокот на руската инвазија врз Украина. Во период од 14 часа, руската противвоздушна одбрана соборила 321 дрон што се движеле кон главниот град, додека во Московскиот регион биле регистрирани околу 800 беспилотни летала, пренесе „Ројтерс“.
Според податоците што ги објави градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, нападите биле регистрирани од 17 часот во понеделникот до 7 часот утрово, по московско време.
За соборување беспилотни летала известија и власти во други руски региони, што укажува на поширок опсег на нападот.
Според „Ројтерс“ нападите предизвикале сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај. Три од четирите московски аеродроми – Внуково, Домодедово и Жуковски, кои претходно беа привремено затворени, повторно започнаа со работа. Сепак, повеќе други руски аеродроми и натаму имаат ограничувања во авиосообраќајот.
Ова следува по нападот во текот на ноќта од недела кон понеделник, кога Собјанин соопшти дека руската противвоздушна одбрана пресретнала 139 дронови насочени кон Москва.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека во најголемиот досега пријавен напад од почетокот на војната, руските сили собориле вкупно 1.336 украински беспилотни летала во 16 региони.
Според руските власти, станува збор за рекорден број пресретнати дронови во еден напад од почетокот на целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Информациите за бројот на соборени летала се засноваат на соопштенија на руските власти и не се независно потврдени.
































