Пред точно 35 години, на 17 ноември 1991 година, Собранието го донесе првиот Устав на независната Република Македонија, со што беше заокружен еден од најзначајните чекори во процесот на осамостојување и беа поставени темелите на уставно-правниот поредок на државата.
Историскиот чин се случи во период на распаѓање на поранешната југословенска федерација, по референдумот од 8 септември 1991 година, на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена македонска држава.
Со највисокиот правен акт, Македонија беше дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Уставот ги утврди основните принципи на парламентарната демократија, поделбата на власта, заштитата на човековите права и слободи, како и институционалното функционирање на независната држава.
Неговото донесување претставуваше продолжување на историските стремежи за македонска државност, чии корени се поврзуваат со Крушевската Република и одлуките на АСНОМ, како и со долгогодишната борба за остварување на правото на самоопределување.
На донесувањето на Уставот му претходеше Декларацијата за независност, усвоена од првиот повеќепартиски состав на Собранието на 25 јануари 1991 година. Сепак, процесот на осамостојување беше проследен и со политички несогласувања. Дел од граѓаните од албанската етничка заедница го бојкотираа референдумот, а пратениците Албанци не го поддржаа новиот Устав.
Следниот значаен чекор во меѓународното позиционирање на државата се случи на 8 април 1993 година, кога Македонија беше примена во Обединетите нации како 181. полноправна членка. Поради спорот со Грција околу името, членството беше остварено под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“.
Во изминатите три и пол децении Уставот претрпе повеќе измени и дополнувања. Меѓу позначајните се амандманите од 2001 година, поврзани со Охридскиот рамковен договор, како и уставните измени од 2019 година, со кои државата го доби денешното име – Република Северна Македонија.
По повод 35-годишнината од донесувањето на првиот Устав, денеска во Собранието ќе се одржат панел-дискусии посветени на историскиот процес на осамостојување и значењето на највисокиот правен акт во развојот на македонската државност.
































