Фото: Нова Македонија

35 години од првиот македонски Устав

  • Три и пол децении по донесувањето на првиот Устав на Република Македонија, Собранието, историчарите и правните експерти повторно се навраќаат на клучниот период во создавањето на македонската држава. Јубилејот е повод не само за сеќавање на историските одлуки од 1991 година, туку и за навраќање и анализирање на прашањата за суверенитетот, уставниот поредок, институционалниот развој и иднината на државата

Донесувањето на првиот Устав на независна Република Македонија претставува еден од најзначајните датуми во современата македонска политичка и државна историја. Со него, процесот на осамостојување, започнат во услови на распаѓање на југословенската федерација, доби своја институционална, правна и политичка рамка. Триесет и пет години подоцна, оваа историска пресвртница повторно е во фокусот на институциите и научната јавност.
По тој повод, денеска во Собранието ќе се одржат панел-дискусии и меѓународен научен симпозиум под наслов „Уставност, суверенитет и традиција: 35 години независна македонска држава“. Настанот го организираат Собранието, ЈНУ Институт за национална историја и Државниот архив, со учество на политички личности кои непосредно биле вклучени во создавањето на првиот Устав, како и на домашни и странски универзитетски професори и истражувачи.

Уставот како темел на независната држава

Првиот Устав на Република Македонија не беше само правен акт со кој се уредува функционирањето на институциите. Тој беше и политички израз на одлуката за самостојна државност, потврда на суверенитетот и основа врз која требало да се изгради новиот демократски поредок.
Неговото создавање се одвивало во исклучително сложени историски околности, во време на распаѓање на СФРЈ, промени на политичкиот систем и воспоставување нови односи во регионот. Затоа, процесот на подготовка и донесување на Уставот претставувал многу повеќе од правно-техничка задача. Тој бил дел од поширокиот процес на конституирање на самостојна македонска држава на македонскиот народ и останатите малцинства што живеат во Р. Македонија.
Токму затоа, денешниот јубилеј отвора простор за повторно разгледување на улогата на политичките и правните актери, историските околности и институционалните решенија што го обликувале почетокот на македонската независност.
На денешниот собир се најавени обраќања на претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши, директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески, и директорот на Институтот за национална историја, проф. д-р Митко Панов.
Во рамките на одбележувањето ќе биде прикажан и документарниот филм „35 години од донесувањето на првиот Устав на Република Македонија“, а ќе биде поставена и изложба на архивски документи поврзани со создавањето на македонската држава.

Сведоштвата на учесниците во создавањето на Уставот

Посебна тежина на одбележувањето му дава учеството на личности кои биле непосредни учесници во уставниот процес од 1991 година. Нивните сведоштва и интерпретации треба да понудат увид во политичките околности, дилемите и компромисите со кои се соочувале институциите во периодот на конституирање на независната држава.
Меѓу учесниците на панел-дискусијата се претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која била член на експертската група именувана од Владата за подготовка на нацрт-текстот на Уставот, поранешниот собраниски претседател Тито Петковски и Насер Зибери, поранешен потпретседател на Владата, кои биле членови на Комисијата за уставни прашања во 1991 година.
Во дискусијата ќе учествува и проф. д-р Владо Поповски, почесен член на МАНУ и член на експертската група за подготовка на уставниот текст, како и Ламбе Арнаудов, пратеник во првиот парламентарен состав.
Овој дел од програмата има особено значење бидејќи го поврзува историскиот настан со непосредните искуства на неговите актери. Три и пол децении подоцна, прашањето не е само како бил создаден првиот Устав, туку и кои идеи, политички определби и државотворни визии биле вградени во него.

Што покажуваат 35 години уставно- правен и институционален развој на Македонија?

Меѓународниот симпозиум, кој е централниот научен дел од одбележувањето, ќе ги опфати најважните политички, правни, историски и меѓународни аспекти на македонската независност и уставниот развој.
Првата сесија е посветена на уставноста, поделбата на власта, изборниот систем и развојот на институциите. Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска ќе говори за патот од суверенитетот до европската уставност и за смислата на македонската уставна моќ, додека проф. д-р Александар Спасов ќе ги анализира уставните решенија од 1974 година и нивната улога во процесот на распаѓање на југословенската федерација.
Во фокусот ќе бидат и прашањата за поделбата на власта, институционалните кризи и злоупотребите, за кои ќе говори проф. д-р Рената Тренеска-Дескоска, како и статусот и предизвиците на Уставниот суд, темата на проф. д-р Јелена Трајковска-Христовска.
Изборниот систем, неговиот развој и можните идни реформи ќе бидат предмет на излагањето на проф. д-р Марко Кртолица. Директорот на Државниот архив, Димитар Богески, ќе се осврне на улогата на архивските институции во собирањето и зачувувањето на историските извори за формирањето на македонската држава.Овие теми го наметнуваат и поширокото прашање за тоа колку уставните механизми воспоставени во почетокот на независноста успеале да одговорат на политичките, општествените и институционалните промени во изминатите 35 години и колку со нивната измена одговориле на претстоечките предизвици?

Дипломатијата и меѓународното признавање на македонската државност

Втората сесија ќе биде посветена на меѓународниот контекст на македонската независност, дипломатските напори за нејзино признавање и развојот на безбедносниот и одбранбениот систем.
Особено внимание ќе привлече истражувањето на професорите Мирела Кожениевска-Вишњевска и Рафал Вожница од Јагелонскиот универзитет во Краков. Првата ќе ја претстави преписката на полскиот историчар Хенрик Батовски од периодот на распадот на Југославија и нејзината поврзаност со независноста на Македонија, додека Вожница ќе говори за личната дипломатија на претседателот Киро Глигоров и односите со Соединетите Американски Држави во периодот од 1991 до 1994 година.
Научните излагања ќе го опфатат и ангажманот на мировните мисии на Обединетите нации УНПРОФОР и УНПРЕДЕП во Македонија, за што ќе говори доц. д-р Сашо Додевски, како и меѓународното позиционирање на независната држава низ призмата на теориите на структурниот реализам.
Темата за самоопределувањето и меѓународното признавање на македонскиот суверенитет ќе биде обработена и во излагањето на вонредниот професор Иван Иванов од Меѓународниот балкански универзитет.
Со тоа, симпозиумот го проширува погледот кон независноста, покажувајќи дека создавањето на државата не завршило со донесувањето на Уставот, туку продолжило низ дипломатски, безбедносни и меѓународни процеси.

Уставниот поредок во светло на новите општествени предизвици

Третата сесија ќе отвори прашања за демографските промени, миграциите, правната еднаквост, верските заедници, парламентарната дипломатија и дигиталниот суверенитет.
Академик Изет Зеќири ќе се осврне на демографските процеси и миграциите и нивните импликации врз развојот на државата. Проф. д-р Иванка Василевска ќе ја анализира улогата на парламентарната дипломатија во евроинтегративниот процес, со посебен акцент на Мешовитиот парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација.
Посебен дел од дискусијата ќе биде посветен на положбата на верските заедници во македонскиот уставен поредок од 1991 до 2026 година, тема на проф. д-р Александар Спасеновски, како и на прашањето за дигиталниот суверенитет, епистемичките права и уставната отпорност, за кои ќе говори проф. д-р Ана Чупеска.
Историската перспектива на процесот на осамостојување ќе биде дополнета со излагањето на проф. д-р Љубица Јанчева за патот од парламентарните предлози до меѓународното признавање на Република Македонија во периодот 1991–1993 година.
М-р Ивица Боцевски, пак, ќе говори за уставниот национализам и раѓањето на демократското прилагодување во Македонија во периодот 1989–1992 година.
Овие теми покажуваат дека уставноста не е статична категорија, туку систем што постојано се соочува со нови општествени, технолошки и политички предизвици.

Преспанскиот договор, идентитетот и прашањата на современата државност

Последната сесија ќе биде посветена на меѓународните спорови, идентитетските прашања и промените низ кои помина македонската држава во процесот на евроатлантските интеграции.
Историскиот развој на македонско-грчкиот спор од 1991 до 2018 година ќе биде тема на проф. д-р Зејни Мазлами, додека проф. д-р Темелко Ристески ќе се осврне на Преспанскиот договор и македонскиот национален идентитет.
Проф. д-р Ирена Стефоска ќе ја анализира врската меѓу Преспанскиот договор и членството во НАТО, а проф. д-р Димитар Љоровски и д-р Донче Тасев ќе го обработат членот 7 од договорот во контекст на грчкиот јавен и научен дискурс, особено во однос на историско-културното разграничување и прифаќањето на македонскиот идентитет.
Во оваа сесија ќе биде отворено и прашањето за уставното признавање на бошњачката заедница, од маргинализацијата до нејзиното место во уставниот поредок, тема на проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ.
Историскиот континуитет на македонската уставност ќе биде заокружен со излагањето на проф. д-р Нада Јурукова за првиот Устав на Народна Република Македонија од 31 декември 1946 година и неговиот одраз врз општествено-политичкиот и културно-просветниот живот во периодот од 1946 до 1950 година.

Јубилејот како повод за преиспитување на препреките и опструкциите за постигнување на полн капацитет на суверенитетот, унитарноста и државноста

Триесет и пет години по донесувањето на првиот Устав, македонската држава има зад себе долг период на политички трансформации, институционални промени, меѓународни предизвици и уставни интервенции. Од првичната конституционализација на независноста, преку промените во политичкиот и општествениот систем, до денешните прашања за европската интеграција и заштитата на суверенитетот, уставниот развој останува еден од најважните показатели за состојбата на државата.
Затоа, одбележувањето на годишнината не треба да се сведе само на чествување на историскиот датум. Неговата суштинска вредност е во отворањето на дебатата за тоа колку доследно се применуваат принципите врз кои беше поставена независната држава, колку се силни нејзините институции и дали уставниот поредок успева да одговори на новите предизвици. Уставот ја постави правната рамка на независна Македонија како унитарна држава на македонскиот народ и другите малцински заедници, втемелена на историските стремежи и настани од македонската историја, како што е АСНОМ. Но, неговата вистинска вредност, како и вредноста на секој устав, се мери преку начинот на кој се почитува, применува и штити во секојдневниот живот на државата и нејзините граѓани.