Со сослушување на ќерката на првообвинетиот Дејан Јованов, денеска продолжува судскиот процес за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Рочиштето се одржува во судницата во затворот „Идризово“, во рамки на Основниот кривичен суд Скопје.
На претходното рочиште, вештото лице од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, изнесе забелешки за методологијата и опфатот на вештачењата изготвени по барање на одбраната на првообвинетиот.
Марковски оцени дека во вештачењата има селективен пристап, дека се изоставени релевантни факти, како и дека вештото лице навлегувало во области надвор од сопствената стручност.
Забелешки имаше и Јавното обвинителство, кое на почетокот на претходното рочиште реагираше на предлогот за вештачење од Мирослав Грчев, како и на начинот на кој дел од одбраната планира да ги изведе доказите. Обвинителството оцени дека постојат тенденции за одолжување на судската постапка.
Одбраната, пак, возврати дека редоследот на изведување на доказите досега бил менуван со согласност на странките, нагласувајќи дека секој обвинет има право самостојно да ја конципира својата одбрана и да ја утврди стратегијата за докажување.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Судскиот процес започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по трагичниот пожар што избувна на 16 март истата година, за време на настапот на музичката група ДНК.
Во катастрофалниот пожар животот го загубија 63 лица, додека повеќе од 200 беа повредени, што ја претвори трагедијата во една од најтешките во поновата историја на земјата.

































