Фото: „Нова Македонија“

Политичката ароганција на бриселските елити: Сѐ уште надвор од главните преговори, но со амбиција да ги диктираат условите

  • Европската Унија сè уште се обидува да го најде своето место во дипломатскиот процес за Украина, но нејзините лидери веќе настапуваат како да се единствените овластени толкувачи на мирот, демократијата и меѓународното право. Брисел сака да учествува во преговорите, но не и да ја доведе во прашање сопствената политика. Наместо преиспитување на досегашната стратегија, европските политички елити повторно нудат декларации, црвени линии и лекции за светскиот поредок

Има нешто парадоксално во најновиот европски дипломатски настап околу Украина. Европската Унија, која досега не беше непосреден рамноправен учесник во најважните разговори меѓу Вашингтон и Москва, сега настојува да се избори за место на мировната маса, но притоа настапува со самоувереност како веќе да го има клучот за конечниот договор. Брисел сака да преговара, но уште пред да седне на масата објаснува што смее, а што не смее да биде предмет на преговори. Сака да биде дел од решението, но не покажува подготвеност сериозно да ги преиспита сопствената улога и одговорност во создавањето на политичката и безбедносната атмосфера во која Европа се наоѓа денес. Токму таа разлика меѓу европските амбиции и реалната дипломатска позиција ја открива суштината на актуелната бриселската либерална парадигма.

ЛИБЕРАЛНИ ЛЕКЦИИ ЗА ЗНАЧАЈНОСТА НА СУВЕРЕНОСТА НА ДРЖАВИТЕ!?

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по состанокот на Европската политичка заедница во Даблин, повторно порача дека Украина мора да остане слободна да ги избира своите меѓународни сојузи и партнерства.
– Украина е суверена држава – нагласи Кошта, отфрлајќи ја можноста за враќање на концептот на интересни сфери во Европа.
Звучи принципиелно, несомнено. Но политичкото прашање за суверенитетот искажан од либерална матрица на политичар изгледа дури нестварно. Прашањето е зошто бриселските елити толку лесно ги метаморфозираат своите политички позиции во универзални правила за сите, а Брисел толку ретко покажува подготвеност да ги преиспитаат сопствените одлуки и нивните последици. Европските лидери со години ја градат својата надворешнополитичка реторика врз поделбата на светот на оние што ги застапуваат „европските либерални вредности“ и оние што наводно им се спротивставуваат. Но мирот не се постигнува со самододелени морални сертификати, ниту со декларации за „сопствената историска исправност“. Тој бара принципиелност, чесност, почитување на правилата, меѓународно право и, се разбира, политичка одговорност. А токму зборот одговорност најчесто недостига во бриселскиот речник кога станува збор за преиспитување на досегашната стратегија.

БРИСЕЛ САКА ДА ГО КРОИ МИРОТ?!

Кошта инсистира дека европската безбедност не смее да се разгледува без европско учество. Во исто време европските претставници бараат Украина да има целосна слобода да ги избира своите безбедносни сојузи, вклучувајќи го и НАТО. Но тука постои една реална и за актуелен Брисел непријатна политичка реалност што бриселската бирократска реторика не може да ја избрише. Имено, Европската Унија не е НАТО и не може да одлучува за неговото проширување. За прием на нова членка во Алијансата е потребен консензус од сите сојузници, вклучувајќи ги и САД. Значи, ниту Кошта, ниту Европската комисија, ниту која било друга институција во Брисел не може самостојно да гарантира членство на Украина во НАТО. ЕУ може да одлучува за сопственото проширување, но и таму одлуката бара согласност од земјите членки. Со други зборови, бриселската политичка болна амбиција за глобално автофакторизирање не е исто што и реална надлежност. И токму тука се наметнува прашањето за тоа дали европските лидери навистина сакаат да бидат конструктивни учесници во мировниот процес или сакаат да го зачуваат политичкиот монопол врз толкувањето на конфликтот, дури и кога најважните одлуки се носат на друго место.

Бриселските квазивредности не се замена за политичката
(не)одговорност

Веќе е јасно дека Москва бара пошироко преиспитување на европската безбедносна архитектура. Кремљ преку своите советници испрати порака дека Русија очекува разговор за нов безбедносен систем на континентот. Брисел одговара дека „постојните меѓународни договори веќе ги утврдуваат принципите на суверенитет, неповредливост на границите и територијален интегритет“. Но дали е така?! Кошта ја обвинува Русија за нивно „кршење со инвазијата врз Украина“. Но токму тука европската дипломатија би морала да покаже повеќе од папагалско повторување на веќе познатите позиции, кои и не се прецизно кажани, ниту хронолошки точни. Ако се разговара за идната безбедност на Европа, тогаш неизбежно мора да се разговара и за механизмите што веќе постоеја, утврдени по Втората светска војна, низ институции и механизми и меѓународни договори со кои ќе се спречува нова војна, а кои се однесуваа и за меѓусебните безбедносни гаранции, за контролата на вооружувањето и за условите под кои ќе може да се воспостави долгорочна стабилност. И, за волја на вистината, нека се споредат тие договори со овие актуелни руски барања, па потоа да се влезе во разговори.
Значи дека дипломатијата мора да ги отвори и тешките прашања, а не однапред да ги прогласува за недозволени. Европските елити, меѓутоа, ризикуваат секој разговор за компромис да го претворат во идеолошка расправа за тоа кој е на вистинската страна на историјата. А таквиот пристап не е стратегија за мир, туку политичка реторика што може да го стесни просторот за преговори.

МОСКВА ЈА ОСТАВА ОТВОРЕНА ВРАТАТА, БРИСЕЛ СÈ УШТЕ СЕ РАСПРАВА КОЈ ЌЕ СЕДНЕ НА СТОЛЧЕТО

За потсетување, Москва јавно порача дека Русија никогаш не била против дијалог со европските држави и дека, според Москва, токму европските престолнини го прекинале разговорот. Американскиот претставник Стив Виткоф најави дека Европејците ќе бидат вклучени во следната фаза од разговорите. Но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, веднаш додаде дека Москва ќе процени дали европските земји навистина се подготвени да придонесат за мировниот процес. Во меѓувреме се отвори и ново прашање… А кој тоа воопшто ќе зборува во името на Европа? Европските лидери мораа да разговараат за тоа кој ќе ја претставува Унијата и како ќе се усогласи заедничкиот настап. Овој дипломатски метеж открива нешто што бриселските институции не сакаат премногу да го истакнуваат. Европа не е единствен политички субјект со една надворешна политика, туку заедница на држави со различни интереси, безбедносни процени и политички приоритети. И додека Брисел зборува за единствен европски глас, останува прашањето колку тој глас навистина е единствен.


Европа сака да биде коавтор на мирот, но кој ќе ја преиспита нејзината политика?

Најголемиот проблем за европскиот политички естаблишмент не е само тоа што Вашингтон и Москва досега ги воделе главните разговори без непосредно европско учество. Многу понепријатно е прашањето дали Европа има стратегија што може да понуди повеќе од продолжување на досегашниот курс. Брисел со години ја претставува својата политика како единствена морално прифатлива опција. Но кога политиката не ги произведува посакуваните резултати, се поставува прашањето кој ја сноси одговорноста. Дали некој во европските институции е подготвен да ја преиспита процената дека притисокот, санкциите и воената поддршка, без доволно развиен дипломатски излез, ќе доведат до посакуваното решение?
Точно дека европската безбедност е непосредно поврзана со исходот од војната. Но тоа право не ѝ дава автоматски и право да го монополизира политичкиот разговор, ниту да ги прогласува сопствените позиции за единствена можна основа за мир. На крајот, мировната маса не е говорница за држење лекции, ниту сцена за демонстрација на идеолошка супериорност. Таа е место каде што се соочуваат интереси, се бараат решенија и се презема одговорност за нивните последици. Брисел може да добие столче на таа маса. Но останува да покаже дали ќе донесе вистинска дипломатска стратегија или само уште една папка со декларации, принципи и црвени линии. Зашто, Европа не може истовремено да бара да биде рамноправен преговарач, да инсистира дека нејзините позиции не подлежат на преиспитување и да очекува другите да ги прифатат нејзините услови како почетна точка за мирот, затоа што токму Европа сакаше војна. Или да бидам попрецизен, либералните милитантни бриселски елити ја сакаа оваа војна и ја добија. Но не се надеваа на ваков исход, дека ќе бидат маргинализирани. П.Р.

Доне Прентоски, постојан дописник на „Нова Македонија“ од Германија