• Деновиве официјално беше потврдено дека тој е најстариот качувач на сите светски врвови со височина од над 8.000 метри

Познатиот македонски интервентен кардиохирург Сашко Кедев не е само познат и признаен во светски размери во медицината, туку деновиве неговите спортски резултати, поврзани со качувањето на највисоките светски врвови, му обезбедија место и во Гинисовата книга на рекорди.
Имено, д-р Кедев и официјално, деновиве беше потврдено, стана најстариот качувач на 14-те светски врва со височина од над 8.000 метри. Тој последниот зафат го изведе на 20 јули во 2025 година, кога на 63 години и 14 дена го искачи врвот Гашербрум 1 и го заврши предизвикот.
Претходно, од 2008 до 2011 година, д-р Кедев го реализира првиот дел од големиот предизвик да се фати во костец со сите највисоки врвови во светот. Во еден период од три години, тој се искачи на седумте највисоки врва на сите континенти, што беше само загревање пред она што подоцна си го постави за цел, да се искачи на сите светски врвови што имаат височина од повеќе од 8.000 метри.
Овој предизвик постојано беше присутен во неговите мисли, едноставно тоа беше и неговиот сон. Мечтаеше за денот кога неговите нозе ќе зачекорат и на последниот планиран врв над 8.000 метри, врвот Гашербрум 1.
Кога го оствари и овој последен подвиг, можеби и не беше свесен дека токму со тоа качување, тој по една година, тоа беше потврдено деновиве, ќе биде и официјално верификуван за најстар качувач на врвовите повисоки од 8.000 метри.
Сите овие постигнувања на д-р Кедев беа голем повод да се најде и во Гинисовата книга на рекорди како најстар од големиот број ентузијасти што го сонуваат истиот сон. Ова е големо признание за него, но и за нашата држава.
Гинисовата книга на рекорди на својата интернет-страница, во објавата за ова достигнување на д-р Кедев, ги објави и врвовите и датумите кога д-р Кедев ги искачи тие 14 врва повисоки од 8.000 метри, па така Монт Еверест е искачен на 19 мај 2009 година, Манаслу на 27 септември 2021, Даулагири 1 на 9 април 2022, К2 на 22 јули 2022, Броад Пик на 29 јули 2022, Анапурна 1 на 15 април 2023, Нанга Парбат на 2 јули 2023, Чо Оју на 2 октомври 2023, Макалу на 5 мај 2024, Лотсе на 13 мај 2024, Гашербрум 2 на 22 јули 2024, Шиша Пангма на 4 октомври 2024, Кангченџунга на 23 мај 2025 и Гашербрум 1 на 20 јули 2025 година. З.М.


ИСКАЧЕНИТЕ ВРВОВИ НАД 8.000 МЕТРИ НА Д-Р САШКО КЕДЕВ

 

ВРВ ДАТУМ
Монт Еверест 19 мај 2009
Манаслу 27 септември 2021
Даулагири 1 9 април 2022
К2 22 јули 2022
Броад Пик 29 јули 2022
Анапурна 1 15 април 2023
Нанга Парбат 2 јули 2023
Чо Оју 2 октомври 2023
Макалу 5 мај 2024
Лотсе 13 мај 2024
Гашербрум 2 22 јули 2024
Шиша Пангма 4 октомври 2024
Кангченџунга 23 мај 2025
Гашербрум 1 20 јули 2025

Извор: Гинисова книга на рекорди