Фото: Ка.М

По повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 ноември, здружението „Сина револуција“ по четврти пат ја организираше еколошката акција за пошумување под мотото „Не биди трупец, засади дрво“.

Акцијата се одржа денес во близина на манастирот „Св. Димитриј“ кај селото Селце, прилепско.

Во акцијата се вклучија лица со дијабетес, граѓани, волонтери, компании и градоначалникот Дејан Проданоски. Тие засадија над 300 садници со цел да придонесат за поздрава и позелена животна средина.

– Иницијативата има посебна симболика и е продолжение на нашата заложба грижата за здравјето на луѓето да ја поврземе со грижата за природата. Лицата со дијабетес секојдневно користат инсулински игли, ленти за мерење гликемија, сензори, ланцети и други медицински материјали неопходни за одржување на нивното здравје и квалитет на живот. Овие материјали создаваат специфичен медицински отпад, кој претставува дел од еколошкиот отпечаток на животот со дијабетес. Не можеме да се откажеме од медицинските помагала кои ни го спасуваат животот, но можеме да преземеме одговорност и да направиме нешто добро за природата. Токму затоа, преку оваа акција сакаме симболично да компензираме дел од еколошкиот отпечаток што го оставаме, но и да ја подигнеме јавната свест за правилното постапување со медицинскиот отпад, заштитата на шумите и потребата од активно вклучување на граѓаните во зачувувањето на животната средина – велат од „Сина револуција“.

Акцијата ја поддржа компанијата „Бехтел и Енка“.

Еш Рао, проектен менаџер во компанијата, рече дека им претставува задоволство да придонесат за здрава и чиста животна средина и за позелен Прилеп.

– Секое дрво што го засадивме е инвестиција во иднината. Во годините што доаѓаат дрвјата ќе растат и ќе станат дел од средината во која ќе уживаат следните генерации. Овој настан беше можност „Бехтел и Енка“ да излезе надвор од градилиштето и да придонесе за доброто на заедницата. Придонесуваме за подигање на свеста за дијабетесот и се солидаризираме со лицата кои живеат со оваа состојба и со нивните семејства – рече Еш Рао од „Бехтел и Енка“.

Во Прилеп не се знае точниот број на лица со дијабетес тип 2, додека со дијабетес тип 1 има околу 500 лица. Ка. М.

Фото: Ка.М
Фото: Ка.М
Фото: Ка.М