Промоцијата на монографијата „Суперхикс – Хроника на една гласна иронија“, посветена на една од најпрепознатливите групи на македонската музичка сцена ќе се одржи денеска, со почеток во 20 часот, во кафе-барот „Ван Гог“ во Скопје.
Монографијата, чиј автор е музичкиот публицист Тошо Филиповски, на приближно 400 страници ја документира историјата на „Суперхикс“, од нивните почетоци во 1994 година до денес. Книгата претставува осврт на повеќе од три децении музичко творештво, настапи, спомени и моменти што го обликувале патот на бендот.
Промоцијата ќе биде можност публиката да се запознае поблиску со приказната зад монографијата преку разговор со авторот и членовите на „Суперхикс“, како и да слушне дел од интересните приказни што ја обележиле нивната музичка кариера. Посетителите ќе имаат можност да ја купат книгата на самото место, по специјална промотивна цена, да добијат потпишан примерок и да се дружат со членовите на бендот. А бидејќи станува збор за „Суперхикс“, вечерта нема да помине без музика. Бендот најавува и краток акустичен настап за присутните.