Владата со повеќеслојно сценарио за стабилно снабдување со електрична енергија и ограничување на цената на струјата

  • Домашното производство, обезбедувањето дополнителни количества јаглен, активирањето на расположливите термоенергетски капацитети и навременото снабдување со енергенти се главните столбови на владиниот модел за справување со претстојната енергетска зима

Македонија влегува во уште една грејна сезона во услови на сериозни нарушувања на европскиот енергетски пазар, раст на цените на природниот гас и електричната енергија и неизвесност околу снабдувањето. Во такви околности, обезбедувањето доволно енергенти и спречувањето нов ценовен удар врз граѓаните и стопанството стануваат едни од најважните економски задачи на Владата.
Токму тоа беше во фокусот на завчерашниот брифинг со новинарите на премиерот Христијан Мицкоски, кој издвои дека Владата не чека кризата дополнително да се продлабочи, туку подготвува повеќе сценарија за да обезбеди доволно електрична енергија и да ги амортизира последиците од поскапувањето на меѓународните пазари.
Според премиерот, енергетската криза има продолжен карактер, а цените на електричната енергија на берзите веќе подолг период се движат над 300 евра за мегават-час. Дополнителен притисок претставува и природниот гас, чија цена од ланските 28–30 евра за мегават-час се искачи на околу 85–86 евра, со повремени врвови над 100 евра. Овие движења не се само енергетски проблем, туку директно влијаат врз производствените трошоци, цените на услугите и инфлацијата.
Еден од главните елементи на владиниот план е зголемувањето на домашното производство преку максимално искористување на постојните капацитети на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“. За таа цел се разгледува обезбедување дополнителни количества јаглен од Косово, со што би се надополнило домашното производство и би се создале услови за постабилна работа на термоцентралите. Во планот е и повторно активирање на третиот блок во РЕК „Битола“.
За таа цел е осмислен бизнис-модел за зголемено производство од страна на ЕСМ, што вклучува транспорт на јаглен од Косово за потребите на РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“. За да се обезбеди снабдувањето се работи на отворање посебен граничен премин преку кој би поминувале 200 камиони дневно, покрај 50 камиони преку граничниот премин Блаце.
Паралелно со тоа, Владата го разгледува и рестартирањето на ТЕЦ „Неготино“, за што е потребно обезбедување соодветни количества мазут. Овој капацитет би претставувал дополнителна производствена резерва во периодите на зголемена потрошувачка и недостиг од електрична енергија на регионалниот пазар. Во поширокиот модел се споменуваат и дополнителни количества електрична енергија од Грција, како дел од комбинацијата на домашни и надворешни извори.
Во однос на плановите за рестартирање на ТЕЦ „Неготино“, предвиден е транспорт на суровини од Солун преку железница, со што за таа цел планирана е обнова на железничка пруга на коридорот 10 со бетонски прагови, за да издржат товар и од 10 илјади тони. Со повторна употреба на овој капацитет се предвидува обезбедување цена на електричната енергија за два и пол пати пониска од онаа на берзите.
Особено е важно што овие најави не се сведуваат само на обезбедување енергенти туку подразбираат и поинакво управување со државниот енергетски систем. Целта е да се намали потребата од скапа набавка на струја на берзите бидејќи следуваат периоди кога побарувачката е најголема, а цените најнеповолни. Со други зборови, секој дополнителен мегават-час произведен во домашните електроцентрали може да значи помала изложеност на ценовните шокови однадвор. Премиерот најави дека целта е да се избегне поскапување на електричната енергија, а доколку тоа не може целосно да се спречи, евентуалното зголемување да биде ограничено и да не надмине пет проценти. Ова е значајна транспарент на субјектите на македонското стопанство што се соочуваат со повисоки трошоци за суровини, транспорт и финансирање, но и информација за домаќинствата и индивидуалните потрошувачи.

Враќање на домашното производство во центарот на енергетската политика

Според нашиот соговорник, енергетичар и универзитетски професор, стабилната и пониска цена на енергијата е еден од предусловите за македонското стопанство, за зачувување на куповната моќ и спречување дополнителен инфлаторен притисок.
– Во еден ваков европски и светски кризен енергетски контекст, вистинско освежување се најавата на владините мерки, со надеж за нивна навремена и ефикасна реализација. Обезбедувањето јаглен, мазут и дополнителна електрична енергија мора да биде проследено со техничка подготвеност на постројките, сигурна логистика и прецизна процена на трошоците. Во оваа смисла, актуелната криза повторно го отвора прашањето за долгорочната енергетска стратегија на државата. Обновливите извори се неопходни, но нивната променлива продукција бара поддршка од стабилни производствени капацитети, складирање и функционална мрежа. Државата веќе не ја гради својата енергетска сигурност само врз очекувањето дека во секој момент ќе има доволно евтина струја на регионалните берзи. Оттука, владиниот модел за претстојната зима треба да се оценува и како антиципирачка мерка за заштита на стандардот и како можност за враќање на домашното производство во центарот на енергетската политика. На крајот, енергетската безбедност не се мери само со тоа дали има струја во мрежата туку и дали државата може да ја произведе, да ја обезбеди по одржлива цена и да им ја стави на располагање на граѓаните и стопанството. Затоа, сметам дека најважната задача на Владата не е само да ја помине претстојната зима со што помал ценовен удар туку и од оваа криза да извлече трајна доктрина. Имено, без сопствено производство нема вистинска енергетска сигурност, ајде да речам и – суверенитет. И притоа нагласувам дека не треба да се создава впечаток дека Македонија бара привилегија да ја избегне зелената транзиција, туку дека бара право на економски разумна и праведна транзиција, во која нема да ги жртвува сопствената индустрија и производствена база – нагласува нашиот соговорник, исклучителен експерт за енергетика и универзитетски професор во пензија.


Без домашна базна струја нема конкурентна индустрија,
ниту економски суверенитет

  • Сопствената струја е повеќе од енергетски ресурс. Таа е предуслов за конкурентна економија, стабилно стопанство и економски суверенитет. Држава што сака да има индустрија, работни места и развој мора да има и доволно сопствена електрична енергија.
  • Македонија мора да ги зачува и модернизира сопствените производствени капацитети, паралелно да инвестира во обновливи извори и да обезбеди реален, постепен и економски издржан пат кон зелената транзиција

Енергетската криза низ која минува Европа уште еднаш потврдува една едноставна, но суштинска економска вистина. Во основа, држава што нема доволно сопствено производство на електрична енергија станува зависна од туѓите производствени капацитети, туѓите енергетски политики и, пред сè, од цените на меѓународните пазари. За Македонија, ова прашање одамна не е само енергетско туку е и прашање на индустриска конкурентност, економски развој и национална отпорност. Министерството за енергетика од почетоците на своето работење покажува исклучителни заложби и успеси на овој план. Покрај низа проекти на енергетско вмрежување, домашното производство на електрична енергија, вклучувајќи го и базното, е ставено на највисок пиедестал и е една од темелните определби на државната економска политика. Производствените капацитети што можат континуирано да испорачуваат електрична енергија се основа врз која се потпираат индустријата, рударството, металургијата, преработувачките капацитети, земјоделството и сите дејности што зависат од сигурно и предвидливо снабдување.
– Електричната енергија не е обична суровина што може секогаш и без последици да се набави кога ќе ни затреба. Кога државата не произведува доволно, разликата мора да ја покрие со увоз, често по цени што ги диктираат регионалните и европските берзи. А кога цената на струјата расте од неколку десетици на неколку стотици евра за мегават-час, последиците се прелеваат низ целата економија. Компанијата што плаќа поскапа струја има повисоки производствени трошоци. Таа потоа мора да ја зголеми цената на својот производ, да ја намали заработката, да ги ограничи инвестициите или, во најлош случај, да го намали производството. Во услови на меѓународна конкуренција, ниту една индустрија не може долгорочно да опстане ако електричната енергија ја плаќа значително поскапо од конкурентите на другите пазари. Така, енергетската зависност постепено станува економска неконкурентност, а неконкурентноста може да значи губење пазари и затворање производствени линии и работни места – вели соговорник од Стопанската комора на Македонија.
Овој аргумент го потенцираше и „Нова Македонија“ во своите анализи и разговори со енергетски експерти во изминатите две години. Уште во септември 2024 година, во интервју за весникот, професорот Константин Димитров укажа дека сонцето, ветерот и водата можат значително да придонесат во задоволувањето на потребите, но дека сѐ уште, дури и во енергетски развиените земји, не можат сами да гарантираат континуирано стабилно производство во секој момент. Неговата поента беше дека без соодветен базен капацитет државата ја изложува сопствената економија на сериозен ризик. Тоа не значи дека обновливите извори треба да се ограничуваат или дека зелената транзиција треба да се напушти. Напротив, хидроенергијата, сончевите централи, ветерните паркови… се неопходен дел од идниот енергетски микс. Но тие мора да се развиваат како дополнување и постепена трансформација на системот, а не како замена за стабилното производство пред да бидат обезбедени соодветни резервни капацитети, складирање и инфраструктура.

Особено е значајно прашањето за РЕК „ Битола“, РЕК „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“

Горенаведените постројки не треба да се гледаат само низ призмата на нивните тековни производствени трошоци туку и низ вредноста што ја имаат за сигурноста, отпорноста и стабилноста на целокупниот електроенергетски систем. Нивното одржување, модернизација и рационално користење можат да обезбедат неопходна стабилност во периодите кога обновливите извори нема да произведуваат доволно. За тоа колку е значајно домашното производство покажуваат и некои статистички податоци. Имено, според Државниот завод за статистика, во мај 2026 година домашното бруто-производство на електрична енергија покрило 96,5 проценти од бруто-домашната потрошувачка. Овој податок покажува дека високото покривање на потребите со домашна енергија е достижно. Но истовремено треба да се има предвид дека месечниот резултат не е гаранција за стабилност во текот на целата година, особено во зимските месеци, кога потрошувачката расте.

ЕУ ги преиспитува темпото и инструментите на декарбонизацијата

Во новата европска енергетска реалност сè поочигледно е и дека зелената транзиција мора да биде усогласена со економската реалност. И самата ЕУ почнува да ги преиспитува темпото и инструментите на декарбонизацијата, свесна дека високите трошоци за енергија битно ја ослабуваат европската индустрија. За Македонија, која има помала економија и ограничени финансиски ресурси, оваа информација е уште поважна и затоа се преземаат соодветни мерки.
– Добро е што при усогласувањето со европските климатски политики, особено со механизмите за јаглеродните емисии што се очекува да почнат да влијаат врз нашата економија од 2027 година, државата активно бара реалистични преодни решенија, што ќе овозможи зачувување на производствените капацитети додека се градат нивните одржливи замени. Тоа не значи бегање од обврските за намалување на емисиите, туку нивно спроведување на начин што нема да ја деиндустријализира државата. Во таа насока Македонија мора да размислува за енергетски микс во кој ќе има место за модернизирани термоенергетски капацитети, хидроенергија, обновливи извори, системи за складирање и, долгорочно, нови технологии за стабилно производство. Потребно е и сериозно планирање на идните инвестиции, бидејќи изградбата на нови производствени капацитети бара време, капитал и стручни кадри – вели нашиот соговорник, енергетичар и универзитетски професор.
Toj додава дека придобивките од таквата политика се повеќекратни.
– За индустријата тоа значи поголема предвидливост на трошоците и подобри услови за инвестирање. За стопанството значи задржување на конкурентноста и можност за проширување на производството. За државата значи помала зависност од увозот и помал одлив на девизи. За граѓаните, пак, значи поголема сигурност во снабдувањето, помала изложеност на ценовни шокови и поголема можност за долгорочно стабилизирање на сметките за електрична енергија. Домашното производство не е само прашање колку мегават-часови ќе произведеме туку и каде ќе остане економската вредност од произведената енергија. Кога струјата се произведува во сопствената држава, се активираат домашните капацитети, се вработуваат работници, се користат услуги и ресурси и се создава поголема економска вредност во земјата. Затоа, вистинскиот избор не е меѓу јагленот и зелената енергија, туку меѓу добро испланирана транзиција и непромислено откажување од производствените капацитети пред да бидат обезбедени нивните замени. Македонија не смее да дозволи климатските цели да се претворат во економска слабост, ниту енергетската зависност да стане пречка за развојот на сопствената индустрија – тврди нашиот соговорник.
Сопствената струја е повеќе од енергетски ресурс. Таа е предуслов за конкурентна економија, стабилно стопанство и економски суверенитет. Држава што сака да има индустрија, работни места и развој мора да има и доволно сопствена електрична енергија. Р.Н.М.