Yuri Ushakov Putin
Фото: ЕПА

Русија и САД се договориле да одржат нова рунда трилатерални преговори за решавање на војната во Украина. Ова го соопшти советникот на рускиот претседател за надворешнополитички прашања, Јуриј Ушаков, по денешната средба на Владимир Путин со американските специјални пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Москва.

Ушаков за „Си-ен-ен“ (CNN) изјави дека и покрај скептицизмот околу продолжувањето на преговорите, двете страни успеале да постигнат договор за нова средба.

– Луѓето не веруваа дека можеме да ги продолжиме трилатералните разговори. Ние ги продолживме и се согласивме повторно да се сретнеме – истакна Ушаков.

Тој најави и дека Путин ќе разговара за ситуацијата во Украина со американскиот претседател Доналд Трамп на претстојниот самит на АПЕК во Кина.

Една од темите на разговорите во Москва била и идната европска безбедносна архитектура. Според Ушаков, руската страна јасно ставила до знаење дека се противи на понатамошното проширување на НАТО, изразувајќи надеж дека европските земји ќе се вклучат во разговорите за воспоставување нов безбедносен систем.

Тој посочи дека Путин ја поддржува американската иницијатива за надминување на безбедносните проблеми на Русија и Украина преку создавање нов европски безбедносен модел.

– Русија е подготвена веднаш да започне со координирање на параметрите на новата долгорочна безбедносна архитектура, заедно со американските претставници. Москва се надева дека ќе имаат поддршка од европските претставници – изјави Ушаков.

Тој додаде дека Русија очекува Виткоф и Кушнер да ги пренесат пораките од Москва до европските претставници и украинската страна за време на нивниот престој во Даблин.

Средбата меѓу Путин и американските пратеници во Кремљ траела околу два часа. На разговорите присуствувале и Ушаков, главниот руски преговарач Владимир Медински и директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев.

Виткоф и Кушнер пристигнаа во Москва од Абу Даби, каде што учествуваа во трилатералните разговори меѓу Русија, Украина и САД. По средбата со Путин, предвидено е да отпатуваат во Даблин, каде треба да разговараат со украинскиот претседател Володимир Зеленски.