Фото: Руски претседател/Твитер

Рускиот претседател Владимир Путин предложи петдневен прекин на огнот во украинскиот град Костјантинивка, во регионот Донецк, со цел да се овозможи евакуација на стотици цивили. Предлогот бил изнесен на средбата со американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои денеска престојуваат во Москва во рамките на дипломатските напори за завршување на војната во Украина, јави ДПА.

Според Путин, привременото запирање на борбите би им овозможило на руските сили да ги расчистат мините, по што цивилите би можеле да бидат евакуирани преку заедничка хуманитарна операција со Украина.

Рускиот претседател предложил во операцијата да бидат вклучени и меѓународни новинари, меѓу кои и американски, кои би ја следеле евакуацијата. Како пример ја посочил претходната слична акција во градот Олешки, во регионот Херсон, која била реализирана со посредување на првата дама на САД, Меланија Трамп.

И покрај предлогот за привремен прекин на огнот, Путин не покажал отстапување во однос на територијалното прашање. Тој повторил дека секое конечно решение за војната мора да ги земе предвид границите што Москва ги смета за свои државни граници.

Русија во 2022 година прогласи анексија на украинските региони Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, иако нема целосна контрола врз нив. Овие анексии не се меѓународно признати. Москва бара повлекување на украинските сили од делови на Донецк како услов за сеопфатен прекин на огнот, додека Киев ги отфрла територијалните отстапки.

Виткоф, специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, и Џаред Кушнер во Москва треба да разговараат со Путин за резултатите од дводневните трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД, одржани оваа недела во Абу Даби.

На разговорите било договорено ослободување и размена на поголем број воени заробеници, но засега не се објавени конкретни договори за завршување на војната. Ова е четврта посета на Виткоф на Русија и средба со Путин во текот на годинава.

Кушнер претходно изјавил дека една од целите на посетата на Москва е да се разгледа можноста за вклучување на европските земји во преговарачкиот процес и негово проширување во мултилатерален формат.

По разговорите во Москва, Виткоф и Кушнер планираат да отпатуваат во Даблин, каде што треба да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во ирскиот главен град се собираат лидери од речиси 50 земји на самитот на Европската политичка заедница, на кој војната во Украина е меѓу главните теми.

Во меѓувреме, Русија во текот на ноќта изврши нови воздушни напади врз Украина, при што повторно беше цел и главниот град Киев, кој беше нападнат со балистички ракети, пренесува ДПА.