Вашингтон отвора врата за Европа во мировните преговори за Украина, но Кремљ сака сам да го избере клучот
- Сѐ уште неофицијалниот предлог на Кремљ, со кој се бара поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да биде европски посредник во преговорите за Украина, можеби изгледа како дипломатски парадокс. Но зад него се крие многу посериозна руска намера за тоа дека „Москва веќе формира политичка волја повторно да ја внесе Европа во преговарачката равенка, но под услови што самата ќе ги дефинира“. Во тој план, Шредер е повеќе од име за посредник
Најважниот аспект на формирањето политичка волја на Москва за евентуално учество на ЕУ во мировните преговори за Украина се идентификува во името на Герхард Шредер. Според нашиот дипломатски американски извор, повикувајќи се на американски дипломатски процени…, „Москва не се противи на поголемо европско учество во разговорите само затоа што сака да ја изолира Европа. Напротив, таа сака да ја вклучи, но не како единствен и политички хомоген блок, туку како група држави со различни интереси, различна толеранција кон продолжувањето на војната и различни ставови за идната безбедносна архитектура на Европа…“. Според нашиот брифер, во таквата стратегија, Шредер има неколку предности. Имено, тој е поранешен германски канцелар, има политичко искуство, одржува долгогодишни лични врски со рускиот претседател и не ја прифаќа политиката на целосно прекинување на односите со Москва, а тоа е од друга страна токму она што во Брисел и Киев го сметаат за негова најголема слабост, односно блискоста со руските државни енергетски компании…, вели нашиот соговорник.
– Русија со години се обидува, особено по доаѓањето на Трамп за претседател на САД, да докаже дека „европската безбедност не може да се гради без разговор, па и преку различни форми и облици на соработка со Москва“. Дури и на претседателот (на САД н.з.) таа теза му изгледаше прифатлива, во контекст на државниот интерес (на САД). Шредер е погодна фигура за еден олеснувач на таква операција бидејќи неговото политичко наследство е поврзано токму со идејата дека европската безбедност не може да се гради без разговор со Москва. За Путин, тој претставува можност да се обнови еден стар политички канал, без Кремљ да мора да прифати висок административен/бирократски бриселски претставник, кој би настапувал со заеднички мандат на Унијата, во кој Москва би немала доверба – вели американскиот дипломат.
Тој додава и уште една поширока геополитичка позната причина…
– Москва сака разговорите за Украина да не се сведат само на територијалните прашања и на прекинот на огнот. Москва цели кон поширок договор за европската безбедносна конфигурација, во која би се отвориле прашањата за НАТО, военото присуство на Северноатлантската алијанса во Источна Европа и идните односи меѓу Русија и западноевропските држави. Токму затоа Шредер би бил добар олеснувач и посредник. Тој е политичар што може да ја артикулира тезата дека Европа мора повторно да разговара со Русија, дури и кога тоа е политички неприфатливо за елитите од Брисел. Но тоа (со учество на Шредер – н.з.), од друга страна, е прифатливо за суверенистичките европски струи. Не ми се верува дека и официјален Вашингтон би имал против овој предлог, доколку се официјализира – цени нашиот соговорник, кој сакаше да остане анонимен.
МИ Вашингтон еволуира во ставот
Она што ја прави оваа приказна особено актуелна е фактот дека Вашингтон сега, по разговорите во Абу Даби, и самиот допушта или поточно „не е ригиден против тоа Европа да добие место на преговарачката маса“.
За издвојување, според ексклузивното известување на американскиот портал „Аксиос“, „администрацијата на Доналд Трамп побарала од Москва да предложи нов безбедносен договор со Европа, вклучувајќи и конкретни руски чекори за намалување на тензиите“. Американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф веќе го пренесоа тоа барање до Путин на средбата во Москва, веднаш ден по средбата во Аби Даби. Вашингтон, според тоа, ќе допушти учество на европски претставници во следните рунди преговори за Украина.
– Тука се отвора просторот за Шредер. Ако Москва досега го користеше неговото име како политичка порака кон Европа, во новите околности тој може да стане и дел од поширокото прашање за тоа кој ќе ги претставува европските интереси во разговорите со Русија. Сепак, нема јавно потврдена информација дека Вашингтон формално го предложил или го поддржал Шредер за таква функција – вели еден наш дипломат од кого побаравме мислење за оваа состојба.
Нема нов, ниту неофицијален ниту официјален, став на Брисел во врска со Шредер
Според нашиот дипломат од кариера со кого направивме консултации по оваа информација, „ЕУ има сериозни причини повторно исто да реагира за Шредер како Каја Калас во мај оваа година кога таа и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха го отфрлија овој предлог“. Меѓутоа, вреди да се напомене дека од мај до денес, Каја Калас и претседателката на Европската комисија (ЕК) сериозно ги заладија односите во однос на надворешната политика на Униката и за тоа кој треба да ја води и да има последен збор. Нивното нетрпение во последно време кулминира и прашање е сега дали Фон дер Лајан ќе го дели истиот став како Каја Калас од мај годинава.
За потсетување, еврокомесарката Калас истакнуваше дека учеството на Шредер во управувачките структури на „Роснефт“, како и неговите ангажмани поврзани со „Газпром“ и „Северен тек“, создаваат очигледен конфликт на интереси. Каја Калас затоа не ја отфрли само неговата кандидатура туку и самата идеја Русија да избира кој ќе ги застапува европските позиции.
ЕУ ризикува да стане само адреса на која подоцна ќе ѝ бидат испорачани веќе донесените одлуки
Но Брисел не може едноставно да ја игнорира новата дипломатска динамика. Ако САД и Русија почнат да договараат поширока безбедносна рамка, а Европа остане надвор од процесот, Унијата ризикува да стане само адреса на која подоцна ќе ѝ бидат соопштени веќе донесените одлуки. А токму европските држави ќе треба да ги понесат последиците од секој договор, и тоа од безбедносните гаранции за Украина до идното распоредување на воените сили и односите со НАТО. Во оваа смисла, Шредер можеби не е идеалното решение за кандидат за претставник од Брисел, но уште поголемиот ризик за ЕУ е, додека се расправа кој треба да седи на масата, Вашингтон и Москва да почнат да одлучуваат за нејзината иднина. Р.С.
































