Не е точно дека Вартоломеј понудил поволни услови за томос за автокефалност на Македонската православна црква. Грчките услови се познати, нив ги повтори и поглаварот на МПЦ-ОА, неговото блаженство г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, во изјава за штипската телевизија ТВ Стар на 22 мај 2024 година рече дека МПЦ-ОА би прифатила томос од Вселенската патријаршија, но поставените услови ги оцени како неприфатливи. А, тие услови се: откажување од името Македонска православна црква, сопственост и јурисдикција на Гркоправославната патријаршија на Истанбул врз македонските цркви и манастири во светот надвор од границите на Македонија и признавање на Православната црква на Украина. Се разбира, тука спаѓа и промена на титулата на поглаварот на МПЦ-ОА – од „архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима“ само во „архиепископ охридски“.
Тука има и уште едно правило: Кога Гркоправославната патријаршија на Истанбул дава томос за автокефалност, црквата-ќерка што го добива томосот, како благодарност ѝ дарува на мајката-црква еден манастир или црква во нејзина сопственост. Мајката-црква именува и свој егзарх во државата во која црквата-ќерка добила томос за автокефалност. Истото тоа се случи и со Украинската православна црква. Во Украина имаше три православни цркви: (1) Украинска автокефална православна црква, основана во 1921 година како акт на отпор кон Москва и репресалиите за време на советскиот режим возглавена од патријархот М’стислав, (2) Украинска православна црква – Московска патријаршија, на која по распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991 година рускиот патријарх Алексеј Втори ѝ дал самоуправен статус, но сепак како дел од Руската православна црква, возглавена од митрополитот Онуфриј, и (3) Украинска православна црква – Киевска патријаршија, основана во 1990 година, по отцепувањето, предводена од патријархот Филарет, анатемизиран од Руската православна црква како „отпадник и предавник“, иако во советско време бил меѓу главните кандидати за поглавар на Руската православна црква – Московска патријаршија.
Со цел да се суспендира „руското влијание“ во Украина преку Руската православна црква и Украинската православна црква – Московска патријаршија, Вартоломеј свикува собор за обединување со сите епископи од трите православни цркви во Украина. На соборот не доаѓа Украинската православна црква – Московска патријаршија, најголемата и најбогата црква во Украина. На 15 декември 2018 година, под јурисдикција на Цариградската патријаршија, Украинската православна црква – Киевска патријаршија возглавена од патријархот Филарет се обединува со Украинската автокефална православна црква возглавена од патријархот М’стислав и некои членови на Украинската православна црква – Московска патријаршија во Православна црква на Украина возглавена од митрополитот Епифаниј (Думенко). Украинската православна црква – Киевска патријаршија возглавена од патријархот Филарет на тој начин престанала да постои, украинските власти веднаш ја дерегистрирале, односно ја избришале од државниот регистар на цркви.
На 20 јуни 2019 година, патријархот Филарет објави продолжување на Украинската православна црква – Киевска патријаршија, ја отфрли јурисдикцијата на Цариградската патријаршија врз новата Православна црква на Украина, затоа што не била признаена под името Украинска православна црква и затоа што јурисдикцијата ѝ беше одобрена само врз црквите на територијата на Украина, а епархиите во светот ѝ беа одземени. Украинските власти, дополнително, не ја одобрија повторната регистрација на Украинската православна црква – Киевска патријаршија, а на 21 август 2024 година Украинскиот парламент (Врховната рада на Украина) донесе закон со кој од 20 септември 2024 година ја забрани единствената канонска Украинска православна црква – Московска патријаршија возглавена од митрополитот Онуфриј, како резултат на фашистичкиот прогон од украинските власти врз единствената канонска Украинска православна црква! Со овој закон со кој се суспендираат верските слободи во Украина, на митрополитот Онуфриј и другите епископи, свештеници, монаси и монахињи на единствената канонска Украинска православна црква им се понуди да преминат во расколничката Православна црква на Украина возглавена од митрополитот Епифаниј, формирана на 5 јануари 2019 година под јурисдикција на Гркоправославната патријаршија на Истанбул возглавена од патријархот Вартоломеј, во спротивно ќе им бидат одземени сите лаври, манастири и цркви на целата територија на Украина! Егзарх на грчкиот патријарх Вартоломеј во Украина е г. Михаил епископ комански, на таа служба избран на 11 јануари 2019 година, а за епископ хиротонисан на 8 ноември 2020 година од патријархот Вартоломеј. Ставропигијална, односно директно под јурисдикција на Цариград, а не под Православната црква на Украина, е црквата „Свети Андреј“ – Андреевската црква во Киев доделена на Вартоломеј со закон.
Овој украински модел требаше да се примени и во Македонија: Името на МПЦ-ОА да се смени во Православна црква во Северна Македонија – Архиепископија на Охрид; епархиите на МПЦ-ОА надвор од нејзините граници да преминат под јурисдикција и сопственост на Гркоправославната патријаршија на Истанбул; да биде избран егзарх на Вартоломеј во Северна Македонија, се претпоставува епископ Партениј (егзарх е оној што владее однадвор) – Стефан да добие намесник на Вартоломеј во Северна; Бигорскиот манастир како ставропигијален манастир под јурисдикција и сопственост на Вартоломеј (затоа бигорците паѓаат во транс штом им се спомне Вартоломеј); МПЦ-ОА да влезе во сослужение со грчката Православна црква на Украина формирана во 2019 година возглавена од митрополитот Епифаниј; и да се промени титулата на поглаварот на МПЦ-ОА од архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима во архиепископ охридски (и на Северна Македонија).
И уште неколку пикантерии како работат разузнавачките служби во интерес на големите сили под чиј патронат се некои цркви. Разговорите меѓу МПЦ и СПЦ за автокефалност се водеа дискретно. Што е и нормално. Томосот за автокефалност од СПЦ за МПЦ-ОА речиси беше договорен. На 8 мај 2022 година, г. Фотиј митрополит зворничко-тузлански на СПЦ, за време на неговата беседа по литургијата во манастирот „Света Петка“ во Бијелина, Босна и Херцеговина, изјави дека на 7 и 8 мај 2022 година во Ниш се одржала средба меѓу претставници на МПЦ-ОА и СПЦ, на која присуствувал и српскиот патријарх Порфириј и дека на претстојниот мајски Архијерејски собор на СПЦ во Белград од 15 до 21 мај 2022 година е можно да се огласи договор, по што Македонската православна црква би се вратила во канонско единство и би добила томос за автокефалност од СПЦ. Веројатно и одлуката на Руската православна црква била пресудна – итна и безусловна автокефалност на МПЦ-ОА! Впрочем, нема ништо лошо во тоа, напротив!
На 9 мај 2022 година Вартоломеј огласи евхаристиска заедница со Црквата во Скопје, но дека ќе ја признаат Црквата во Скопје без зборот Македонија и изведенки од него. Техничките услови за автокефалноста ѝ ги остави на Српската православна црква. И претходно веќе договорено, СПЦ го заврши тоа. Вартоломеј влета во постапката за автокефалност, за да ги наметне грчките услови за автокефалност.
И се разбира, ги пуштија македонските мршојадци да ја заблудуваат јавноста дека томосот за автокефалност од СПЦ не важи, ама ќе важи само оној од Вартоломеј, за да ја демонтираат Македонската православна црква и ни ги продаваат пуфките на Стево Пендаровски дека Македонија не може да биде македонска бидејќи покрај Македонците живеат и други – антимакедонски идиотизам пар екселанс! Поради грчката окупација и геноцид врз Македонија беше за очекување продолжување на грчкиот наци-фашизам и во ликот и делото на Гркоправославната црква на Истанбул кон Македонската православна црква, ама да се најдат толку антимакедонци на едно место против МПЦ – тоа е еве чудо видено!
Во српскиот томос има контрадикторности и нелогичности, меѓутоа за првпат во својата историја во томосот за автокефалност стои дека СПЦ ја признава автокефалноста на Македонската православна канонска наследничка на древната Охридска архиепископија, поради што и нејзиното име во името на МПЦ. Тоа дека СПЦ дала цркви на користење е вербализам без правна основа. Империјата не постои, Србија и Македонија се суверени и самостојни држави со свои катастри, врз сите цркви и манастири во Македонија имотен лист има само Македонската православна црква!
Да не заборавиме дека Грците толку нѐ засакаа, па нѐ прегрнаа од љубов. Сѐ уште важи: Не верувајте им на Данајците и кога дарови ви носат. Имено, на 8 октомври 2013 година, на одбележувањето на 1.700-годишнината од донесувањето на Миланскиот едикт во Ниш, Србија, поради заштита на тогаш расколникот и одродник Зоран Вранишковски и неговата секта, гркоправославниот патријарх на Истанбул Вартоломеј изјави дека „Црквата во Скопје“ е „антихристијанска и псевдоцрковна организација“. Во септември 2018 година, пак, гркоправославниот патријарх на Истанбул Вартоломеј на седница на Светиот синод на Грчката патријаршија во Истанбул изјави дека „никогаш нема да ја признае Македонската православна црква сè додека нејзиниот наслов го содржи зборот ‘македонски’ или кој било друг негов дериват!“
Мора да се бориме и избориме за името, статусот и достоинството на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, да даде Господ поскоро и патријаршија и Јустинијана Прима. Да Охридска архиепископија, ама Охридска архиепископија – Αρχιεπισκοπή Αχριδών) а не – Αρχιεπισκοπή Αχρίδος)!
МПЦ-ОА не претендира на јурисдикција врз епархии што порано биле под нејзина јурисдикција, МПЦ-ОА ги почитува актуелните граници на Балканот и јурисдикцијата на православните цркви на Балканот, МПЦ-ОА нема да гради цркви и манастири и нема да бара сопственост врз старите цркви и манастири во други држави надвор на Балканот! МПЦ-ОА ќе ја задржи јурисдикцијата врз епархиите надвор од границите на државата Македонија и нема да влезе во сослужение со неканонската Православна епархија на Украина. И на сите цркви што ќе влезат во сослужение со МПЦ-ОА признавајќи ѝ го канонското единство на древната Охридска архиепископија ќе им понуди градежни парцели за цркви и манастири во Охрид како подворја во Македонија.
И аман, доста од месии и посредници на МПЦ-ОА, местото не им е дури ни во храм, а не во нејзино име да преговараат и договараат антимакедонски проекции за Македонската црква, македонскиот народ и македонската држава поради лични и други и туѓи интереси!
Ех, море Фрчкоски, Андонов, Николовски… Ред се редат…
Тодор Петров
(крај)
































