Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (29)

Во средината на петнаесеттиот век, Фиренца станала епицентар на длабока интелектуална трансформација што од темел го променила западноевропскиот поглед на светот. По падот на Константинопол во 1453 година, но и во децениите непосредно пред и по Фераро-фирентинскиот собор (1438-1439), италијанскиот полуостров бил преплавен со источни научници, монаси, бегалци и трговци со книги, кои со себе носеле зачувани антички кодекси од старото наследство. Меѓу најстрасните патрони на ова интелектуално обновување бил Козимо де Медичи, вистинскиот владетел на Фиренца и еден од најмоќните луѓе во тогашниот свет. Козимо не бил само банкар и прагматичен државник; тој поседувал исклучителна љубов кон книгите и филозофијата. Неговата визија била насочена кон воскреснување на платонизмот, традиција што во средновековна Западна Европа била речиси целосно потисната во корист на схоластичкиот аристотелизам. За таа цел, Козимо ја основал Платоновата академија во Кареџи и го зел под своја закрила младиот и надарен син на својот личен лекар, Марсилио Фичино. Задачата што Козимо му ја доделил на Фичино била монументална: да ги преведе целосните дела на Платон од античкиот изворен јазик на латински. Сепак, во 1460 година, оваа грандиозна задача одеднаш била прекината. Причината за прекинот било пристигнувањето на еден мистериозен антички ракопис во Фиренца, кој содржел четиринаесет трактати припишани на митскиот мудрец Хермес Трисмегист, познати под заедничкото име „Corpus Hermeticum“. Ракописот во рацете на Козимо го донел монах по име Леонардо од Пистоја, а како место на неговото пронаоѓање, изворите ја посочиле токму Македонија.
Единствениот директен и автентичен примарен извор што го документирал географското потекло на фирентинскиот херметички кодекс потекнувал лично од перото на Марсилио Фичино. Во предговорот на својот латински превод на „Pimander“, насловен „Argumentum Marsilii Ficini Florentini in Librum Mercurii Trismegisti ad Cosmum Medicum“, Фичино му се обратил директно на својот мецена Козимо де Медичи: „Кон Меркур се нафатив неколку месеци откако Платон беше оставен настрана. Имено, Козимо де Медичи, таткото на татковината, кога дојде во посед на античкиот кодекс на Меркур, кого монахот Леонардо од Пистоја го донесе од Македонија, веднаш ми наложи да го преведам од античкиот јазик на латински. Тој ми нареди да го одложам Платон, а да му дадам предност на Меркур; зашто сметаше дека беше помудро прво да се чита оној што прв од сите напиша теологија“.
Овој цитат претставувал темел на истражувањето на ренесансниот херметизам. Од него произлегуваат неколку јасни историски факти: дека ракописот стигнал директно во рацете на Козимо де Медичи; ракописот бил напишан на антички јазик; ракописот бил донесен од монахот Леонардо од Пистоја; географската територија од која ракописот бил донесен била изречно наведена како Македонија (ex Macedonia apportaverat).

За да се сфати како овој ракопис пристигнал во Италија, историчарите ја расветлиле улогата на Леонардо од Пистоја. Во архивите на Фиренца и во кореспонденцијата на семејството Медичи, Леонардо се појавил како еден од собирачите што италијанските хуманисти ги испраќале низ Левантот и балканските провинции за да купуваат и да спасуваат зачувани антички ракописи.
Како што забележала историчарката Франсес А. Јејтс во делото „Giordano Bruno and the Hermetic Tradition“ (1964): „Во 1460 година монах по име Леонардо од Пистоја пристигнал во Фиренца од Македонија, носејќи со себе антички ракопис на Херметичкиот корпус. Тој бил еден од агентите вработени од Козимо де Медичи за да собираат антички ракописи за него. Козимо веднаш му наредил на својот млад научник, Марсилио Фичино, кој бил ангажиран во преведувањето на Платон, да ја прекине таа работа и веднаш да започне со преводот на Пимандер“.
Леонардо од Пистоја дејствувал како библиографски истражувач. Во периодот по 1450 година, балканскиот простор се наоѓал под силен притисок од османлиските освојувања, па многу манастирски библиотеки биле во опасност, што овозможило одредени кодекси да бидат откупени или пренесени на безбедно место на Запад. Прашањето од кој конкретен манастир потекнувал кодексот било предмет на длабински анализи. Самиот Фичино не го именувал поединечниот манастир, но палеографските и историските истражувања на Пол Оскар Кристелер и Себастијано Џентиле посочиле на манастирските средини во Македонија. Покрај светогорските комплекси, дел од истражувачите ги посочиле и манастирските скрипториуми во Солунскиот Регион и низ внатрешноста на Македонија, каде што со векови се препишувале и се чувале филозофски и доцноантички ракописи. На маргините на самиот ракопис останале запишани белешките на Марсилио Фичино, што претставувало непосреден доказ за патот на текстот од Македонија до работната маса на италијанските хуманисти.

Зошто Козимо му дал предност на Хермес пред Платон? Кога Леонардо од Пистоја пристигнал во Фиренца, Козимо де Медичи веќе бил во поодминати години и чувствувал дека крајот на неговиот живот се приближувал. Тој донел неочекувана одлука: му наложил на Фичино веднаш да го одложи преведувањето на Платон и прво да се посвети на текстовите на Хермес Трисмегист. Ренесансните мислители верувале дека Хермес Трисмегист бил прастар антички мудрец што живеел во најдлабоката старина и бил првиот што ја примил божествената вистина, која подоцна стигнала до питагорејците и до Платон. Козимо посакал да ја прочита праисконската мудрост пред да почине, па Фичино го завршил преводот во април 1463 година, овозможувајќи му на својот патрон да го прочита текстот пред смртта во 1464 година.
Пристигнувањето на ракописот од Македонија во Фиренца извршило огромно влијание врз европската мисла. Преводот на Фичино отворил нов правец во ренесансната филозофија, инспирирајќи мислители како Пико дела Мирандола и Џордано Бруно. Записот на Марсилио Фичино останал клучно сведоштво: кодексот на Хермес Трисмегист, кој го поттикнал развојот на ренесансниот херметизам, пристигнал во рацете на Козимо де Медичи токму од Македонија.

М-р Никола Ристевски

(продолжува)