Честитка по повод 63-годишнината од излегувањето на првиот број на „Вечер“

Постојат датуми што се посебно обележани во нашиот редакциски календар. Овој ден е таков. На денешен датум пред 63 години не само што започна животот на еден македонски традиционален медиум туку и се отвори ново поглавје во колективната меморија на македонскиот народ и нација. Токму така, 11 ноември 1963 година е денот кога беше отпечатен првиот број на „Вечер“, весник што со децении ќе биде сведок на времето, хроничар на настаните, информатор, едукатор, забавувач и придружник на сите генерации читатели.
Роден во едно од најтешките поглавја во историјата на Скопје, само неколку месеци по разорниот земјотрес, „Вечер“ не донесе само вести. „Вечер“ донесе нова надеж, пишувана со верба и со љубов. Донесе чувство дека животот продолжува, дека главниот град на државава и цела Македонија со него повторно дише и дека зборот има моќ да ги поврзува луѓето дури и кога околу нив сѐ уште се видливи физичките и духовните урнатини.
Повеќе од шест децении по неговото прво издание, страниците на „Вечер“ остануваат жива архива на македонската реалност. Во нив на еден специфичен, близок на читателот начин, со посебен искрен вечеровски уникатен начин, се напишани радостите и тагите на луѓето, политичките конфликти, спортските триумфи, културните успеси и секојдневните човечки приказни што ја градат радоста на едно општество. Илјадници новинари, уредници, фотографи и соработници оставија дел од себе на тие страници, создавајќи наследство што ја надминува штетата од обичните дневни информации.
Денес, во ерата на социјалните мрежи, порталите и континуираниот дигитален проток на информации, некој би можел да се запраша дали весниците сè уште имаат место во современиот свет. Одговорот е едноставен. Тие се потребни повеќе од кога било! Бидејќи електронските медиуми ја носат брзината на моментот, но печатениот медиум ја носи тежината на времето. Интернет-вестите се читаат и исчезнуваат во следната секунда. Весникот останува. Може да се зачува, да се прелистува низ години и децении, да стане историски документ и сведоштво за истражување, а сето тоа во исто време. На неговите страници можете да ги прочитате не само информациите туку и духот на една ера. Тоа е „Вечер“. Затоа, весникот е повеќе од медиум. Тој е културна институција. Тоа е навика за внимателно читање во свет на брзо скролање. Тоа е потсетник дека вистинските вести бараат време, верификација и одговорност. Во ера на лажни вести и дигитален шум, весникот останува симбол на издржливост, професионализам и доверба.
Денес, кога го славиме денот на раѓањето на „Вечер“, најпрво им честитаме на нашите колеги за силата, упорноста и истрајноста на својата чесна мисија и професија. Второ, им честитаме на сите што ги препознаваат важноста на пишаниот збор и улогата на весниците во современото општество. Редакцијата „Нова Македонија“ му посакува среќна годишнина на „Вечер“, весник што ја раскажува приказната за Македонија повеќе од шест децении. Нека неговите страници продолжат да бидат место каде што личностите, настаните и вистината остануваат запишани за генерациите што доаѓаат. Бидејќи додека постојат весници, има и живо физичко и неменливо сведоштво дека едно време навистина постоело.

Редакција „Нова Македонија“