Фото: ЕПА

Франција пред политички земјотрес

Француските претседателски избори, кои со големо внимание се следат во Европа и во светот, ќе се одржат на 18 април 2027 година, кога е предвиден првиот изборен круг, и на 2 мај, кога треба да се одржи вториот круг, доколку ниту еден кандидат не освои мнозинство во првиот. Она што веќе сега го прави овој изборен процес особено значаен не е само прашањето кој ќе го наследи Емануел Макрон во Елисејската палата туку и фактот дека Франција се соочува со можност за суштинска промена на досегашниот политички курс. А со оглед на нејзината позиција во Европската Унија, НАТО и глобалната политика, таквата промена неизбежно би имала последици и надвор од француските граници. Според најновите истражувања на јавното мислење, убедливо води Марин Ле Пен, лидерка на француската десница, со поддршка од околу 35 проценти. На второто место е Жан-Лик Меланшон, лидерот на левичарското движење Непокорена Франција, со околу 17 проценти, додека трет е поранешниот премиер Едуар Филип, кого Макрон го именуваше на премиерската функција во 2017 година. Веќе самиот распоред на силите укажува на длабока политичка поларизација на француското општество. На едната страна е национално ориентираната Ле Пен, а на другата, левицата на Меланшон. Иако нивните идеолошки и програмски позиции се суштински различни, едно нешто им е заедничко. Имено, и двајцата ги доведуваат во прашање досегашната политичка поставеност на Франција и нејзината улога во постојниот европски и меѓународен поредок.

Меланшон најавува темелна промена на Франција

  • Токму затоа особено внимание предизвикува новата предизборна платформа на Жан-Лик Меланшон, објавена под наслов „Иднината заедничка“ („L’Avenir en commun“), која содржи повеќе од илјада програмски мерки. На политичкиот собир на Непокорена Франција во Ле Бурже, Меланшон ја претстави својата визија за Франција и порача дека земјата се наоѓа пред потребата од темелна политичка промена.
    – Имам само еден разумен предлог за вас. Всушност, мошне е умерен: Мораме да промениме сè! Го подготвуваме теренот за суштински политички пресврт во Франција – порача тој. И навистина, неговата програма не претставува само збир на предизборни ветувања за подобар животен стандард туку обид за редефинирање на француската држава, нејзиниот економски модел, енергетската политика и, особено важно, нејзината меѓународна позиција. Во надворешнополитичкиот дел се издвојуваат неколку особено значајни определби.
  • Односите со Европската Унија: Меланшон најавува преиспитување на европските договори и непослушност кон оние правила на ЕУ што неговата партија ги смета за пречка за спроведување на националната програма. Тоа подразбира и конфронтација со дел од постојните европски институционални и економски механизми.
  • Палестинското прашање: Поддршка за ефективен суверенитет на палестинската држава на окупираните територии од 1967 година, со отворање и на можноста за рамноправна дводржавна или бинационална политичка конструкција.
  • НАТО: Повлекување на Франција од интегрираната воена команда на НАТО, а потоа и постепено напуштање на самата Алијанса. Меланшон смета дека Франција не треба да биде дел од американската воена стратегија и од конфликтите во кои Вашингтон ја вовлекува својата сојузничка мрежа.
    Наместо сегашната безбедносна поставеност, тој се залага за создавање поширок меѓународен фронт на несврзани држави и за зајакнување на улогата на Обединетите нации. Ова не е мала програмска корекција. Станува збор за потенцијално радикално редефинирање на француската надворешна и безбедносна политика, особено ако се има предвид дека Франција е една од водечките воени сили во Европа, нуклеарна сила и постојана членка на Советот за безбедност на ОН.

Економска и социјална револуција

Ништо помалку амбициозни не се и внатрешнополитичките и економските ветувања на Меланшон.
Меѓу најважните мерки се:

  • намалување на старосната граница за пензионирање од 64 на 60 години, со полна пензија по 40 години придонеси;
  • постепено воведување 32-часовна работна недела;
  • воведување можност за три дена боледување без задолжителна лекарска потврда;
  • воведување деветмесечна задолжителна и платена еколошка служба за младите под 25 години;
  • проширување на системот на социјално осигурување и целосно покривање на здравствените трошоци;
  • замрзнување на цените на основните производи;
  • повторно воведување данок на богатство, со дополнително оданочување на најголемите богатства и милијардерите;
  • постепено напуштање на нуклеарната енергија и премин кон 100 проценти обновливи извори на енергија најдоцна до 2060 година.
    Во суштина, Меланшон предлага силно враќање на државата како главен регулатор и активен учесник во економијата, значително прераспределување на богатството и проширување на социјалните права. Тоа е модел што подразбира сериозно отстапување од досегашната економска политика на Франција, но и потенцијално судирање со дел од фискалните, пазарните и институционалните правила на Европската Унија.

Украина, Русија и новата геополитичка визија

Особено чувствителен е и ставот на Меланшон кон војната во Украина. Тој ја критикува руската воена интервенција, но истовремено е критичен и кон милитантната политика на западните сили и кон можноста Франција директно да биде вовлечена во воен конфликт со Русија. Неговата програма предвидува создавање дипломатски услови за прекин на огнот, повлекување на руските сили и отворање преговори за траен мир, заснован и врз колективни безбедносни гаранции. Овој пристап, без оглед на тоа дали некој се согласува или не со него, покажува дека Меланшон има намера да ја постави Франција во поинаква геополитичка позиција од онаа што ја застапуваше досегашното политичко раководство. Неговата визија е Франција да настапува како самостоен глобален политички фактор, со поголема дистанца од Вашингтон и со поинаков пристап кон воените и безбедносните сојузи.

Франција, всушност, се подготвува за пресврт

Што ќе значи сето ова за Европа? На ова прашање побаравме одговор од повеќе наши соработници, дипломати, универзитетски професори и политички аналитичари.
– Франција не е која било членка на Европската Унија. Таа е една од нејзините основачки држави, една од двете најголеми европски економски и политички сили, нуклеарна сила и држава со глобални амбиции и интереси. Затоа, евентуалната победа на Меланшон не би значела само промена на француската влада или на нејзините социјални и економски политики. Таа би отворила прашање за иднината на европската интеграција, за односите меѓу ЕУ и САД, за НАТО, за европската безбедносна архитектура и за досегашниот модел на функционирање на Унијата. Но, исто така, не треба да се занемари ниту можноста за победа на Марин Ле Пен. Иако нејзината идеолошка позиција е сосема различна од онаа на Меланшон, нејзината политичка платформа исто така подразбира преиспитување на односот ко ЕУ, и односот меѓу националниот суверенитет и наднационалните европски институции. Тука е и најважниот политички сигнал од Франција. Имено, без оглед дали во Елисејската палата ќе влезе Марин Ле Пен или Жан-Лик Меланшон, Франција се движи кон сериозно преиспитување на својата досегашна позиција во Европската Унија, во НАТО и во пошироките меѓународни односи. Тоа се две различни визии за иднината, но и двете ја доведуваат во прашање политичката архитектура врз која се темелеше досегашна либерална Европа, но и концептот на НАТО – велат нашите соговорници. Р.С.


Македонија не смее неподготвена да ги дочека француските промени

За Македонија ова не е само интересна политичка вест од една голема европска држава. Ова е прашање што директно ги засега нашите национални интереси и идната надворешнополитичка стратегија. Ако Франција, како една од клучните држави на ЕУ, влезе во процес на суштинско преиспитување на европските договори, националниот суверенитет, безбедносните сојузи и односите со САД, тогаш сосема е реално дека и самата Европска Унија ќе мора да се соочи со нова фаза на политичко и институционално престројување. Македонија мора да ги следи овие процеси внимателно, без да брза и без автоматско прифаќање на претпоставката дека Европската Унија од 2027/2028 година ќе изгледа исто како денес. Нашата дипломатија треба навреме да ги антиципира новите политички околности, да ги идентификува можностите што ќе се отворат и да подготви стратегија за заштита и остварување на македонските национални интереси. Особено е важно Македонија да не остане заробена во досегашните политички и дипломатски договори, туку да биде подготвена активно да учествува во новите европски процеси. Тоа подразбира и повторно отворање на прашањето за нејзиното место во идната Европа, за условите и механизмите на евроинтеграцијата, како и за можноста за развој на Европската Унија во правец на поинаква заедница во која националните држави ќе имаат посилна улога и поголема одговорност за сопствената иднина.
Следната, 2027 година, затоа може да биде година на почетокот на големите европски промени. Франција можеби ќе биде нивниот прв голем политички катализатор. А Македонија мора да биде подготвена да ги дочека, да ги разбере и да ги искористи. Не како до скоро, кога бевме само пасивен набљудувач на туѓите политички одлуки и ан блок ги прифаќавме меѓународните договори и на наша штета, туку отсега и натаму, како држава што има сопствена визија, сопствени интереси и јасна стратегија за својата иднина. Бидејќи европската интеграција не смее да биде само чекање пред затворена врата. Таа мора да биде и способност да се препознае каква Европа се создава и каде во неа им е местото на македонската држава и на македонскиот народ. Р.С.