Фото: ЕПА
  • Територијата, безбедносните гаранции и идната европска архитектура – трите клучни судири за кои сега се дебатира на преговарачката маса

Преговорите во Абу Даби меѓу САД, Русија и Украина влегуваат со јасно дефинирани, но суштински различни позиции на трите страни. Иако сите декларативно се залагаат за завршување на војната и воспоставување траен мир, нивните претстави за тоа што би значело такво решение засега остануваат значително оддалечени.
· За Москва, приоритет е политичко и безбедносно признавање на новата геополитичка реалност создадена со интервенцијата.
· За Киев, мировниот договор не смее да значи легализација на територијалната загуба и мора да содржи цврсти гаранции дека Русија нема повторно да ја нападне Украина.
· Вашингтон, пак, се обидува да ги усогласи овие две спротивставени позиции, истовремено отворајќи поширок процес за редефинирање на безбедносните односи во Европа.

1. МОСКВА: ПРИЗНАВАЊЕ НА ТЕРИТОРИЈАЛНАТА РЕАЛНОСТ И НОВА БЕЗБЕДНОСНА РАМКА

Руската преговарачка позиција останува заснована врз барањата што Кремљ ги поставува уште од почетокот на инвазијата во 2022 година. Москва не бара само прекин на воените дејства туку и политички договор што ќе ги потврди нејзините стратешки цели.
Главните руски барања се:
A. Признавање на територијалната реалност на теренот: Москва бара политичко прифаќање на територијалните промени настанати со т.н. специјалната воена операција.
Б. Воена неутралност на Украина: Киев не смее да стане членка на НАТО, ниту да биде дел од друг воен сојуз антагонистички настроен против руските безбедносни интереси.
В. Ограничување на украинските воени капацитети: Идната воена моќ на Украина треба да биде предмет на договор(е)ни ограничувања.
Г. Решавање на таканаречените коренити причини на конфликтот: Москва инсистира договорот да ги опфати прашањата за проширувањето на НАТО, европската безбедност и односите меѓу Русија и Западот.
Д. Исклучување на НАТО-трупите од Украина: Русија се противи на распоредување западни воени сили на украинска територија, дури и под формулацијата на меѓународни или мировни сили.
Ѓ. Сеопфатен и конечен мировен договор: Кремљ не сака привремен прекин на огнот, кој би послужил само како пауза пред продолжување на војната, туку бара политичко решение со долгорочни обврски.
Со овој пакет Москва има цел украинскиот конфликт да го постави во поширок контекст на односите со Западот, барајќи не само решение за војната туку и промена на безбедносната архитектура во Европа.

2. КИЕВ: МИР БЕЗ ФОРМАЛНО ОТКАЖУВАЊЕ ОД ТЕРИТОРИЈАТА И СО ЦВРСТИ ГАРАНЦИИ

Украинската позиција, пак, предводена од претседателот Володимир Зеленски, се темели врз принципот дека завршувањето на војната не смее да биде преточено во формално признавање на руските територијални добивки со воениот судир. Сепак, Киев покажува одредена подготвеност за прагматичен пристап во потрагата по излез од војната.
Украинските приоритети се:
A. Без формални територијални отстапки: Зеленски ја отфрла можноста Украина правно да се откаже од своите територии, иако е подготвен да разговара за замрзнување на конфликтот по должината на сегашната линија на фронтот.
Б. Безбедносни гаранции за повоениот период: Украина бара конкретни и веродостојни гаранции од САД и западните партнери што би спречиле нова руска воена операција.
В. Запирање на нападите врз енергетската инфраструктура: Киев бара договор за прекин на нападите врз електроенергетските објекти и критичната инфраструктура.
Г. Слободна пловидба во Црно Море: Повторно воспоставување безбедни поморски коридори, со посебен акцент на извозот на украинското жито.
Д. Проширување на размената на воени заробеници: Киев го смета хуманитарното прашање како составен дел на мировниот процес.
Ѓ. Вклучување на европските партнери: Украина инсистира Европската Унија и клучните западни држави да имаат активна улога во креирањето и гарантирањето на мировниот договор.
Е. Самит на највисоко политичко ниво: Киев се надева дека преговорите во Абу Даби ќе отворат пат кон директна средба меѓу Путин, Трамп и Зеленски, со можност за учество и на европски претставници.
За Зеленски, суштината на компромисот е можноста да се запре војната без Украина да мора правно да ја легализира загубата на своите територии. Замрзнувањето на линијата на фронтот би можело да биде прифатливо решение, но само доколку биде придружено со сериозни безбедносни механизми.

3. ВАШИНГТОН: ДОГОВОР ЗА УКРАИНА И НОВА БЕЗБЕДНОСНА АРХИТЕКТУРА НА ЕВРОПА

Американската позиција е најшироко поставена. Вашингтон настојува не само да посредува меѓу Москва и Киев туку и да воспостави поширок модел на безбедносни односи меѓу Русија, Европа и НАТО.
Според американскиот преговарачки пристап, претставен од Стив Виткоф и Џаред Кушнер, приоритетите се:
A. Постигнување траен договор за завршување на војната: Наоѓање решение што ќе ги надмине привремените прекини на огнот и ќе создаде основа за долгорочна стабилност.
Б. Безбедносни консултации меѓу засегнатите страни: Воспоставување постојан механизам за разговори за безбедносните прашања.
В. Сигурна комуникација во услови на криза: Воспоставување канали за директна комуникација за да се спречат недоразбирања и ненамерна ескалација.
Г. Поголема воена транспарентност: Намалување на недовербата преку подобра размена на информации за воените активности.
Д. Реципрочни мерки за намалување на ризикот од ескалација: Создавање механизми со кои и Русија и западните држави би презеле конкретни чекори за намалување на опасноста од нов судир.
Ѓ. Долгорочна европска безбедносна рамка: Отворање поширок дијалог за идните односи меѓу Русија, НАТО и европските држави.
Е. Повоена обнова и хуманитарни прашања: Воспоставување економски план за обновување на Украина, придружен со решавање на хуманитарните последици од војната.
Вашингтон, според својот пакет, настојува украинското прашање да го претвори во поширок договор за европската стабилност. Американската дипломатија се обидува да ги идентификува заедничките безбедносни интереси, а потоа преку конкретни механизми да ги намали разликите меѓу Москва и Киев. Посебен предизвик за САД останува и прашањето за европското учество. Додека Украина бара Европа да биде дел од процесот, Русија се противи на нејзино непосредно вклучување во трилатералниот формат. Вашингтон, пак, се обидува да ги поврзе овие две позиции преку паралелни консултации со европските сојузници.

4. ПРВИОТ ЗАЕМЕН ПРЕСЕК НА СОВПАЃАЊА: ЗАЕДНИЧКИ ИНТЕРЕС ЗА МИР! (НО БЕЗ СОГЛАСНОСТ ЗА НЕГОВИТЕ УСЛОВИ)

Првичниот пресек на трите преговарачки позиции покажува дека постои простор за разговор, но не и готова основа за компромис. Највидливи точки на можно совпаѓање се потребата од завршување на војната, намалување на ризикот од нова ескалација, хуманитарните прашања, безбедноста на енергетската инфраструктура и воспоставувањето механизми за комуникација. Но трите најтешки прашања остануваат отворени. Тоа се територијалниот статус на Украина, нејзината иднина во однос на НАТО и природата на безбедносните гаранции по завршувањето на војната. Токму овие прашања ќе ја определат тежината на следната фаза од преговорите.
– Москва бара договор што ќе ги институционализира нејзините безбедносни и територијални барања.
– Киев бара мир без правно откажување од сопствената територија и со гаранции за својата иднина.
– Вашингтон се обидува да изгради формула што ќе овозможи некои од овие барања да се претворат во заемно прифатливи обврски.
Затоа, очекувањето од вториот ден не е нужно постигнување конечен договор, туку идентификување на точките на допир и прецизно лоцирање на разликите што можат да се претворат во предмет на понатамошно усогласување. Ако првиот чекор биде успешно мапирање на заедничките интереси, а вториот отворање простор за компромис околу спорните прашања, Абу Даби би можел да стане почетна точка на посериозен мировен процес. Но сѐ уште останува суштинската дилема за тоа дали трите страни се подготвени да прифатат мир што нема целосно да ги исполни нивните максималистички барања или преговорите повторно ќе се соочат со непробојниот ѕид на спротивставените стратешки интереси. Р.С.