Фото: ЕПА

Од Извештајот на ЕК во делот од разузнавачко-безбедносната заедница:
Дијагностицирање наследени недоследности што веќе се влезени во планот за системска реформа на секторот

  • Најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија повтори забелешки во едно од најчувствителните прашања во функционирањето на државата – реформата на безбедносно-разузнавачкиот сектор. Во споменатиот сектор во делот што се однесува на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР) и Оперативно-техничката агенција (ОТА) забелешките се
    за кадровски, финансиски или организациски недостатоци. Но дијагнозата на слабостите подвлекува дека тие не се од инстантна природа, туку дека со
    години се таложеле во институционалната архитектура на безбедносниот систем

Најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија повтори забелешки во едно од најчувствителните прашања во функционирањето на државата – реформата на безбедносно-разузнавачкиот сектор. Во споменатиот сектор во делот што се однесува на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР) и Оперативно-техничката агенција (ОТА) забелешките се за кадровски, финансиски или организациски недостатоци. Но дијагнозата на слабостите подвлекува дека тие не се од инстантна природа, туку дека со години се таложеле во институционалната архитектура на безбедносниот систем. За волја на вистината, токму во овој контекст извештајот на ЕК треба да се гледа низ призмата на наследството од претходните политички и институционални циклуси. Проблемите со недоволната координација, ограничените механизми на надзор, потребата од поголема оперативна независност и недоволните ресурси не се појавиле прекуноќ. Тие се резултат на подолг период во кој започнатите реформи не добиле целосна институционална завршница, а системот продолжил да функционира со решенија чии слабости станувале сè повидливи. Токму затоа денешните забелешки на Брисел не треба да се толкуваат единствено како оценка за моменталната состојба туку и како потсетник за обврската да се надминат наследените недостатоци.

ЕК го повторува наследството на недостатоците и ги поттикнува реформите

Европската комисија (ЕК), меѓу другото, укажува на „ризикот за целосната оперативна независност на АНБ и ОТА“ поради нивното физичко сместување (локација) во објекти поврзани со други институции и оператори. Понатаму, кај ОТА дополнително се посочува „потребата од соодветни финансиски и човечки ресурси“. Кај парламентарниот надзор, пак, се нотира „отсуство на структуриран механизам за координација меѓу телата задолжени за контрола на АНБ, АР“, како и „спроведувањето на мерките за следење на комуникациите“. За ЕК особено е значајно и прашањето за граѓанскиот надзор. Фактот што механизмите за цивилна контрола со години се соочуваат со кадровски, организациски и финансиски ограничувања покажува дека формалното воспоставување институции не е доволно за и реформата да се динамизира во таа насока. Контролата мора да биде реална, функционална и способна да обезбеди отчетност на службите. Тоа е една од суштинските поуки од периодот што е подолго време зад нас. Имено, безбедносните институции не можат да се реформираат само со промена на нивните називи, закони и организациски шеми. Потребни се системски решенија, јасна поделба на одговорностите, ефикасна координација и надзор што ќе функционира во практика, а не само на хартија.

Новиот модел кон системски интегрирано решение

Она што го прави актуелниот реформски пристап особено значаен е фактот што Владата ги препознава овие слабости како причина за посуштинска трансформација на секторот, а не како проблеми што можат да се решаваат со поединечни козметички интервенции. Во таа насока се разгледува нов модел на организација, со обединување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) во една безбедносна служба. Се разбира дека зад идејата за ваквото решение не е само административно спојување на две институции, туку една подлабока суштина. Имено, тоа е создавање поинтегриран систем, со појасна командна и организациска структура, подобра размена на информации, намалување на преклопувањата во надлежностите и поефикасно користење на човечките и техничките капацитети. Секако, обединувањето само по себе не гарантира подобра работа. Клучот ќе биде во законската поставеност, професионализацијата, внатрешните механизми на контрола и јасното разграничување на функциите. Но доколку новиот модел биде внимателно дизајниран, тој може да создаде услови за надминување на дел од слабостите што со години го оптоваруваат секторот.

Една служба, појасна одговорност и посилен цивилен надзор

Еден од најважните аргументи во прилог на новиот модел е можноста за поедноставување и зајакнување на механизмите на цивилна и парламентарна контрола. Кога разузнавачките и безбедносните функции се поставени во фрагментирана институционална структура, надзорот станува – посложен. Потребни се повеќе контролни точки, повеќе механизми за координација и прецизно разграничување на одговорностите. Во такви околности, постои ризик од институционални празнини, преклопување на надлежностите, па дури и префрлање на одговорноста од една институција на друга. Поинтегрираниот модел може да понуди појасна линија на одговорност и полесно утврдување кој, како и врз основа на какви законски овластувања постапувал. Тоа, пак, создава можност парламентарните комисии и независните граѓански механизми да воспостават пофункционален и посистематски надзор. А другата страна на медалот е дека централизацијата не смее да значи концентрација на неконтролирана моќ. Напротив, колку што службата ќе има пошироки и поинтегрирани капацитети толку посилни мора да бидат механизмите на демократска контрола. Независноста во оперативното постапување мора да оди заедно со отчетноста пред законските и демократските институции. Токму тоа е европскиот стандард кон кој треба да се стреми реформата.

Македонија веќе го познава моделот на обединета служба

За издвојување за македонската јавност е фактот што ваквата трансформација (во насока на интеграција на службите) не би претставувала целосно непознат терен за македонскиот безбедносно-разузнавачки систем. Напротив, државата има искуство и со обединет и со раздвоен институционален модел. По осамостојувањето, во рамките на системот функционираа СДБ и Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК), која ги обединуваше безбедносните (разузнавачките и контраразузнавачките) функции во една институција, додека воено-безбедносните надлежности беа организирани во посебна структура. Подоцнежните реформи донесоа ново институционално разграничување, а денес функционираат АНБ и АР како одделни агенции, со ОТА како посебна институција за техничко посредување при законски одобрено следење на комуникациите. Оттука, македонскиот систем има сопствено институционално искуство врз основа на кое може да се проценат предностите и слабостите на различните организациски решенија. Тоа е важна предност. Реформата не започнува од нула, ниту се движи кон непознат модел. Постои искуство со различни организациски поставености, постојат институционални знаења, а постои и можност да се извлечат поуки од досегашната практика. Прашањето, според тоа, не е кој модел изгледа подобро во организациската шема, туку кој модел ќе обезбеди подобри резултати, поголема професионалност, поефикасно работење и посилни демократски гаранции.

Поинтегрираната институционална поставеност – повисока безбедносна ефикасност како придонес во колективната безбедност

Концептот што сега се разгледува од надлежните во врска со безбедносната реформа има и поширока, геополитичка димензија. Во време кога безбедносните закани стануваат сè посложени, а информациите се клучен ресурс за навремено спречување на ризиците, ефикасноста на националните разузнавачки капацитети е директно поврзана со способноста на државата да придонесува во колективната безбедност. За членка на НАТО, ова прашање има дополнителна тежина. Алијансата не е само систем на заедничка одбрана туку и сложена мрежа на соработка, размена и процена на безбедносни информации. Колку е подобро организиран националниот безбедносно-разузнавачки систем толку е поголема неговата способност навремено да собира, обработува, анализира и споделува релевантни информации со сојузниците. Поинтегрираната институционална поставеност може да придонесе за подобра координација, побрз проток на информации и поефикасно користење на националните капацитети. Тоа би значело и посериозен придонес на Македонија во заедничкиот разузнавачки и безбедносен капацитет на НАТО. Се разбира дека довербата меѓу сојузниците не се гради само со организациско преструктурирање. Таа зависи од професионалноста, заштитата на класифицираните информации, институционалниот интегритет и доследното почитување на реформските закони и демократските стандарди.

Реформата е можност за скалило погоре, а не признание за слабост

Во суштина, најважната порака од новиот извештај на Европската комисија (ЕК) е дека безбедносно-разузнавачкиот сектор има потреба од продолжување на институционалното созревање. Но тоа воопшто не мора да биде негативна порака за иднината. Напротив, може да биде силен аргумент за забрзување на реформите. Наследените слабости не се решаваат со нивно прикривање, ниту со политичко препукување околу тоа кој е одговорен за нивното настанување. Тие се решаваат со препознавање, преземање одговорност и воспоставување подобар систем. Во тој контекст, значајно е што актуелната влада го отвора прашањето за суштинска реорганизација на службите, наместо да се задоволи со одржување на постојната институционална поставеност. Секако, вистинскиот тест допрва претстои. Новиот модел ќе треба да биде преточен во законски решенија, проследен со јасни гаранции за независност, професионалност и отчетност, како и со функционални механизми за парламентарен и граѓански надзор. Реформата ќе биде успешна само доколку граѓаните добијат поефикасни институции, но и посилни гаранции дека нивните права и слободи се заштитени. Македонија веќе помина низ повеќе фази на трансформација на своите безбедносни служби. Денес има можност од тие искуства да го извлече најдоброто и да воспостави модел што ќе одговара на современите безбедносни предизвици, европските стандарди и обврските што произлегуваат од членството во НАТО. Затоа, забелешките на Европската комисија не треба да се гледаат како конечна оценка за состојбата, туку како патоказ за она што треба да се промени. Вистинската вредност на реформата ќе биде во тоа што слабостите констатирани денес нема да бидат наследство за некоја следна влада, туку проблеми што конечно ќе бидат системски надминати. Од институционална фрагментираност кон координиран систем, од формален кон функционален надзор и од наследени слабости кон посилна безбедносна архитектура. Во една реченица, всушност, тоа е суштината на реформата на безбедносната заедница што сега ни претстои. П.Р.