Народната банка продолжува со постепено олеснување на условите за располагање со средствата и користење на банкарските услуги на клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола. Од денес, 10 ноември, клиентите повторно ќе можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство, во рамките на утврдените неделни и двонеделни лимити.
Согласно новите услови, клиентите кои поседуваат платежни картички ќе можат да располагаат со најмногу 15.000 денари неделно, додека за оние кои немаат картички лимитот изнесува 20.000 денари во период од две недели.
Лимитите се однесуваат збирно на сите сметки што клиентите ги имаат во Банката и ги опфаќаат плаќањата со картички во трговските објекти и преку интернет, подигањето готовина од банкомати и на шалтерите во експозитурите, како и плаќањата преку електронско и мобилно банкарство.
Од Народната банка информираат и дека од утре, 11 ноември, со работа ќе започне експозитура на „АЛТА банка“ во Скопје, во трговскиот центар „Бисер“, на булеварот „Јане Сандански“ бр. 1/1. Со тоа, клиентите од главниот град и околината ќе добијат полесен пристап до банкарските услуги, без да мораат да патуваат во други градови.
Продолжуваат со работа и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово. Во нив клиентите и понатаму ќе можат да подигаат готовина на шалтер, во рамките на утврдените ограничувања, како и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.
Народната банка посочува дека внимателно ја следи состојбата во „АЛТА банка“ и продолжува да презема активности за постепено проширување на достапноста на банкарските услуги. Главен приоритет, како што наведуваат, е клиентите да добијат полесен пристап до сопствените средства и да можат непречено да ги извршуваат платежните обврски.
„АЛТА банка“ продолжува да работи, а привремената администрација е заштитна мерка што ќе се применува до разрешување на сопственичката состојба. Од Народната банка нагласуваат дека приоритет останува заштитата на интересите на клиентите и зачувувањето на стабилноста на Банката.
































