Владата ќе даде целосна поддршка на секој инвестициски проект што создава додадена вредност и придонесува за економскиот развој на државата, порача премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид, на церемонијата на поставување камен-темелник на новиот производствен капацитет на компанијата „АСП-ПАК“, пренесе МИА.
Мицкоски изрази задоволство што компанијата, во соработка со Владата, одлучила да инвестира во нов производствен погон за производи во чие производство, како што посочи, е меѓу светските лидери.
-Тоа претставува посебна гордост за Владата, за Охрид, но и за Македонија како држава – да имаме еден од светските лидери токму дома, кој со оваа инвестиција дополнително го зајакнува своето присуство во локалната и националната економија – рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Владата ќе биде партнер на компанијата и ќе го поддржи проектот, оценувајќи дека инвестицијата носи значајна додадена вредност и ќе придонесе за зајакнување на нејзината позиција на светскиот пазар.
Како особено значаен аспект на инвестицијата, Мицкоски ја посочи примената на современи технологии, односно целосната роботизација на новата производствена линија и користењето апликации на вештачка интелигенција.
-За мене, како претседател на Владата, но и како професор, посебно задоволство претставува тоа што оваа линија ќе биде комплетно роботизирана и ќе се користат апликации на вештачка интелигенција, односно современа технологија од највисоко ниво – истакна премиерот.
Новиот производствен капацитет, чија вредност надминува 10 милиони евра, според Мицкоски, треба да претставува поттик и за другите инвеститори во земјава да воведуваат вештачка интелигенција и роботизирани системи, со цел зголемување и оптимизирање на производството.
Во име на компанијата, директорот на „АСП-ПАК“, Кирил Спасески, се заблагодари за поддршката од Владата, за препознавањето на потенцијалот на инвестицискиот план и за склучувањето на договорот за стратешко партнерство.
-За нас ова не е само финансиска поддршка, туку е ветер во грб, признание дека сме на вистинскиот пат, но и уште поголема одговорност што треба да ја оправдаме пред вас. Со ова партнерство добиваме и нов член на нашиот тим, пред кого имаме обврска да одговараме за резултатите и за сè што правиме – рече Спасески.
Меѓу целите на инвестицијата, тој ги посочи удвојувањето на производствениот капацитет по завршувањето на проектот, обезбедувањето 100-процентен квалитет на производите, преполовувањето на роковите за испорака, како и постигнувањето просечна плата на вработените од 1.500 до 2.000 евра.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, истакна дека развојот на општините не може да се замисли без силен и одржлив економски раст.
-Создавањето поволна деловна клима, поттикнувањето на инвестициите, поддршката на домашното стопанство и отворањето нови работни места се важни предуслови за економски просперитет на локалната заедница, но и за подобри перспективи за граѓаните. Присуствуваме на почетокот на нова развојна приказна која има значење за економската иднина на Охрид – рече Пецаков.
Тој оцени дека новиот современ производствен комплекс на „АСП-ПАК“ претставува значаен инвестициски чекор и потврда за потенцијалот на Охрид да придонесува за развојот на македонското стопанство.
Компанијата „АСП-ПАК“ е основана во 2000 година како мал семеен бизнис за производство на плетени полиетиленски производи за пакување, како и мрежи за земјоделството, градежништвото и индустријата. Нејзините производи се извезуваат во повеќе од 50 земји, а компанијата соработува со над 500 клиенти.
































