Ракометната федерација на Македонија (РФМ) најави дека ќе поднесе официјален приговор до Европската ракометна федерација (ЕХФ) и до Ракометната федерација на Грција, откако за време на телевизискиот пренос од денешниот натпревар меѓу македонската и грчката репрезентација беше употребена кратенката „NMKD“ за Македонија.
Несоодветната ознака се појави на графиката за време на директниот пренос на натпреварот, по што следуваше реакција од македонската ракометна федерација.
– Ракометната федерација на Македонија ќе поднесе официјален приговор до Европската ракометна федерација (ЕХФ) и до Ракометната федерација на Грција, во врска со употребата на несоодветната кратенка за нашата држава за време на телевизискиот пренос од денешниот натпревар меѓу Македонија и Грција – се наведува во официјалното соопштение на РФМ – објавено на Фејсбук.
Од Федерацијата оценуваат дека ваквите пропусти се недозволиви и дека е неопходно надлежните да преземат мерки за да не се повторуваат слични ситуации.
– Ракометната федерација на Македонија смета дека ваквите пропусти се неприфатливи и очекува соодветна реакција од надлежните институции, како и преземање мерки за спречување на слични ситуации во иднина – се наведува во реакцијата.
Од РФМ засега не соопштија дали спорната кратенка била резултат на техничка грешка или на одлука на организаторите на телевизискиот пренос.

































