Благоја Шундовски
  • Едно пријателство, едно патување и една благородна намера да се оживеат ѕидовите на старата црква во Локвица

Излегов пред храмот и го забележав Џо, кој пушеше еден „тутун“. Тоа беше можност од него да дознаам повеќе за селото и за неговата посветеност на иницијативата за живописување.
Го прашав дали потекнува од Локвица. Ми потврди дека не само што потекнува од Локвица туку е роден и го поминал најголемиот дел од детството. А потоа, наместо подолг вовед, ми се обрати со својот карактеристичен, малку заповеднички тон: „Сврти се назад!“ Како војник што добил команда, направив еден речиси правилен „налево круг“ и беспоговорно се свртев.
„Што гледаш зад тебе?“, ме праша. Се загледав во просторот. „Па, што гледам? Гледам дека селото има неверојатна местоположба, на околу 800 метри надморска височина. Гледам неповторлива природна убавина… А таму, долу во долот, ми се чини дека се гледа покрив од нечија куќа…“ „Не, не, не тоа!“, ме прекина Џо. „Тука, поблиску. Што гледаш на два метра зад тебе?“ Дури тогаш погледот ми падна врз еден стар гроб.
„Ааа, гледам стар гроб со крст“. Претпоставував: можеби првиот свештеник, ктиторот или некој црковен старешина? Џо се насмевна под густите, господски потстрижени бели мустаќи. Без нив, насмевката веројатно ќе беше уште повпечатлива! „Ееее, како ти беше името… Шундовски? Мате што ти е?“, ме праша, мислејќи на ракометниот диригент Мате Шундовски. А потоа, со видливо задоволство, ми ја откри тајната: „Тука е погребан прадедо ми! Оди, оди, прочитај и сликај го гробот!“ Се приближив. Надгробната конструкција навистина изгледаше стара и дотраена, но камената плоча и крстот беа мошне добро зачувани. Логично, најнапред погледнав на источната страна од крстот, очекувајќи таму да го најдам натписот. Стариот гроб покрај црковниот ѕид, посочен во расказот како гроб на прадедото на Иван Петрески–Џо. Ништо. „Нема текст, господине Џо!“, му довикнав. „Не оттаму! Види што пишува на задната страна од крстот!“
Го послушав. И навистина – таму беше врежан епитаф. Она што особено ме одушеви беше јазикот на натписот: едноставен, разбирлив и, според мојот непосреден впечаток, изненадувачки близок до денешниот македонски говор. Го прочитав гласно. Џо внимателно ме слушаше, а потоа рече: „Ееее, гледаш! Е тоа е она што ти го кажував. Тоа е точно, а не она што го напишал оној…“ Не би било пристојно да го спомнувам името на човекот на кого се однесуваше неговата забелешка, бидејќи лично не сум го прочитал спорниот податок за неговиот прадедо.
„Разбра сега?“, ме праша Џо. Кимнав со главата. Не сакав со прашања да го поттикнувам незадоволството поради она што го сметаше за погрешно запишана семејна историја. За него старите гробови беа документи, сведоштва и дел од личниот идентитет.

ДВЕТЕ БИСТИ И УШТЕ ЕДНА СЕМЕЈНА ПРИКАЗНА

Штом повторно му се приближив, Џо продолжи со своето необично „водење“ низ црковниот двор. „Сега сврти се малку налево!“ Погледнав кон северната страна, каде што имаше дваесетина гроба. Уште при влегувањето во дворот ми беше паднал в очи еден необичен надгробен споменик. На два постамента се издигаа бели мермерни бисти, поголеми од природната големина – машки и женски лик. Претпоставував дека се заслужни жители или борци, личности со посебно место во селската историја. „Сигурно мислиш на бистите?“, го прашав. „Уште кога влеговме во дворот ги забележав. Просто е невозможно човек да влезе овде, а да не ги види. Чии се? На некои истакнати соселани?“ Џо се насмеа. „Ха-ха-ха! Оди, оди, сликај ги! Двајцата сликај ги, прочитај кои се!“ Беспоговорно се упатив кон споменикот. Беше изработен од квалитетен камен, со врежана посвета. А тогаш ја разбрав и причината за неговата посебност.
Тука почиваа родителите на Иван Петрески-Џо. Во нивна чест поставил две бели мермерни бисти и посвета. Споменикот што оддалеку ми изгледаше посветен на јавни личности доби поинакво значење. Тоа беше чин на синовска благодарност: ликовите на таткото и мајката да останат во просторот во кој живееле. Но Џо не ја заврши тука својата лекција по семејна историја.
„Сврти се сега зад надгробниот споменик! Сврти, сврти, има и таму нешто да видиш!“
Повторно го послушав. На задната страна забележав лик во автентична војничка униформа, со „титовка“ и ознака со вкрстени срп и чекан. Додека го разгледував, Џо ми дофрли од местото каде што стоеше, пред црковниот влез: „Е, тој е брат на татко ми! Учесник во НОБ. По војната станал воено лице во новооснованата ЈНА и таму останал да работи сè до своето упокојување“. Пред мене се отворија неколку поколенија од едно семејство: прадедото со камениот крст, родителите овековечени во мермер и татковиот брат, поврзан со НОБ и повоената армија. Сето тоа во еден црковен двор. Со својата непосредност и темперамент, Џо ми покажа дека семејната историја понекогаш е повозбудлива од дебели книги.

ЛОКВИЦА – ОД НЕКОГАШНО СРЕДИШТЕ ДО СЕЛО СО ПЕДЕСЕТИНА ЖИТЕЛИ

Информациите што Џо ми ги „диктираше“ од пред влезот на црквата почнаа да се множат побрзо отколку што можев да ги средам во главата. Си реков да не претерувам со прашањата. Љубопитноста ми растеше, но за толку кратко време не можев да ја документирам ни семејната историја на Џо, а уште помалку историјата на Локвица.
Според кажувањата, Локвица некогаш била значајно средиште во Поречието, со повеќе од 700 жители, осумгодишно училиште, три продавници и полициска станица. Денес, како што ми рекоа, останале едвај педесетина, главно повозрасни староседелци, блиску до гробовите на своите предци. Колку затворени куќи и преселени семејства се кријат зад таа разлика! А сепак, благодарение на нив и на луѓе како Џо, селото живее во приказните, старите натписи и во желбата да се зачува нешто за идните поколенија. Можеби токму затоа иницијативата за живописување на црквата има значење што ги надминува нејзините ѕидови. Таа е и обид да се зачува духовната врска меѓу минатото и сегашноста.

БЕЛАТА КАРАМАНКА И ЕДНО БОЛНО ЛИЧНО СЕЌАВАЊЕ

Посакував да прошетам низ селото, да ја видам старата архитектура и да откријам предмети од некогашното секојдневие. Но немавме време. А имаше и уште една причина за мојата претпазливост: белата караманка! Кучето ми го привлече вниманието, а при враќањето внимавав да не му се најдам премногу блиску, особено ако не ме препознае како веќе виден посетител.
И мене ме зачуди називот! Како „бела караманка“, кога турскиот збор „кара“ означува црна боја? Се „побунив“ поради таа јазична и кинолошка нелогичност, но соговорниците речиси ме убедија дека и белото куче оправдано го носи тоа име. Кинологијата, морам да признаам, ми е слабост.
И денес би сакал во дворот да имам едно такво расно куче. Но одамна решив да не чувам ново, пред сè поради местоположбата на мојот дом, покрај фреквентен пат. Досега на тој начин изгубив две шарпланинки. А една трета загуба, уште поболна, никогаш нема да си простам. Стануваше збор за мало шарпланинче, старо само неколку месеци. Не забележав дека заспало зад десното задно тркало на моето возило. Кога тргнав, се случи несреќата. Ненамерно го прегазив. Тој миг, иако поминало време, остана длабоко врежан во моето сеќавање. Има случки што човек би сакал да ги избрише од сопствениот живот, но тие остануваат со него, како тивка опомена. Можеби затоа и средбата со белата караманка во Локвица ми разбуди повеќе чувства отколку што во првиот миг очекував.

ПАТУВАЊЕ ШТО ОТВОРИ НОВИ ПРИКАЗНИ

Така заврши нашата посета на Локвица. Се враќав со чувство дека сум видел многу, а сум допрел само мал дел од приказните на ова поречко село. Ми останаа во сеќавањето патот низ зеленилото, вкопаната црква, иконостасот, старите книги, крстот со епитафот, мермерните бисти и темпераментниот Џо, кој ми отвори цел свет на семејни спомени. Културното наследство живее и во човечкото паметење: во гробовите што некој ги посетува, натписите што ги чита, предметите што ги чува и во луѓето што не се помируваат со заборавот.
Ова патување ми го осмисли и ми го овозможи мојот драг пријател и соработник, проф. д-р Сашо Цветковски, кому му должам искрена благодарност. Со оглед на неговиот долгогодишен научен труд и придонес во проучувањето на македонското културно наследство, искрено се надевам дека наскоро ќе биде избран и за редовен член на МАНУ, институцијата во која речиси две децении професионално ја развива својата научна дејност.
Ако сум пропуштил нешто значајно, не било намерно. Нека остане и повод за ново патување. За стручните дополнувања за храмот, иконостасот и за идниот живопис, вистински соговорник е проф. д-р Сашо Цветковски. Јас во Порече заминав како љубопитен патник, а се вратив со чувство дека сум отворил книга од која сум прочитал само неколку страници.

Благоја Шундовски

(крај)