ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (413)
Серијал за пливачките маратони (4)
- Охриѓани, сепак, и покрај честите прекини, продолжија да го организираат малиот маратон. Во 1962 година се одржа првиот Меѓународен охридски пливачки маратон на делницата од Пештани до Охрид
По одржувањето на вториот мал маратон, поради недостиг од финансиски средства, но и незаинтересираност кај пливачките работници, освен кај Леко Радиќ, кој никогаш не се предаваше, дојде до застој во организирањето на малите маратони. Така од вториот, одржан во 1956 година, на кој победници беа Дики Бојаџи и Снеже Групчева, поминаа дури 21 година за да се организира третиот мал маратон. Но не треба да се сфати оти во тој долг период охриѓани останаа без популарните маратони. Напротив, од 1962 година, следејќи го светскиот тренд, и на Охридско Езеро почна да се организира меѓународен маратон на подолга дистанца.
Овие долги трки се одржуваа на патеките низ светот и беа привлечни како за гледачите така и за спонзорите. Од тие причини, за да се одржи на светската мапа во маратонско пливање, и Охрид се појави како организатор на еден таков голем маратон. Во почетокот се пливаше од Пештани до Охрид, за подоцна заради поголема атрактивност стартот да биде преместен во Свети Наум. Така, Охридско Езеро се препливуваше потактично во сета своја должина. Неколку години подоцна, па до денешно време, патеката на која се пливаше го доби името на еден од нашите најпознати маратонци, Климе Савин.
Додека големиот маратон беше во голем залет, малиот падна во сенка и многу години го немаше, за повторно да се појави во 1977 година. Оттогаш повторно заживеа, и со оглед на покусата дистанца на овој маратон, тој особено беше привлечен за помладите и понеискусни маратонци. Во нив тие можеа да се докажуваат, но и да црпат искуство. Малите маратони, токму од таа причина што беа магнет за помладите, не ги ставам на страна и јас во овој серијал ќе ве потсетам на победниците, особено на оние пливачи што имаа најмногу победи на овие мали маратони. Од голема помош ќе ми бидат и архивските материјали што ги остави неуморниот Леко Радич и кои се вистинско богатство за запознавање со историјата на македонското маратонско пливање. Ќе видиме и кои маратонци имаа најголеми успеси и најмногу победи на малите маратони. Откако ќе ги прочитате нивните имиња, тогаш ќе сфатите дека се работи за вистински асови во пливачкиот спорт кај нас.
Чудов и Думбаловска победници
За пријатно изненадување на пливачките работници, особено на главниот организатор Радич, за трудот да не им биде залуден за возобновениот мал маратон, во 1977 година на стартот во машка конкуренција се појавија дури 29 маратонци. Велам дури, зашто на оној вториот пред 21 година имаше само тројца. И трката во женска конкуренција, за разлика од порано, беше повеќебројна и во неа настапија шест натпреварувачки. Патеката на која се пливаше беше иста, од Горица до Охрид, а целта како и во минатото беше на кејот, во близината на пристаништето.
Машката трка, со оглед на бројноста на учесниците, а и временската разлика помеѓу победникот и второпласираниот, беше многу поинтересна. Победникот Ѓоко Чудов беше една минута и некоја секунда пред второпласираниот, додека кај девојките супериорна беше Соња Думбаловска, која од стартот до целта постојано ја зголемуваше разликата и со предност од шест минути прва помина низ целта. Инаку, треба да се напомене оти Соња Думбаловска во еден подолг период беше нашата најдобра пливачка и рекордерка, а подоцна неретко се појавуваше и како главен судија на маратонските трки.
За сликата на најдобропласираните да биде комплетна, како што го правам тоа вообичаено, ќе ги посочам првите тројца во машка конкуренција. Чудов, веќе напишав, беше прв со 34,08 минути, Димо Топалов втор со 35,13 минути, а Јонче Маленко трет со 36,07 минути. Сите тројца беа членови на Охридски бранови, а куриозитетот да биде уште поголем и сите учесници во машката трка беа членови на истиот клуб.
Меѓу девојките, Думбаловска беше супериорна и со резултат од 40,02 минути, ако учествуваше во машката трка, ќе беше деветта. Второпласираната Оливија Блажеска доцнеше шест минути зад победничката, а третопласираната Ели Радич девет минути. Во женската трка учествуваше и една туристка од Холандија, Петра Брамнедебург, па така, на трката ѝ даде меѓународен шмек. Нејзината пријава за учество во трката предизвика задоволство кај организаторите, а и меѓу гледачите.
Повторно шестгодишна пауза
И покрај желбата секоја година традиционално да го организира малиот маратон, од многуте проблеми што се појавуваа, пливачките работници често креваа раце. Едноставно, бидејќи не беа сфатени и прифатени од околината, пред сѐ од одговорните фактори, кај нив како да се гаснеше желбата за организирање на една ваква манифестација. Секогаш ќе се појавеше нешто, што ќе беше пречка и ќе оневозможеше младите таленти, особено за пливање на подолгите делници, да влезат во водите на езерото и да се натпреваруваат. Што се однесува за охридската младина, летно време таа секојдневно беше на плажите покрај езерото. Без разлика дали се работи за машко или женско, сите тие посакуваа покрај рекреативното, да има и организирано натпреварувачко пливање. Ова беше многу битно за нив, зашто така од млади години ќе знаеја дали имаат талент да се зафатат со сериозен тренинг. Ако не го знаеја тоа, само ќе живееја во заблуда и ќе беа колебливи дали да почнат активно да се занимаваат со маратонското пливање или, пак, да одат во некој друг спорт.
Токму затоа малите маратони беа неопходни. Тие беа првиот филтер на кој ќе се проценеше дали некого го бидува или не. Гледајќи низ пливачката историја, тие, пак, не беа константни и нив час ги имаше час ги немаше. Сепак, младите вљубеници во маратонското пливање веруваа во подобри времиња, кои, за среќа, со помош на настојчивите пливачки работници навистина дојдоа. Конечно малиот маратон го најде своето место во спортското живеење во градот и тој стана атракција и за многубројните туристи, кои летно време го преплавуваа Охрид.
Направив една мала дигресија, но како и да е, по шестгодишна пауза, малиот маратон го продолжи својот живот. Во 1983 година, она што го напишав погоре оти младите сакаат да се натпреваруваат и да ги одмеруваат силите меѓу себе, се покажа како точно. Имено, за овој четврти мал маратон во машка конкуренција се пријавија 32 пливача. Најмногу ги имаше од Охридски бранови, но имаше и неколку претставници од скопските клубови Вардар и Студент. Интересно е оти имаше пливачи од Скопје, Куманово и од Вевчани, кои немаа клуб и самоиницијативно се пријавија за учество во трката. Инаку, победник во овој четврти маратон беше еден претставник од големото пливачко семејство Савин, Горан. Тој на целта пристигна 44 секунди пред клупскиот другар Сашо Групчев, а со резултатот постигнат во трката, тој го собори рекордот на Чудов. Трет беше Зоран Филиповски, член на скопски Студент.
Во женска конкуренција настапија шест пливачки, а прва беше Билјана Стајковиќ од Охридски бранови со нов рекорд на патеката од 35,28 минути. Нејзината клупска другарка Елена Цицаковска беше втора, а членката на Студент, Валентина Љумовиќ, помина трета низ целта.
Од 1983 година малите маратони се одржуваат без прекини
Конечно, од 1983 година малиот маратон тргна, би рекол, по вистинската патека и тој почна да се одржува константно секоја година. Тоа беше големо охрабрување за помладите вљубеници во долгите пливања да почнат оттука, од малите маратони. Тие трки требаше да им ги дадат основните параметри на тренерите за понатаму да може да го планираат целокупниот тренажен процес. Ваквата работа ги даде и првите резултати и низ тие мали маратони се искачија многу добри пливачи. Тука беше вклучена и медицината, зашто да се издржат напорите при долгите пливања (маратоните) организмот требаше да биде здрав. Затоа, консултацијата или, пак, подобро кажано соработката на релацијата тренер-лекар беше неопходна. Веќе беа поминати оние времиња кога тренерот сам ги правеше плановите за тренинзите. Сега ситуацијата беше поинаква, зашто почнаа да доаѓаат и школувани тренери со завршен ДИФ (Факултет за физичка култура), како што на времето беше Леко Радиќ, а нешто подоцна и Димитрие Поповски-Шкипер, за жал, двајцата покојни. Тие и сите други по нив се вклучуваа во работата и не беше случајно што Македонија во светот на спортот беше препознатлива по квалитетните пливачки маратонци.
Ова продолжение ќе го завршам со имињата на најуспешните на петтиот мал маратон. Во машка конкуренција најдобар беше членот на скопски Вардар, Тони Стојкоски. Тој постави и рекорд на патеката од Горица до Охрид, 31,27 минута. Втор беше Горан Савин, кој триумфира претходната година, а трет низ целта помина Игор Сарџовски, од Вардар. Во конкуренција на девојки, за жал, ги имаше само три, прва беше Хелена Милчин од Охридски бранови. И таа постави нов рекорд на патеката, 32,35 минути. Маја Сарџовска од Вардар беше втора, а Маја Цветковска од Охрид трета.
































