Зошто на 10 и 11 ноември Абу Даби ќе биде повеќе од дипломатски центар на светот?
- Украина е територијата за која се војува, но Европа е просторот за кој ќе се преговара. Брисел стравува дека останува во чекалницата, пред
затворена врата, исклучен од кроењето на иднината на Стариот Континент
I. Абу Даби: Војната на преговарачка маса, оружјето пред врата
На 10 и 11 ноември, Абу Даби ќе биде повеќе од дипломатска адреса. Во престолнината на Обединетите Арапски Емирати ќе се сретнат претставници на Русија, Украина и на САД, во обид повторно да отворат пат кон завршување на војната. Но составот на руската делегација открива дека Москва не доаѓа само да разговара за прекин на огнот. Таа доаѓа да разговара за безбедноста, воената рамнотежа и политичките услови што би ја определиле повоената реалност. Кремљ во Абу Даби испраќа дипломати од висок формат. На чело на руската делегација е Владимир Медински, а во неа се и заменик-министрите за надворешни работи Сергеј Рјабков и Михаил Галузин, шефот на военото разузнавање ГРУ, Игор Костјуков, и високиот офицер Јуриј Жигарловски. Според Кремљ, процесот ќе го надгледува претседателскиот советник Јуриј Ушаков. Овој состав е политичка порака сам по себе.
– Присуството на искусни дипломати од кариера, разузнавачкиот врв и Генералштабот покажува дека Москва ги поврзува политичките преговори со воените и безбедносните прашања. Особено е значајно што во делегацијата е вклучен Рјабков, дипломат што ги покрива руско-американските односи и прашањата за контрола на вооружувањето. Тоа отвора простор за разговор што ја надминува непосредната украинска војна. Тука се лоцира и првата голема противречност. Украина сака безбедносни гаранции поради „можни евентуални нови операции на Русија“, додека Москва настојува да добие гаранции дека „идното европско и НАТО-уредување нема да ги игнорира нејзините барања со експанзија кон исток“. Вашингтон, пак, сака да се позиционира како посредник што може да ги доведе двете страни до договор. Но посредувањето не е исто што и гарантирањето на мирот. Едно е да се обезбеди потпис, а сосема друго е да се создаде систем што ќе спречи тој потпис повторно да стане безвреден. Затоа Абу Даби треба да се чита како преговарачка маса со три различни цели. Украина бара „безбедност и суверенитет“, Русија бара „почитување, а не кршење или заобиколување на договорените правила од страна на Брисел, во врска со повеќе прашања, вклучително и безбедносните“, а Америка бара политички договор што би го потврдил нејзиното влијание врз исходот – анализира нашиот соговорник, македонски дипломат од кариера, додавајќи дека сега вистинското прашање не е само дали ќе се постигне договор за Украина туку дали трите страни воопшто подразбираат исто нешто кога зборуваат за мир, при што заклучува дека најбитно е дали барем Трамп и Путин се на иста фреквенција.
II. Европа: Брисел под стрес дека некој друг ќе ја пишува европската иднина
Додека Вашингтон и Москва испраќаат сигнали за можен поширок безбедносен договор, Европа се соочува со тежок стрес во врска со прашањето „дали може да биде предмет на преговори за сопствената иднина наместо нивен рамноправен учесник?“
Токму тука се наоѓа политичката тежина на новата американска иницијатива. Доналд Трамп зборува за „голем договор“ што би можел да ја опфати и цела Европа. Неговиот зет и специјален пратеник Џаред Кушнер ги наведува контурите на замислената рамка како „постојани безбедносни консултации, комуникација во кризни ситуации, воена транспарентност, реципрочни мерки за намалување на ризикот од ескалација и долгорочна стабилност…“ Што значи ова и теоретски и практично?
– На хартија, ова звучи како обид за создавање механизми што би ја намалиле опасноста од нов судир меѓу Русија и Западот. Но политиката не се чита само преку вербалните формулации. Се чита и преку тоа кој ја предлага и кој учествува во нејзиното подготвување. Еве и да се потсетиме на известувањето на „Политико“ од деновиве. Медиумот направи дури и еден вид анкета со повеќе свои извори, високи дипломати од Брисел, кои се согласија дека „европските престолнини се скептични, а сојузниците во НАТО не биле однапред информирани за американските планови!“ Тоа е голем показател. Исто така, изјавата на шефицата на европската дипломатија Каја Калас дека „Путин нема право на вето врз европската безбедност“ ја разголува суштината на европската загриженост и стрес. А токму тука се судираат две дипломатски логики – вели нашиот соговорник, долгогодишен дипломат, амбасадор и аналитичар на меѓународната политика, чии предвидувања за движењето на односите на меѓународната сцена се предмет на неговите длабоки анализи и антиципации.
– Американската администрација настојува да создаде поширока рамка во која Русија би била дел од разговорот за европската стабилност. Европската логика, пак, тргнува од ставот дека безбедносниот поредок не може да биде предмет на договор меѓу големите сили над главите на државите што живеат во него. За Полска, балтичките држави и Северна Европа ова не е баш академска расправа, туку повеќе „дипломатска кнедла во грлото“. За нив, секоја формулација што би можела да се протолкува како ограничување на европскиот избор за сопствената безбедност има непосредно политичко значење. И токму затоа изјавата на литванскиот претседател Гитанас Науседа дека Европа мора да има место на преговарачката маса не е само дипломатска желба. Таа е предупредување дека Стариот Континент не може да си дозволи да биде геополитички декор во договор што ќе ја определува неговата иднина – анализира нашиот ценет соговорник.
Најголемиот парадокс е што Брисел со години ја поддржува Украина во име на „безбедноста на Европа“, а сега – кога политиките на експанзија и милитаризација, втемелени врз либералните ставови на бриселските елити, веќе се препознаваат како губитнички – стравува дека разговорите за завршување на војната би можеле да ја доведат Унијата во ситуација некој друг да одлучува за нејзините безбедносни граници, вели наш соговорник, политички аналитичар.
– Ако Украина е во центарот на војната, Европа е во центарот на прашањето што ќе остане од европскиот поредок по неа – тврдо настапува со својот став, истиот наш соговорник.
III. Мирот како компромис или како преседан: Што доаѓа по украинската војна?
Изјавата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека „целосна победа на која било страна во украинската војна е малку веројатна“ и дека „ваквите конфликти обично завршуваат со мировен договор што содржи компромис“, ја отвора најтешката тема на претстојните преговори. За тоа што всушност се крие зад зборот „компромис“, повеќе наши соговорници со кои се консултиравме, дипломати, универзитетски професори и политички аналитичари имаат слично мислење.
– Руте не зборува за капитулација, туку за реалноста на војната и за можноста нејзиниот крај да биде резултат на политичко договарање, а не на воена победа. Но зборот компромис има различно значење во Киев, Москва, Вашингтон и за европските престолнини.
За Украина, компромисот не значи дека таа „ќе биде наградена со право да се менаџира од Вашингтон или од Москва нејзината иднина“. За Русија, договорот треба да донесе апсолутно признание за нејзините безбедносни барања, на што инсистираше и пред воената операција во Украина, и дека промената на тие услови од страна на Западот всушност ги сметаше и сѐ уште ги смета за неприфатливи. За Трамп, постигнувањето договор би било „потврда на неговата способност да наметне дипломатски резултат таму каде што претходните обиди не успеаја“, а со тоа неговиот рејтинг да порасне и со атрибутот „миротворец“ – велат повеќе соговорници.
Уште неколку непознати во равенката што ќе се постави во Абу Даби
Според нашите соговорници, Руте предупредува дека и по завршувањето на борбите, Русија ќе остане да располага со голема воена сила и дека тој посакува Европа да остане да биде будна, стравувајќи од силата и намерата на Москва за понатаму.
Ова можеби е најважната разлика меѓу прекин на војната и воспоставување траен мир. Првиот може да биде договорен со потпис. Вториот бара доверба, механизми за контрола, гаранции и политичка волја што нема да исчезне со промената на владите. Дали тоа значи оти Руте признава дека во лицето на либералните европски елити е загубена довербата од страна на Вашингтон и Москва, па и од страна на Пекинг, поради тоа што долго време Брисел кон сите овие водеше т.н. политики на два колосека, со голема доза неоснована ароганција и лицемерство? Дали Руте навистина чувствува дека сите овие светски центри ја изгубиле довербата кон Европа и дека е потребен нов напор за добивање доверба, механизми за контрола, гаранции и политичка волја?! Едноставно, тоа се поклопува и со искажаното губење на довербата во европските влади и од страна на европските граѓани, кои излегуваат во сè поголем број на улица и ги искажуваат своето незадоволство и недоверба кон своите државни раководства и елити, анализираат нашите соговорници.
Понатаму, во разговорот и брифингот, соговорниците отвораат и уште некои други аспекти на равенката што ќе биде поставена во Абу Даби и таму ќе почне да се решава.
– Освен првиот гореспоменат аспект, еве уште неколку спорни предизвици. Имено, вториот ќе биде односот меѓу НАТО и Русија. Третиот – дали на европските држави ќе им се остави правото да продолжат сами да избираат сојузи и одбранбени политики. А четвртиот исто така е интересен, а тоа е, всушност, кој ќе ги контролира механизмите што треба да го спречат евентуалното повторување на војната?
Исто така, вреди да се издвои и уште една опасност што не смее да се потцени. Имено, ако договорот биде изграден првенствено околу политичките интереси на Вашингтон и Москва, а Европа остане надвор од процесот, тогаш Европа ќе мора да живее со последиците од одлуки во чие создавање не учествувала, а тоа изгледа навистина страшно за Брисел. Европа никогаш историски не се нашла во ваква состојба на политички пораз и депресија, сакала да го признае тоа или не. Го знаат тоа елитите во Брисел и ќе направат сè, ама баш сè, за да се факторизираат за иднината на Украина, а во превод тоа значи – за својата иднина, и ќе фаќаат приклучок за Абу Даби и за натамошниот процес што ќе трае – велат нашите соговорници, уште еднаш акцентирајќи ги поразителните политики на Европската комисија во повеќе сфери од своите политики: надворешна и безбедносна, енергетска, социјална, земјоделска, мигрантска итн., вклучително и политиките за проширување на ЕУ.
Затоа Абу Даби не треба да се мери само според тоа дали ќе произведе конкретен договор. Треба да се мери и според тоа дали ќе ги открие вистинските намери на учесниците. Можеби најважната лекција од овој дипломатски момент е дека Украина преговара за својата иднина, Русија за своето место во Европа, Америка за своето влијание врз светскиот поредок, а Европа за правото да не биде оставена пред свршен чин.
Војната може да заврши на украинска територија, но мирот ќе се одлучува и многу подалеку од неа. И токму затоа најголемата битка по Абу Даби можеби нема да биде за линијата на фронтот, туку за линијата на идниот европски поредок. Р.С.
































