• Главната цел на кампот е преку уметност и отворен дијалог да им се овозможи на младите луѓе од поранешните југословенски простори да зборуваат за чувствителни теми и да градат мостови на соработка

Македонската илустраторка Евгенија Трајковска ќе ја претставува Македонија на регионалниот камп за општествено ангажиран стрип и илустрација „Дер ту кер“, кој се одржува во рамките на познатиот „Фестивал на помирувањето“ во Нови Сад, Србија. Годинашното издание на фестивалот ќе се реализира од 4 до 9 ноември под мотото „Дер ту кер“.

Активна стрип-дипломатија

Учеството на македонски претставник на овој реномиран настан е обезбедено по иницијатива на здружението „Стрипот може“ со седиште во Велес. Како што информира Томе Трајков, претседател на здружението, ова е првпат македонски уметник да биде вклучен во овој престижен регионален проект, што отвора нови можности за меѓународна афирмација на домашната стрип-сцена.
– Преку воспоставената соработка со организаторите од асоцијацијата „Културанова“, успеавме да издејствуваме простор и за македонски уметник на овој камп. Евгенија Трајковска со својот автентичен визуелен јазик, кој често обработува теми за идентитетот, интроспекцијата и човечките емоции, е одличен избор за достоинствено претставување на нашата културна сцена – изјави Трајков, давател на информациите за медиумите.

Интензивна програма и работа со врвни ментори

На четиридневниот камп за општествено ангажиран стрип и илустрација „Дер ту кер“ ќе учествуваат вкупно 12 млади уметници, илустратори и стрип-автори на возраст од 18 до 35 години. Покрај македонската претставничка, на кампот учествуваат селектирани учесници и учеснички од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и од Црна Гора.
Во текот на кампот, учесниците ќе работат под менторство на докажани регионални уметници: како Јана Адамовиќ – позната српска стрип-авторка и илустраторка со меѓународна кариера – и Милош Докановиќ – илустратор и визуелен уметник.
Тие ќе ги водат младите низ процесот на визуелно раскажување и развивање приказни што промовираат емпатија, соочување со минатото, изградба на мир и општествена одговорност.

Големо финале на трибината „Стриполитика“

Стрип-таблите и илустрациите што ќе ги изработат Евгенија Трајковска и другите учесници за време на кампот ќе бидат јавно презентирани пред новосадската публика на специјалната фестивалска трибина „Стриполитика“, која ќе се одржи за време на викендот на 7 и 8 ноември.
„Фестивалот на помирувањето“ е организиран од страна на асоцијацијата „Културанова“ од Нови Сад, во соработка со партнерските организации „Хартифакт“, „ПроПис“, „Јут кер фор чејнџ“ и „Рипортинг диверсити нетворк“. Главната цел е преку уметност и отворен дијалог да им се овозможи на младите луѓе од поранешните југословенски простори да зборуваат за чувствителни теми и да градат мостови на соработка.