Елена Ончевска Агер и Метју Агер, автори на „Телото ми кажа“

„Телото ми кажа“ од Елена Ончевска Агер, со илустрации на Метју Агер, е издание на „Артконект“, наменето за деца над четири години. Промоцијата на книгата е закажана за 14 ноември, од 18 часот, во „Аудиокултура“. За книгата ќе зборуваат писателите и универзитетски професори Владимир Мартиновски и Калина Малеска.
Елена Ончевска Агер е универзитетска професорка по методика на настава, чиј истражувачки интерес е професионалната рефлексија. Исто така, таа блогира на теми од образованието. „Телото ми кажа“ е нејзин прв ракопис од областа на белетристиката. Книгата произлезе од разговор со нејзината шестгодишна ќерка, кој укажа на значајната улога на рефлексијата во секое учење, и кај децата и кај возрасните.
Метју Агер е илустратор на „Телото ми кажа“, негова прва книга за деца, создадена заедно со неговата сопруга и соработничка Елена. Роден во Велика Британија, веќе шеснаесет години живее во Македонија. Тој е математичар што проучувал како настануваат ѕвездите, софтверски инженер и дизајнер со петнаесетгодишно искуство, а во поново време независен истражувач на областа филозофија на образованието.

Што беше главниот поттик да ја напишете сликовницата „Телото ми кажа“?
Елена: „Телото ми кажа“ е приказна заснована на вистински настан. Eдно мало девојче, прваче, по име Кира, не сака да игра со Калин. Училишната средина го прогласила Калин за различен од другите и упорно ѝ вели на Кира, преку гласот на „телото“, да не игра со него. Оттука и насловот на книгата, „Телото ми кажа“. Сепак, љубопитноста ја тера Кира сама да ја провери таа оценка на средината.
Приказната за внатрешната борба на Кира долго не ми излегуваше од глава и решив да ја ставам на хартија. Откако ја прочитаа блиски луѓе и им се допадна, се охрабрив да ја споделам и со пошироката јавност, со надеж дека ќе сепне уште некого како што ме сепна мене.
Приказната на Кира, впрочем, е приказна и за возрасните – особено за оние што се грижат за деца: родители, роднини, наставници – за тоа како размислуваат и учат децата, и колку е потребно и важно да го преиспитуваме она што мислиме дека го знаеме. Во свет што станува сѐ пополаризиран, во кој возрасните се сѐ посигурни во своите позиции и престануваат да се преиспитуваат, оваа приказна е еден детски потсетник за важноста и моќта на преиспитувањето.
Друга мотивација беше желбата да придонесам во полето на детската литература. Имам впечаток дека преовладуваат лесни и игриви книги за деца, и тие се важни, но сметам дека има простор за посериозни содржини, а децата се и тоа како подготвени за нив: им се случуваат „сериозни“ работи, размислуваат за нив, имаат внатрешни борби, пробуваат нови нешта поради нив, раскажуваат за нив. Забавата е важна, за децата и за сите нас, но на децата им требаат разновидни стимули за многубројните потенцијали што ги носат во себе – забавата е само еден од нив.

Преку ликот на Кира се допира една многу важна тема, за тоа како децата несвесно преземаат предрасуди од околината. Колку е важно уште од најрана возраст отворено да се зборува за прифаќањето на различностите?
Елена: Отворениот разговор за различностите е важен; мајката ја поттикнува Кира да игра со Калин, но приказната ни кажува дека тоа не е доволно. Можеби тоа што Кира го знае ставот на мајка си ѝ дава насока, но не е пресудно за таа да преземе нешто. Како наставник, ова ми е познато и од училницата: вистинското учење ретко почнува од објаснување. Учиме кога нешто што не го очекуваме ќе нѐ сепне, ќе предизвика некоја емоција во нас – дури тогаш вистински сме подготвени да размислуваме, да разговараме, да изреагираме во врска со тоа. Учиме искуствено, како што ни покажува и Кира. Разговорот е моќен кога има нешто искуствено за кое ќе може да се „закачи“; без тоа, зборовите може воопшто да не допрат до нас.

Насловот и централната тема на книгата упатуваат на тоа дека децата го „слушаат своето тело“. Како комуницира телото со децата? Како овој концепт им помага на најмладите подобро да ги разберат сопствените емоции?
Елена: „Телото ми кажа“ се точните зборови на детето што првично ја раскажа приказната кога мајка ѝ ја праша зошто не игра со Калин. Телото ѝ го зборува на Кира она што таа го слуша од другите деца: со Калин не играме. Во приказната, Кира учи дека треба внимателно да слуша, бидејќи не сѐ што ќе ѝ каже телото е добро за неа или за другите околу неа.
Можеби тактиката „Телото ми кажа“ ќе им користи и на други деца, да можат да зборуваат за своите внатрешни борби од одредена дистанца („телото кажува, не јас“). Можеби така ќе се чувствуваат помалку ранливо кога се доверуваат за лични теми. Под услов тоа да не стане изговор за „ќе си правам како што си сакам (т.е. како што ми кажува телото)“. Но, и тоа може да биде корисно, бидејќи ни кажува дека детето само (по)слушало, не дека слушало внимателно и критички, што пак може да претставува нова искуствена подлога за разговор и реакција. И така, учењето никогаш не престанува.

Како изгледаше процесот на коавторство меѓу вас двајца при создавањето на оваа приказна? Како ги усогласивте идеите, емоциите и пораките што сакавте да ги испратите?
Елена: Двајцата бевме обземени од детската приказна што допре до нас и долго разговаравме за неа. Ја процесиравме на различни начини: јас ја напишав најверно што можев, а Метју ја нацрта сликата што сега е последна илустрација во книгата. И оттука почна сѐ, приказната го движеше процесот, а процесот беше отворен и понекогаш нѐ изненадуваше и нас самите. На пример, некои од скиците на Метју прераснаа во колажи, па во нивната изработка се вклучивме како семејство. Така, минавме неколку викенди во сечење и лепење мали парченца хартија – искуство што ни покажа како еден уметнички проект може да биде повод за заедништво и поврзување на различни генерации, но и за учење за и со другите. Како наставник, верувам дека уметноста може и треба да биде медиум за различни видови учење.

Како пристапивте кон визуелното обликување на Кира, Калин и нивниот свет? Кои беа најголемите предизвици при претворањето на емоциите и пораките од текстот во слики?
Метју: Визуелниот свет на книгата е инспириран од луѓето и местата околу мене, особено од оние моменти „извадени од контекст“, кога ќе здогледате некоја блиска личност во нејзиниот свет, без директно да комуницира со вас – на пример, кога си игра на другиот крај од собата, кога слегува од автобус, кога оди по патеката кон училиштето. Постои еден праг што го преминуваме во односите со луѓето, местата и предметите, кога тие од туѓи и речиси како од друг свет, стануваат познати и блиски. Преминувањето на ваквиот праг не е само миг; тоа може да се види ако се набљудува доволно внимателно. Можеби преку сликарството и преку фотографијата човек учи да забележува такви работи. Луѓето надвор од најблискиот круг никогаш не го преминуваат тој праг и остануваат, во извесна смисла, туѓи. Нивните животи не ги гледаме, па празнините ги пополнуваме со она што го знаеме, често со сопствените искуства, а тоа е директно поврзано со емпатијата.
Контекстот е моето секојдневие – патувањата до училиште и назад, некогаш со автобус, некогаш со автомобил, па од автомобилот го гледаме автобусот. Возиме нагоре па надолу по кривулест пат, така што автомобилите пред нас исчезнуваат и повторно се појавуваат, малку како во шпицата на цртаниот филм на Би-би-си „Поштарот Пат“ (Postman Pat, 1981), кој го гледав како дете – еден мек, едноставен и безбеден свет.
Детската илустрација и анимација, кога е добра, заедно со детето ги гради претставите за нештата што се „како од друг свет“. За да остави простор за учеството на детето, илустрацијата не треба да биде пререалистична – треба да навестува, без сѐ да кажува. На тој начин им пристапив на Калин и на другите ликови во приказната, вклучително и на лего-фигурите, бидејќи за децата границата меѓу другарите-деца и другарите-играчки не е толку реска. Ликовите во приказната, дури и лего-фигурите, немаат лица – освен во еден единствен, нагласен момент: моментот кога Кира сфаќа нешто многу важно.

Според вас, колку илустрацијата во сликовниците може да влијае врз развивањето емпатија кај децата, особено кога се обработуваат вакви чувствителни социјални теми?
Метју: Мислам дека тоа што ликовите немаат лица им помага на децата сами да ги пополнат празнините и полесно да се поврзат со ликовите, а и да ги поврзат ликовите со личности од нивните животи. Ликовите без лица го прават истото што и животните во многу детски книги: не му ја наметнуваат на читателот замислата на илустраторот, па читателот го „пополнува“ лицето по сопствена замисла. Илустрациите исто така одат по тенката линија помеѓу сериозноста на реалните општествени теми и нежноста потребна во комуникацијата со деца. На пример, сцените од птичја перспектива се прецизни и во размер, но се направени со исечоци од хартија, акрил, картон, лепило и шевови. Тоа се колажите што ги спомнува Елена, на кои работевме како семејство. Сличен контраст се гледа во меките бои на зората и самракот, наспроти трагите од потезите на четката, гребнатините и други остатоци од процесот на сликање што намерно ги оставив за да отворам простор за имагинација. Така, илустрациите можат да значат различни нешта за различни деца и возрасни.
Сметам дека луѓето, а особено децата, градат форми од шарите на своите сложени животи: сеќавањата од денот остануваат како минливи шари и фрагменти, а приказните што децата ги склопуваат од нив – преку рефлексија, преку игра или додека сонуваат – стануваат нови форми, можеби не многу верни на реалноста, но силно поврзани со нивното јас. Децата се многу посвесни, забележуваат повеќе и разбираат повеќе отколку што ни се чини; честопати тие разбираат сложени, нелинеарни теми со необична јасност. Децата го гледаат светот на свој начин. Илустрацијата, направена од некој друг, ја поврзува нивната интуиција со реалниот свет, а тоа им помага да почувствуваат цврсто тло под нозете – кога мислите им стојат на цврсто тло, стојат и тие – и смело да продолжат да истражуваат и да комуницираат со светот околу себе.