Третпат неделава лажни дојави за поставени бомби го нарушија европскиот воздушен сообраќај, а само денеска 27 патнички авиони беа пријавени како цел на безбедносни закани.
Дојавите за поставени бомби предизвикаа прекини во воздушниот сообраќај, принудни слетувања, пренасочувања на летови, итни слетувања и безбедносни проверки, иако досега не се пронајдени експлозивни направи.
Ниту една земја или група нема преземено одговорноста за заканите, но тие доаѓаат во време кога европските претставници ја обвинија Русија за оркестрирани саботажи и „хибридни“ напади.
„Борци на машката држава“ потписник на две лажни дојави за поставена бомба
Една од лажните закани за поставена бомба во авион беше испратена по електронска пошта до аеродромот „Софија“ во Бугарија, била потпишана од „Борци на машката држава“, јави Бугарската новинска агенција (БТА).
Но, не е наведено на кој јазик била лажната закана.
– Ние, „Борците на машката држава“, ќе влеземе во историјата со нашите денешни постапки. Вашиот феминистички режим ќе нè памети засекогаш. Експлозијата ќе се случи за 60 минути. Денеска вашето небо ќе стане црвено, се наведува во електронската пошта испратена до аеродромот „Софија“, во која увид имаше и Француската новинска агенција (АФП).
Претходно, Италијанската новинска агенција (АНСА) објави дека „Борците на машката држава“ испратиле слична порака до аеродромот „Фјумичино“ во Рим. Пораката била напишана на италијански јазик.
– Сите вие сте соучесници во криминален заговор. Сакаме да ве уништиме поради тоа. Вашиот феминистички режим ќе го памети ова засекогаш. Експлозијата ќе се случи за 60 минути. Денеска вашето небо ќе биде црвено, пишувало во пораката испратена до аеродромот „Фјумичино“ во Рим.
Во Русија постои радикално ултрадесничарско Движење „Машка држава“, кое користи нацистички симболи. Има илјадници членови и ја поддржува војната против Украина. Но, сè уште не е познато дали Движењето стои зад лажните закани за поставени бомби во авионите.
Принудни слетувања, пренасочувања и безбедносни проверки
Заканите со бомба денеска влијаеја на три лета на „Рајанер“ до Бугарија – лет од Мадрид до Софија, лет од Копенхаген до Софија и лет од Лондон до Софија, кој беше пренасочен кон Пловдив.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, од грчката авиокомпанија „Ејџијан ерлајнс“ потврдија дека биле известени за закана за бомба во два лета, едниот од Солун за Милано, а другиот од Атина за Виена, а во соработка со надлежните органи, биле спроведени сите предвидени безбедносни протоколи.
По завршувањето на процедурите и откако беше потврдено дека заканата е неоснована, летовите полетаа од наведените аеродроми. Безбедноста на нашите патници и екипажи е и ќе продолжи да биде наш највисок приоритет, соопшти „Ејџијан ерлајнс“.
Авион „Ербас А321“ на авиокомпанијата „Виз ер“, кој полета од Милано, а крајна дестинација му беше Варшава, принудно слета во Виена поради закана од поставена бомба.
„Финските авиолинии“ соопштија дека закана за поставена бомба била упатена и за нивен авион што летал од Хелсинки кон Виена. Летот го реализирала авиокомпанијата „Џетајм“, а авионот слетал на аеродромот во Виена според планираниот распоред.
„Финските авиолинии“ соопштија и дека била упатена закана за поставена бомба за нивниот лет од Хелсинки кон Рим, кој бил придружуван од борбени авиони на италијанските воздухопловни сили до крајната дестинација, аеродромот Фјумичино во Рим.
И четири авиони што летале кон Прага добиле закани за поставени бомби. Чешката полиција соопшти дека се подготвува за нивното слетување, како и оти е мала веројатноста заканите да бидат реални.
На францускиот воен аеродром во Евре, кој се наоѓа на околу 100 километри северозападно од Париз, слетал авион на ирската авиокомпанија „Ер Лингус“, кој реализирал редовен лет од Даблин кон Рим. Од авионот биле евакуирани вкупно 151 патник и шест членови на екипажот.
Авион на „Ер Србија“ кој сообраќал од Белград до Букурешт по добиената закана за поставена бомба безбедно слета на меѓународниот аеродром „Анри Коанда“, патниците беа евакуирани, а леталото беше проверено, но не беше пронајдена експлозивна направа
Шпанската цивилна гарда објави дека три закани за бомба биле примени преку електронска пошта, кои влијаеле на шест летови на аеродромот Мадрид-Барахас, вклучувајќи четири лета на „Иберија Експрес“ од Рим и Милано и два лета на „Ер Европа“ до Париз.
Саботажи или хибридни напади?
Сè уште не е познато дали дојавите за подметнати бомби се поврзани, а за ниту една закана не е пронајден сторителот. Ваквите напади обично се евтини, лесни за негирање и најверојатно нема да предизвикаат вооружен одговор.
Директорот за безбедност во консултантската компанија за воздухопловство „Дијами секјурити интелиџенс“, Ерик Шутен изјави дека поголемиот број земји кои примиле дојави ја поддржуваат Украина.
– Мислам дека од геополитичка перспектива, секогаш треба да се земе предвид сценариото за хибридна војна, каде што една земја нè напаѓа … на повеќе фронтови, од железници до супермаркети до банки за крв, како што се случи неодамна. Енергетскиот сектор, интернет секторот, воздухопловниот сектор се исто така меѓу целите. Денес зборуваме за Русија, нели? – наведе Шутен.
Додека европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам Апостолос Цицикостас изјави дека сè уште е прерано да се каже дали дојавите за поставени бомби, што денеска го нарушија воздушниот сообраќај, се меѓусебно поврзани.
– Секоја закана насочена против цивили е неприфатлива, објави Цицикостас на Икс, додавајќи дека е „прерано да се извлекуваат заклучоци дали случаите се поврзани“ , пренесува МИА.

































