Дали доколку социјалниот инженеринг се замени со технолошки инженеринг човекот ќе почувствува некаква промена или само ќе има поинаква форма на интернализиран надзор? Идејата за човечката генијалност, неповторливост и оригиналност на индивидуално рамниште е често убедување, кое во голем број научни теории се демантира преку тврдењата дека човекот е производ на својата околина. Еден од суштинските парадокси пред кои ве поставува теоријата за општествениот детерминизам е дали Никола Тесла би бил таа историска личност доколку се родел во 13 век во Сомалија.
Фројд вели дека човечката психологија, особено на когнитивно (свесно) рамниште, е составена од суперегото, кое пак значи повнатрешена социјална норма восприемена како резултат на живеење во една социјална заедница. Моралот, потребата да се разликува доброто од лошото, што треба, а што не треба да се направи е впрочем работа на притисокот на суперегото или прозаично Фројд би рекол тоа се твоите внатрешни „мајка и татко“. Во идејата за таткото, Фројд ја наоѓа и генезата на идејата за бог, а во „таткоубиството“ ја наоѓа примарната причина за епилепсијата кај Достоевски. Дека општествениот инженеринг има толку силна факторизација во создавањето на човечкото битие покажуваат и примерите од културната антропологија преку кои две близначки што израснале во изолација од социјална средина, помеѓу животни во шумата (примерот за Амала и Камала), не можеле да проговорат, да носат облека, да комуницираат со другите, ниту да имаат нормални навики, како спиење во кревет на перница, јадење со виљушка и сл. И покрај години напори на научниците и лекарите да ги социјализираат, Амала и Камала никогаш не станале ниту слични на човечките суштества, тие имале манифестно однесување на животни што испуштаат звуци и одат на четири нозе.
Психологијата признава и учење преку неколку модели, преку условен рефлекс, преку обиди и грешки и социјални модели на учење, какви што се имитацијата и идентификацијата. Третиот облик на учење го создава веќе препознатливото однесување за средината, јазикот кај детето и неговите основни социјални навики. Животните исто така учат на база на условен рефлекс и обиди и грешки, но социјалното учење во сложена и софистицирана варијанта постои само кај човекот и токму тоа го разликува од сите други животни.
Прашањето што сега се поставува е до која мера човекот навистина е слободен и автентичен, а во која мера е производ на својата средина? И доколку овие теории се докажани низ клиничката пракса на Фројд и научните истражувања на когнитивните психолози, за која загуба на автентичноста кај индивидуалецот или човештвото генерално говориме под влијание на технолошкиот напредок? Дали станува збор за суштинска промена доколку улогата на родителот во социјалниот инженеринг ја преземе имплант што треба да ги развива нашата внатрешна самоконтрола и смирување на реакциите?
Во научнофантастичното сценарио, имплантот ја презема улогата на забраната. Човекот веќе не си вели „не смеам да избувнам“, бидејќи технологијата го прекинува гневот пред да го почувствува. Она што останува како нова дилема е дали внатрешната социјална норма сепак може да се прекрши како резултат на слободна волја, додека имплантот би бил многу попрецизен во сузбивање реакции што би се толкувале како потенцијално опасни и непожелни. Дали слободната волја би била аргументот зошто социјалниот инженеринг сепак би го сметале за помало зло кон човечката оригиналност само затоа што постои мал претпоставен простор за слободна волја, која во алгоритамското општество на голема прецизност би се читала како „дефект или грешка“?
Можеби затоа клучното прашање е дали човекот ќе ја задржи можноста да го преиспита она што го обликува и да има можност да го согледа од извесна дистанца. Ако имплантот го отстранува секој немир, гнев и бурна реакција на пример на неправда, тогаш може да ги отстрани и незадоволството од неправдата, сомнежот во авторитетот и поривот за промена.
Мирноста во таквиот свет би можела да стане совршена приспособеност кон услови што никој повеќе не ги доведува во прашање. Човекот би се чувствувал слободно, а сепак би ја изгубил способноста да посака нешто надвор од дозволеното. Доколку има ограничувања во посакувањето, дали тогаш навистина би бил слободен и дали самото чувство дека некој е слободен е доволно легитимно тој и да биде тоа? Дали човек што цел живот живее во ропство и не ја почувствувал слободата знае дека треба да посака нешто поинаку или му е сосема доволна неговата позиција на познатото живеење?
Можеби последниот бастион на слободата ќе биде токму можноста да го почувствуваме немирот и самите да одлучиме што ќе направиме со него.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов
































