Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во рамките на работната посета на Брисел, оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на која ја реафирмирала посветеноста на државата кон Алијансата и принципот на колективна одбрана.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката, Силјановска-Давкова истакнала дека сојузничкото единство и силната трансатлантска врска се темелни предуслови за безбедноста на земјите членки.
Таа ја потврдила определбата на државата за достигнување на целта за издвојување средства за одбраната, согласно Хашкиот план, нагласувајќи дека континуирано се инвестира во модернизацијата на Армијата, сајбер-отпорноста, новите технологии и заштитата на критичната инфраструктура.
Посебен акцент на средбата бил ставен и на стратешкото значење на транспортните Коридори 8 и 10. Според претседателката, тие не се само инфраструктурни проекти, туку стратешки правци кои ја поврзуваат регионалната соработка со безбедносните интереси на НАТО и Европската Унија, особено во контекст на воената мобилност.
Силјановска-Давкова изразила задоволство од сертификацијата на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена, оценувајќи го тоа како потврда за професионалноста и способностите на Армијата да придонесува во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ОН.
– Повикувајќи се на искуството од членството во НАТО, таа укажала дека исполнувањето на високите сојузнички стандарди треба да биде пример за доследна примена на Копенхашките критериуми во процесот на европска интеграција – наведуваат од Кабинетот на претседателката.
На средбата била реафирмирана и поддршката за Украина, како и потребата од продолжување на политичката, воената, финансиската и хуманитарната помош, во духот на сојузничката солидарност.
Според претседателката, сеопфатниот, праведен и траен мир мора да се темели врз меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации. Доследното почитување на овие принципи, како што посочила, е неразделно од зачувувањето на меѓународниот поредок.
































