Ни едно земно општество не може да се одржи без нееднаквост
меѓу луѓето – Мартин Лутер
Застанавме на Лутер и продолжуваме со него. Имено воленс-ноленс, драг читателу, тој се вклопува макар и неочекувано и шокантно (мислам и за неговите протестантски следбеници) во тезата на нашата колумна за вечниот образец на робовладетелството, кој го сретнуваме и во главите што важат за реформаторски и блиски до божјата правда за еднаквост меѓу луѓето. Тоа е концептот на слуги (робови) и господари (робовладетели). Тоа е образецот што се реализира во многу варијанти и варијабли, но сите го изразуваат него, во поблага или во посурова форма. Примерот со Лутер е дури и идеален за илустрација на тоа. Да го оправда своето застанување зад богатите Лутер употребува лукава демагогија, велејќи им на селаните дека и Светото писмо го оправдува робовладетелството со фактот што и Аврам имал робови, како и некои други библиски авторитети. Тука бил многу нечесен, бидејќи ако добро го разбирал Христос можел наместо тоа да им го даде како негов следбеник примерот со неговото миење на нозете на апостолите и концептот на понизноста (не понижението) во кој секој секому му е слуга, единствениот начин, логички, секој така да биде и господар. Тоа е една од најважните пораки на Христос упатени кон човекот, и тоа при крајот на неговиот земен живот, на Тајната вечера.
Но Лутер се направил наудрен и го одбегнал тоа, шансата да се покаже во христолика светлина. Во неговата контроверзна личност имало сериозна пукнатина. Од една страна, како некој типичен западен Буда, но далеку од есенцијата на будизмот, тој се залагал за укинување на индивидуалното јас со чувство на безначајност и понижение како услов да се освои божјата љубов, а од друга во некои ситуации, како во примерот со селанската буна се покажува во светлото на автократ. Со таквиот аспект и по повод неговиот став кон селанското востание во Германија, кон селаните и благородниците се занимавал и Ерих Фром во неговата знаменита книга „Бегство од слободата“. Тој со дебела црта го подвлекува неговиот авторитарен карактер кога вели: „Стравопочитување и љубов кон авторитетот има и во политичките убедувања на Лутер“. Иако се борел против авторитетот на црквата, иако оправдано се лутел на новата богата класа, и макар до извесна мера ги поддржувал револуционерните стремежи на селаните, тој на најгруб начин барал потчинување на световните авторитети, кнезовите. Во потврда на тоа, Фром го цитира самиот Лутер, кој вели: „Дури и ако оние на власт се со ’рѓа или безбожници, власта и нејзината моќ се сепак добри и потекнуваат од Бог… Бог попрво би го оправдал постоењето на државата колку и да е лоша отколку да дозволи џганот да се разбесни колку и да имал право за тоа. Кнезот треба да остане кнез колку и да е тиранин тој. Тој само нужно на некои им ги сече главите, бидејќи владетелот мора да има поданици“.
Навистина страшно, драг читателу, и им се чудам на протестантите што се следбеници на еден таков водач, кој нема ништо заедничко со Христос. Сепак тоа си е нивна работа. Но во тој правец Фром продолжува да ја разобличува моралната хипокризија на Лутер. Вели: „Друг вид на неговата љубов и неговата почит кон авторитетите се огледува и во неговата омраза и презир кон немоќните маси, ’џганот‘, посебно кога нивните револуционерни обиди преминуваат некои граници“. Во еден од своите текстови тој ги испишува прочуените зборови: „Затоа, кој може нека удира, убива и коле, кришум или отворено, знаејќи дека ништо друго не може да биде позаразно, поубиствено и попеколно од бунтовникот. Токму како човекот да убива бесно куче: ако ти не го нападнеш него, тоа ќе те нападне тебе, па така и целата земја“.
Тоа. А ти гледаш, драг читателу, на чија страна е Лутер. На страната на послабите, немоќните и сиромашните или на страната на богатите на кои им го дава мечот да ги колат нив. Тука во него нема ништо христолико, само канибалистичко и дарвинистичко. Како она на Хобс: „Homo hominis lupus“, формулата што може да се стави како мото на протејскиот образец на робовладетелството, кој во разни варијанти и варијабли маршира перпетуум мобиле од доцниот неолит кога се појавува тоа, па сè до денес. Сè до „демократската“ перверзија на либерализмот на исто така перверзната западна колонизаторска цивилизација со дарвинистички сурат и карактер, кој во поновата историја го чувствуваме веќе столетие и кусур и ние Македонците со редицата геноциди врз нас.
Да. Туку ние, драг читателу, сепак го зедовме селанското востание во Германија од 1525 година како една карактеристична точка од циклусите на робовладетелството и неговите протејски обрасци што опстојуваат жилаво и понатаму и покрај сите буни, востанија и револуции на незадоволните од тоа, ама попусто, историското искуство покажува, како што би рекол и мојот Филип, дека тој образец е метафизички и не се менува. Робовладетелските циклуси, за жал, ги обликуваат историјата и егзистенцијата на човекот по нивна волја. Не знам што би рекол во врска со тоа Шопенхауер, драг читателу. Така, иако постоеле нијанси, некогаш видливи, а некогаш вешто маскирани, образецот на робовладетелството опстојувал од антиката до денешни дни. И таман ќе помислиме дека работите малку се измениле пак ќе се појави актуелноста на робовите, некогаш во првобитен најсуров, а некогаш во пософистициран облик, сè до негово маскирање со маската на божем апсолутната „демократија“ што ја понуди лукаво во нашето време либерализмот, а всушност таа почнува со лов по робови за остра диференцијација на класите што го обликуваат системот на модерниот капитализам. Таков е случајот кога потребата за работна сила во американските колонии ја обновува според образецот на антиката и трговијата со робови позната во Римската Империја. Така од 1517, по Колумбо, наваму почнува да цвета ловот на црнци во Африка и нивен транспорт на плантажите на богатите Американци, на фармите на Англосаксонците, кои убиле 15 милиони домородни Индијанци за да им ги земат земјата и богатите ловишта. Тоа довело до опустошување на многу области во Африка и систематско уништување на нејзините домородни култури и антрополошко осиромашување на светот. Тука човекот на западната цивилизација за таа цел го користел и христијанството за насилна асимилација на потчинетите за кои Черчил мисли дека се ставени од варварски во демократски „стабилни системи“. А всушност, драг читателу, тоа унифицирање на светот по западен терк, замотан во „демократски“ целофан според западен асимилаторски образец, претставува современ тип робовладетелство.
Додуша, во таа цивилизација со силна култура, наука и технологија во однос на преостанатиот свет, искористени и како алатки за нејзиниот варварски нагон за материјално и друго пљачкање во нејзините колонизаторски походи, се јавувале одвреме-навреме и космополитски идеи за културолошко и хуманистичко братство меѓу народите, она што била планетарна идеја и на античките Македонци. Така, во таа смисла и во тој правец на визија се и двете француски револуции (1879 и 1845) по кои, по многуте пресечени глави, излегува на површина лозинката „Слобода, братство, единство“ за сите народи и за секоја единка во нив. Но таа идеја траела многу кратко и беше уништена од нагонот на моќната цивилизација за материјално и културно пљачкање на туѓи народи, па така и продолжи линијата на колонизаторското робовладетелско владеење со светот.
Робовладетелството и неговата приказна, драг читателу, е екстремно долга и неа тешко може да ја раскаже и Шехерезада. Таа нè стаса нас како нејзини врсници со концептот на либерализмот на капиталот и капиталистичкиот систем со неговите маскирани во софистицирана лага човекови права и слободи, а сè со цел и понатаму да продолжи во нов протејски облик владеењето на робовладетелството на чија страна, како што видовме застана и Лутер по германското востание со неговиот дециден антихристов став, што е и мото на нашата колумна: „Ни едно земно општество не може да се одржи без нееднаквост меѓу луѓето“. Но какви се тие права и човекови слободи што ни ги нуди целофански либерализмот во стилот абракадабра како опиум да нè маѓепса и да нè оттргне од модерно софистицираната слика на новото робовладетелство, кое во својот образец, ако добро размислиме и ги повлечеме исправно аналогиите, и не се разликува многу од робовладетелството во Римската Империја. Таму во колосеумот, како забава на аристократската робовладетелска класа, ги фрлале робовите гладијатори во устата на ѕверовите. Во капиталистичкиот систем е истото, само во перверзно еуфемизиран облик. Имено, како што го анализираше до детаљ сјајно тоа Маркс, модерните робови, односно работничката класа исто така е фрлена во новиот цивилизациски колосеум во устата на ѕверот што сега е оживеан во ликот и делото на капиталот, новиот на прв поглед апстрактен, но во суштина многу конкретен ѕвер.
Тука сум веќе при крај, поради ограниченоста на просторот, на нашата бескрајна тема поставена и во насловот на нашата колумна. Западниот либерализам сега-засега како најнов крик на робовладетелскиот систем што управува со изгубениот во него човек како безлична статистичка цифра на масите што го одржуваат него. Тој мимикриски и перверзен систем првин ги урна сите здрави антрополошки вредности воспоставени и од Создателот, ставајќи го човекот во антрополошка агонија во која тој дури не може да го препознае својот род на маж и жена, нудејќи му трета и четврта варијанта во која може да биде и едното и другото и трето и четврто итн., со што е надмината библиската слика на слободата на развратот на Содом и Гомор од кој бега за да ја спаси својата душа праведникот Лот заедно со жена си и двете ќерки, кои им ги понуди за задоволство на развратниците, за да ги спаси неговите гости ангелите што ги пратил Господ кај него за да направат записник за развратот во Содом. Е, сфати ли, драг читателу? Налик на библискиот Содом е и денешната либералкапиталистичка цивилизација во која се користат сите средства, но не во облик на конкретна туку на перверзна невидлива мимикрија, за да опстои и понатаму витален образецот на робовладетелството. Сè им е притоа на располагање на богатите (робовладетелите/капиталистите) за манипулирање на човекот/модерен роб на капиталот и масата во која обезличен е втопен тој. Тука во игра е и модерната технологија, посебно и со вештачката интелигенција, која конечно го заведува технолошкото ропство на човекот и човештвото, и тоа, драг читателу, како што веќе се покажува, а што ќе се покаже допрва, е во служба на капиталот и капиталистите со нивните дарвинистички корпорации со колонизаторски нагон за материјално пљачкање на послабите и посиромашните, како и за опустошување на човечката индивидуа и душа.
Така. Тука сега малку застануваме, драг читателу, да земеме здив пред епилогот на темата на нашата колумна робовладетелството како perpetuum mobile образец на човековата егзистенција од прастари времиња до денес. И секогаш, тоа е важно, робовладетелите, господарите, изнаоѓале начини како да го одбранат во своја полза тој систем на владеење. Тука секогаш била употребувана силата што главно го очувувала системот, како што е тоа случајот и со селанското востание во Германија во 1525 година, кое го зедовме како илустрација за нашата (хипо)теза. Задушувањето, пак, на секој обид да се наруши тој систем и денес почива на силата, иако сега таа не е секогаш, освен парцијално, во употреба, туку се употребуваат многу пософистицирани методи за заплашување на евентуалните бунтовници (денес тоа е работничката незадоволна класа), дури и предвремено, пред да почне бунтот. Денес тие методи се страшно софистицирани и перверзни и не постојат никакви услови, на пример, за повторување на моделот на руската Октомвриска револуција од 1917 со комунизмот од кој, при самото негово спомнување му мрзне крвта на западниот капитализам. И денешната русофобија кон која глупаво се залепи и нашата политика е резултат на таа омраза. А последниот голем заводник на светската пролетерска револуција Че Гевара, како превентива од неа беше убиен како куче од агентите на длабоката држава што го брани модерниот робовладетелски систем во шумите на Боливија. Но стравот од револуција за социјална правда со која капиталот од богатите исцицан од крвта на работничката класа (Маркс добро го објасни тоа крвоцицање) ќе им се врати на оние што го создале него ‒ работниците. А тие не се глупави; колку и да се замајувани со некаквиси божемни човечки права, додека на сметка на тоа им се крати егзистенцијата, знаат понекогаш да се побунат и да кренат глава, како што се случи тоа со „жолтите елеци“ во Франција. Тој бунт беше мошне жесток со тенденција да пламне низ просторите на капиталот и капиталистите, кои ги штити чадорот на таканаречената длабока држава со сите нејзини платени инструменти да не се дозволи тоа. Да. Па така наскоро по „жолтите елеци“ се појави како резултат на тоа и пандемијата на корона-вирусот, кој го фрли во агонија човештвото, зомбирајќи го и гаснејќи го елан-виталот кај работничката експлоатирана класа за каква било и помисла за некаков социјален бунт што ќе ги загрози капиталот и неговите крупни господари.
Тука сме на самиот крај на нашата збита приказна за робовладетелството и неговото протејско, мимикриско преживување и подмладување низ историјата од епоха до епоха. А ти, пак, гледам ме прашуваш дали има некои знаци од тој систем сега и во нашата жална Македонија и ми бараш пример за тоа. Па еве, генерално речено, драг читателу, тоа е дивеењето на корупцијата во политиката и надвор од неа во круговите блиски до неа. Па на крајот и она самопокачување на политичарите на својата плата за 78 проценти наспроти општата народна сиромаштија е, за оние што знаат да читаат знаци, одблесок на еден софистициран робовладетелски систем. Остра но дијагностичка и праведна формулација. Nocturno. De profundis. Memento mori.
































